From Wikipedia, the free encyclopedia
Пари — општоприфатено средство кое служи за размена на производите, за чување на вредноста и за плаќање на долговите. Тие се засноваат на договор во рамките на една заедница за користење на одредено средство за размена. Овој договор за користење на било кој материјал за пари може да биде или експлицитен или имплицитен, слободно избран или под принуда.
Парите во економијата ги имаат следниве функции:[1]
Во текот на историскиот развој, голем број производи служеле како пари. Вообичаено, кај сточарските народи, добитокот служел како пари. Номадските народи како средство за размена употребувале кожи. Како средство за размена се употребувале и определени парчиња накит. Кај војнички настроените народи за таа цел често служело и оружјето. Покрај споменатите добра, кои служеле и како употребни вредности, па и поради тоа биле многу барани, како средства за размена служеле и предмети кај кои е тешко да се утврди поводот поради кој биле избрани за таа улога, како, на пример, човечки или животински черепи, огромни камења и друго.
За тоа дека разни предмети често служеле како општо разменско средство не упатуваат и следниве поими во разни јазици во светот:[2]
Кај повеќе словенски народи се употребува зборот - плати, платите, платити и слично, кој потекнува од времињата кога платнените крпи служеле како пари. Како разменско средство, односно пари во одредени периоди а во некои изолирани племиња во Полинезија и денес, за жал служеле и служат луѓето. Тоа и Хомер го има опеано во Илијада и Одисеја. Така, од Илијада можеме да дознаеме дека Ахил како награда на победникот во борење му давал троножец од бронза кој вредел 12 говеда, а на победениот му давал робинка која вредела четири говеда. Според Одисеја, Лаерт дал за робинката Еуриклија 20 волови, а за робови и робинки се купувале вино, бронза, железо итн.[3] Интересен е случајот на Кина. Во еден период, таму како пари служеле вистински ножеви. Подоцна, почнале да се прават од ламарина "мали симболични ножеви", кои немале своја употребна вредност, туку само разменска.
Со текот на времето некои од средствата за размена, од голема употреба толку се истрошувале што повеќе не можеле да се употребуваат за целите за кои првобитно биле наменети. На пример, кога како средство за размена се употребувале парчиња платно, со време тие потполно се испарталувале поради што биле непогодни за употреба (како употребна вредност), меѓутоа, и натаму биле ценети како средство за размена. На Крит, исто така, се ковале бакарни листови во облик на говедска кожа, што очигледно значело дека еден таков лист вредел колку и една говедска кожа, која првобитно „ин натура“ (во природа) била средство за размена. Во подоцнежниот развој, наместо говеда се употребувале метали со втиснат лик на говедо. Тоа значи дека првобитниот предмет, во текот на развојот се сведувал на прост знак, симбол, често без каква било материјална вредност, но со можност за нив да добие производи за потрошувачка.
На овој начин, средството за размена станало самостојна категорија, губејќи постепено секаква врска со конкретниот производ од кој потекнало. Неговата вредност повеќе не се темелела врз материјата од која било изработено средството, ниту врз можноста за негова употреба како добро, туку врз уверувањето дека за него, во определен сооднос, ќе може да се стекне друг производ, односно, било која друга употребна вредност. Од примитивните облици на парите и нивниот развој, проф. Мајхснер[4] изведува заклучок, според кој, економските добра можат да имаат вредност само ако се производи на општествено корисен човечки труд.
Со текот на времето, од бројните облици на примитивни пари, металите ја презеле улогата на пари и од благородните метали се развиле денешните форми на пари и денешните парични системи. Имено, поради природните особини, металите биле особено погодни за нивна употреба како средство за размена и поради тоа, тие ги истиснале сите останати предмети како средства за размена. Во таа функција се употребувале железото, бакарот, бронзата, среброто и златото. Со текот на развојот, пак поради природните особини, златото ги истиснало сите метали и останало, до средината на 70-тите години од XX век, единствен метал за чија вредност се врзувала вредноста на парите.
Меѓу особините што се својствени за металите, особено за златото, да се употребуваат како пари, односно како материјал за правење пари или како стандард на вредноста на парична единица се наведуваат следните:[5]
Кованите пари, всушност, претставуваат парчиња метал со втиснат жиг на кој е напишана тежината на парчето.[6]
Првите познати ковани пари се изработени пред 2700 години во Лидија од мешавина на злато и сребро која се нарекува електрум. И покрај предностите на благородните метали (злато, сребро) како средства за размена, во однос на примитивните форми на пари, плаќањето не било едноставно. При секое плаќање, металот морал да се мери, да се испитува неговата чистота, а и исправноста во мерењето на тежината можела да доведе до разидување на учесниците во размената. Овој начин на плаќање, каде што во секоја поединечна трансакција се вршеле мерење на тежината на златото или среброто се нарекува пенсаторно плаќање.
Меѓутоа, пенсаторното плаќање се покажало како комплицирано и набрзо почнале да се прават парчиња метали - прачки на кои се втиснувале знаци и натписи од кои можело да се види колкава е тежината на парчето, односно, кај благородните метали, колкава е содржината на чистиот метал. Такви знаци ставале производителите, а подоцна, специјализирани трговци или банкари. Таквото заверување на самата прачка ја елиминирало потребата од испитување на чистотата и од мерење на тежината, меѓутоа, тоа зависело од веродостојноста на лицето кое го вршело заверувањето. Со текот на времето, таквите заверки претставувале доволна гаранција заверените прачки да се примаат во прометот без детални испитувања на нивната тежина, а особено чистотата. Со втиснување на таков жиг е означен почетокот на ковањето на пари. Со практиката на ковање на пари (при што однапред се знаело колку злато треба да содржи определено парче и со каква чистота е златото) се надминала практиката на мерење на тежината и испитувањето на чистотата на секоја одделна прачка. Подоцна, со закони за парите во одделни земји се определувало колку злато содржи секоја парична единица и според тоа, потоа, во заокружени износи, се ковале одделни златници. Бројот кој означува колку парични единици се коваат од една единица на тежина на чист благороден метал се нарекува ковничка стапка.[7]
Со кованите пари се надминале бројни проблеми од пенсаторното плаќање, меѓутоа, се појавил и нов проблем. Преоѓајќи од рака во рака, златниците се трошеле, па нивната материјална вредност била помала од нивната номинална вредност. Тоа го комплицирало мерењето на вредноста на стоките. Во тој случај, проблемот го решавала државата така што таа определува граница до која златниците можат да се истрошат, а сепак, во прометот и натаму да се сметаат како полноважни. Со тоа, таа ги прогласувала за законско средство за плаќање и покрај тоа што златниците изгубиле дел од својата тежина и чистота, односно вределе помалку од онаа количина метал која соодветствувала на бројот на паричната единица на која гласеле.
Од развојот на кованите пари, според проф. Мајхснер,[8] можат да се извлечат неколку заклучоци во поглед на промените во поимот на парите:
Ваквото осамостојување на паричната единица од материјата на парите набрзо го искористиле монетарните власти и почнале да коваат пари со иста ознака на вредноста, но со помалку метална содржина во една парична единица. Одземеното злато го употребувале за ковење на дополнителна количина на пари, исто така со помала содржина на благороден метал. Со тоа се зголемувал паричниот оптек и се намалувала вредноста на парите (секогаш паѓа вредноста на секој производ чија количина се зголемува, ако во истовреме не се зголеми побарувачката за тој производ). Во таква ситуација, граѓаните повторно станувале свесни за металот кој требало да го содржи одделно парче на ковани пари и повторно почнувале да ги испитуваат кованите пари во поглед на содржината на благородните метали, и покрај жигот кој божем ја гарантирал вредноста во тој метал. И така, враќајќи се повторно на испитување на содржината на кованите пари, прометот почнал повторно да се враќа од нумераторно на пенсаторно плаќање.
Парите од хартија се само надворешна форма на пари, слично како и кованите пари. Се појавиле од технички причини: да ги олеснат тешкотиите во ковањето на парчиња од помали и од поголеми износи, да ја подобрат преносливоста на парите и да ги намалат трошоците (кованите пари се трошат во прометот, при што исчезнува во неповрат дел од благородниот метал) и опасностите сврзани со преносот на кованите пари. Појавата на хартиените пари се поврзува со практиката плаќањата да не се вршат со пренос на готови пари, туку со пренос на самото право на определен износ готови пари. Тие права биле отелотворени во исправи, чија големина не морала да се рамни според износот на кој гласеле исправите. На исто парче хартија издавачот можел да се обврзе на плаќање на било кој износ. Станува збор за обврзници на готови пари, со чие поседување располагал и износот на готовите пари на кои тие гласеле. Таквата обврзница е хартиена пара само доколку прометот се навикнал во доволна мера со неа да врши плаќање, наместо со готови пари. Значи, самата таа не е пари, туку само исправа преку која се располагало со пари. Тие обврзници биле сурогати на парите, т.е. ги заменувале вистинските пари, но го немале нивниот квалитет.
Почетокот на издавање хартиени пари се наоѓа во практиката на лондонските златари на поединци кои овде полагале готови пари за да им се издадат признаници на положените износи.[9] Потврдите му давале право на имателот од златарот да го подигне износот на кој гласела одделна признаница. Таквите потврди за депонирани метални пари (или монетарен метал,) се нарекуваат сертификати.
Полагачот на готовите пари можел да изврши некое плаќање со отстапување на признаницата на соодветен износ готови пари, бидејќи го пренесувал и правото на располагање со положениот износ. Довербата која ја уживале златарите придонела овие потврди во целост да ги заменат кованите пари, како средство за размена и плаќање. А технички, за прометот биле попогодни од кованите пари. Со воведувањето на сертификатите во односниот паричен систем не настануваат никакви суштински промени. Оптекот не се зголемува, бидејќи ако не циркулираат сертификатите, би циркулирале златниците или сребрениците. Сертификатот само ги заменува валутните пари (златници или сребреници). Со нив, всушност, само технички се подобрува циркулацијата на кованите пари.
Искуството дека потврдите ретко се враќале кај депозитарите заради враќање на положените пари на златарите им овозможило да издаваат потврди и над положениот вкупен износ на ковани пари, т.е. да издаваат нова форма на пари. Откриената можност била корисна и за депонентите и за депозитарите. Со издавањето потврди над примените износи ковани пари, депозиторот го зголемувал износот на средства за позајмување, издавајќи потврди над положените износи. Поради тоа, тој не морал да наплатува за чување од депонентите, а му се создала можност на положените ковани пари на депонентите да им плаќа определена камата (што е поповолно за нив од претходната ситуација).
Формално гледано, во прометот не се променило ништо. Истите потврди, како и порано, циркулирале и натаму. Меѓутоа, во суштина, со оваа постапка работата се променила суштествено, како во правен така и во економски поглед. Кога потврдите биле во целост покриени со ковани пари, текстот на потврдите можел да гласи: „Во депозит примив 10 фунти во ковано злато кое ќе го исплатам на барање на доносителот на оваа потврда”. Со практиката да се издаваат потврди над примениот износ на ковани пари, на потврдите текстот би можел да гласи само вака: „На барање на доносителот на оваа белешка ќе му исплатам десет фунти во ковано злато”.[10] Со оваа промена, сертификатот станува банкнота. Името потекнува оттаму што наскоро со таква работа почнале исклучително да се занимаваат банките. Со ова постапка, како што констатира проф. Мајхснер, издавачот воопшто повеќе не тврди дека примил во депозит извесна количина златници, туку тој само се обврзува дека на барање на доносителот на банкнотата ќе му ја исплати определената количина. Издавачот сега повеќе не морал во касите да го чува целиот износ на златници на кој вкупно гласеле од него издадените обврзници (потврди, ноти). Уште повеќе, тој - теоретски - воопшто не бил должен да држи каква било резерва, бидејќи било важно, при презентирањето на обврзницата, да ја исполни обврската. Негова работа било од каде, во тој момент, ќе набави златници. Заради сигурност, сепак, најдобро и наједноставно било во сопствените каси да држи дел од износот на кој вкупно гласеле издадени белешки, за да не се случи издавачот да не може, на барање на имателот, да ги исплати без одлагање.
За книжни пари се говори по укинувањето на конвертибилноста (заменливоста) на банкнотите во злато. Тоа се случило по Големата депресија од триесеттите години на 20 век. По таквите одлуки на владите во тогашните најразвиени земји, старите банкноти останале во употреба, меѓутоа, суштински се променила нивната правна природа. Тие веќе не претставувале барање на имателот за исплата во ковани пари на износот на кој гласеле. Наместо кованите пари, тие станале дефинитивни пари. Сите морале да ги примаат за измирување на своите побарувања по номинална вредност, без право да ги заменуваат за ковани пари. Со тоа банкнотите добиле присилен курс и станале хартиени пари. Ваквата промена на правната природа на парите уште повеќе ја зголемила одговорноста на монетарните власти за успешното остварување на нивната улога во националното стопанство. Се разбира, тоа с еоднесува и на меѓународните економски и финансиски односи, со оглед на елиминирањето на стоковните пари (златото) како светски пари и користењето на националните валути на најразвиените земји во функција на светски пари.
Оваа форма на пари се развила како сурогат на банкнотите и на книжните пари, за конечно да станат пари за чија емисија и обем се грижи централната банка. Како што лондонските златари дошле на идеја положените златници да ги искористат подобро, ако им ги позајмат на некој друг, така и банките дошле до сознание еден дел од готовината на своите клиенти да ги позајмат на други лица, со оглед на тоа што дел од положената готовина со години лежела во касата на банките, бидејќи платниот промет се вршел преку сметките без употреба на готовина. Имено, во тоа време, давањето заеми се вршело со одобрување на сметката. Притоа, банката морала да внимава на тоа секогаш да биде во можност евентуалните исплати во готово да ги изврши без одлагање, а од друга страна, да може во секој случај да ги исплати вложувачите на нивно барање. Притоа, се сметало дека сите доверители нема да се појават во исто време со такви барања, како и дека и тие на кои им се позајмуваат пари нема да бараат исплата на кредитот во готово. Ова било основа банките да почнат да даваат заеми (да одобруваат кредити) и над износот на положената готовина. Тие заеми банките ги даваат на тој начин што во своите книги на корисниците на заемот им создаваат побарување спрема банката. Со тие побарувања корисниците можат да располагаат исто како да положиле соодветен износ во готови пари.(се подразбира дека банката за одобрениот креди ги задолжува на друга сметка). Ваквите побарувања се жирални пари.
Кога како подлога на жиралните пари биле банкнотите, банките при создавањето на жирални пари морале да водат сметка за покритието во банкноти, а тие, пак, се издавале во определен однос спрема покритието во злато. Така се воспоставувала врска меѓу жиралните пари, банкнотите и златото, а во практиката сите видови пари функционирале како еден единствен систем. Иако и тогаш успешното функционирање на системот зависело од економски оправданото одобрување на кредити (преку создавање на побарувања над положената готовина) и на банкноти над положениот износ на ковани пари, при создавањето на жирални пари тоа е од уште поголемо значење, бидејќи вкупниот оптек на парите нема „златна кочница”, како во условите на златно важење. Секој промашен кредит во производството ги намалува стоковните вредности и влијае врз намалувањето на вредноста на парите. Плаќањата со жирални пари се извршуваат на тој начин што со налогот за пренос се врши префрлање на парите од една сметка на друга, или со чек се вршт исплатата во готови пари.[11]
Со развојот на електрониката и информатичката технологија во банкарството се разви и нов вид пари - електронски пари. Наместо само книжни и/или жирални пари, денес парите се јавуваат и во форма на електронски пари - пари во вид на електронски сигнали кои се чуваат во меморијата на компјутерите во банките. Со нив не се менува суштинската улога и значење на парите, како што не се промени ни со другите видови пари во процесот на дематеријализација на полновредните стоковни пари. Со електронските пари само се унапреди начинот на пренос на парите, т.е. со преносот на парите преку електронски сигнали се заменија поранешните скапи трансфери (со вагони, авиони, блиндирани возила, големо обезбедување итн.). За унапредување на преносот на средствата по електронски пат банките создадоа Друштво за светски меѓубанкарски финансиски телекомуникации (SWIFT) во кое членуваат повеќе од 2 000 банки.[12]
Парите се јавуваат како тема во делата од уметноста и популарната култура.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.