Трново (Преспанско)
поранешно село во Преспа, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Трново (грчки: Αγκαθωτό, Анкатото; до 1927 г. Τύρνοβο(ν), Тирново(н)[1]) — поранешно село во Преспанско, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Преспа на Леринскиот округ во областа Западна Македонија, Грција. Сè до неговото растурање по Грчката граѓанска војна било населено исклучиво со Македонци.[2]
Оваа статија се однесува на поранешно село во Преспа. За истоименото костурско село во истата општина, погл. Трново (Костурско).
Remove ads
Географија
Остатоците од селото се наоѓаат на југозападниот брег на Малото Преспанско Езеро, на 2 км од државната граница со Албанија. Местото се граничи со Граждано и Дробитишта на север, езерото на исток и југ, и албанската граница на запад, каде се сместени селата Шуец и Ракицко од областа Мала Преспа.[3]
Атарот зафаќал површина од 8 км2, од кои дел отпаѓаат на рамно крајезерско обработливо земјиште, а дел на ридско-планински карстни предели прекриени со дрвја како даб, зеленика, фоја, јасен, леска, дрен, габер, смрека и др. Има пасишта во месностите Ѓонова Нива и Лазоик.[3] На приближно 2 км северно од селото има голема пештера во која била сместена болница на ДАГ за време на Грчката граѓанска војна.[3]
Иако било мало село, Трново било поделено на четири маала: Глигоровско, Стојановско, Колевско и Пандовско.[3]
Топонимија
Ова е список на позначајните топоними во атарот на Трново:[3]
Грозданоа Нива, Долиштата, Долчето, Дренчето, Ѓоноа Нива, Извор, Караулата (Филаќето), Крушата, Лазоик, Лозјата, Љубаражда, Маркова Нога, Орли Камен, Припекот, Свети Атанас, Свети Ѓорѓија, Трново, Црницата.
Remove ads
Историја
Во Отоманското Царство
Во историските документи Трново за првпат се среќава во XV век како село Трновче во Горичката каза, во кој по име се попишани 73 глави на домаќинствата.[4] Се спомнува во дефтер од 1530 г. под името Трновеч со 53 семејства,[5] а потоа и во записникот од 1568-69 г. за Биглишката каза.[3] Во XIX век Трново било чисто македонско село во Битолската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Трново живееле 100 жители Македонци христијани.[6][7]
Трново било често ограбувано од арнаутските банди, и населението зело активно учество во Илинденското востание под водство на селскиот војвода Филип Пандов. Неколкумина трновци загинале во борбите, а селото било запалено.[3] По востанието, на неколку наврати селото било тероризирано од грчките андартски чети.
Целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Трново (Tirnovo) има 200 Македонци, сите под егзархијата.[6][8] Според Л. Огненов во 1902 г. селото имало 12 куќи и 89 жители Според Георги Трајчев во 1911/1912 г. имало 25 куќи и 212 жители. Во овој период Боривое Милоевиќ завел 11 македонски куќи.[3]
Припојување кон Грција
За време на Балканските војни селото најпрвин потнаднало под српска, а потоа под грчка окупација. Со завршувањето на војната, во 1913 г. е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога населението броело 87 жители. Во него работело училиште на грчки јазик, во обид да се погрчи населението. За време на Првата светска војна низ селото минувале војските на Антантата, и тоа француски, српски и грчки единици. На пописот од 1920 г. е забележано намалување на 65 жители, но подоцна населението се зголемило, така што во 1928 г. тука живееле 72 лица.[3]
Нешто подоцна неколку трновци биле испратени како војници на боиштата во Мала Азија во Грчко-турската војна (1919-1922).
Во овој период грчките власти воделе жестока политика на денационализација и асимилација на населението, придружена со забрани и казни.[3] Во 1927 г. преименувано е во Анкатото, што е грчки превод на со значење „трнливо“. Во пописот од 1940 г. е запишано дека во Трново живееле 84 лица.
Во Втората светска и Грчката граѓанска војна
За време на Втората светска војна Штрково влегло во окупациската зона на Италија по капитулацијата на Грција во Грчко-италијанската војна. Во таа војна, на фронтот во Албанија биле мобилизирани повеќе трновци. Населението било евакуирано од другата страна на Малото Преспанско Езеро, сместувајќи се во селата Герман, Р’мби, Медово, Штрково и Рудари. По капиулацијата на Италија во 1943 г. Штрково станало слободна територија на НОАВМ и ЕЛАС.[3]
Селото зело учествуво во Грчката граѓанска војна и во борбите дало четири жртви. Во 1947 г. за првпат е отворено училиште на македонски јазик, во зградата на некогашниот бег.[3] Селото сосема настрадало во Грчката граѓанска војна; населението било принудено да се исели во Р Македонија и источноевропските земји и до денес не е обновено.[2]
Remove ads
Родови
Во Трново живееле следниве семејства: Глигоровци, Јаневци, Колевци, Кузманови, Митровци, Наумовци, Павловци, Пандовци, Ристановци и Чекови.[3]
Население
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Цркви
На подрачејто на селото постојат три верски зданија:[3]
- „Св. Ѓорѓија“ — црква на височинка северно над селото; изградена во 1812 г.; има резбан иконостас, а тука се и селските гробишта;
- „Св. Ѓорѓија“ — истоимена црква 2 км југозападно од селото крај границата со Албанија;
- „Св. Атанас“ — светиче во облик на ѕитче со камара; служело за собири по повод Свети Атанас; тука некогаш биле погребани неколку деца
Традиционална селска слава била Свети Ѓорѓија (Пренесување на Моштите) на 3 ноември (16 ноември по стар стил).[9]
Remove ads
Стопанство
Главна стопанска гранка во Трново бил риболовот, со кое се занимавале сите жители. Уловот се продавал во гратчето Билишта во Албанија, а подоцна на други поблиски места во Егејска Македонија. Покрај ова, трновци се занимавале со полјоделство и сточарство за сопствени потреби; во извесни периоди се правел ќумур и се собирале дрва.
Дел од населението одело на печалба во Америка, Аргентина, Канада и Австралија.
Remove ads
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads