Гајре
село во Општина Тетово From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Гајре — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Remove ads
Географија и местоположба
Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, во средишниот дел на Општина Тетово, а недалеку од градот Тетово во северозападна насока, на оддалеченост од околу три километри.[2] Куќите во селото се издигаат на надморска височина од 700 метри, па и повисоко.[2]
Низ селото поминува регионалниот пат 1209, кој води до скијачкиот центар Попова Шапка.
Селото се наоѓа над десната страна на реката Пена, непосредно над градот Тетово. Водата за пиење се добива од чешмите, во кои е спроведена вода од изворот Драга Вода. Во атарот на селото постои изворот Ливаде Мад.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Внеш, Каракашица, Јасике, Присој, Кодра Стојанит (Стојаново Брдо), Бег Бунар, Млака Пулес, Прој Саат, Оѓаница, Дупник, Ливада Ѓат, Ливада Теќас, Лениште, Туфеклук, Ограде, Лаз, Ливадичике, Прамка, Ѓури Зи (Црн Камен), Езеришта, Млака, Рид Доб, Орашка, Сикне и Одрора.[3]
Селото има многу збиен тип. Поделено е на седум маала, чии називи се по родовите кои живеат во нив. Така има Веље, Дончаве, Кутица, Касе или Хасе, Ѓермазе, Шике и Алиалар.[3]
Remove ads
Историја
Во пишани извори селото се споменува како Гари уште во XIV век, кога царот Душан го приложил на тетовската црква „Св. Богородица“. Средновековното село Гајре имало и своја црква, која била посветена на „Св. Јован Златоуст“. И оваа црква, царот Душан ја дал на тетовската црква „Св. Богородица“.[3]
Во средниот век, па и подоцна, долго откако дошле Турците, Гајре било населено со православно население. Од втората половина на XVIII век, во Гајре започнале да се населуваат муслимански Албанци (први дошле родовите Кутица и Дончаве). Поради нивните доселувања, Македонците постепено се иселиле од селото. Само за дел од овие родови има податоци каде заминале, бидејќи денешните Албанци ништо не кажуваат за староседелците Македонци. Поради тоа, не се знае ниту каде била средновековната црква или гробиштата на иселените Македонци.[3]
На 5 јуни 2001 година во близина на Гајре, на патот Тетово-Попова Шапка, албанските терористи од заседа убиле петмина припадници на Армијата на Република Македонија. При престрелката биле повредени и шестмина припадници на безбедносните сили.
Remove ads
Стопанство

Атарот на селото зафаќа површина од 7,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 271,4 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 248,8 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 189,7 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него работат продавници[2] и неколку угостителски објекти.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Гајре живееле 85 жители, сите Албанци.[4]
Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година Гајре — село во Селечка општина со центар во Шипковица и има 110 куќи со 548 жители, сите Албанци.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Албанци.[6]
Во 1961 година, селото броело 774 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 802 жители, целосно албанско население.[2]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Гајре, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Гајре живееле 1.020 жители, од кои 1.009 Албанци, 6 Македонци, 1 Србин и 4 останати.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 633 жители, од кои 607 Албанци, 1 останат и 25 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
Денес, во Гајре живеат муслимански Албанци, кои се доселиле во селото на крајот на XVII век.[3][13]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
- Доселеници: Кутице (11 к.), најстар селски род, по потекло од Северна Албанија. Не знаат од каде го добиле родовското име. Во Гајре имаат свое маало, а две нивни семејства преминале во Тетово и едно во Мала Речица; Данчове (16 к.), потекнуваат од фисот Красниќи, доселени се од Северна Албанија. Се доселиле во исто време како родот Кутице, односно околу 1770-тите години. Го знаат следниов родослов: Рамадан (жив, 58 години во 1947 г.)-Ризван-Рамадан-Мемет-Рустен-Јусуф, кој се доселил со братот Асан. Имаа свое посебно маало. Две нивни семејства заминале во Тетово и едно во Голема Речица; Аљијалар и Веље (44 к.), доселени се од селото Топојани во Љума, Северна Албанија. Од Топојани дошол предокот Алил со синовите Азис и Бајрам. Од Бајрам се намножил родот Алиалар, а од Азис родот Веље. Во Гајре дошле како и родот Данчове. Го знаат следниов родослов: Амди (жив, 60 години во 1947 г.)-Идриз-Алим-Алил-Азис-Алил, којсе доселил. Двата рода имаат свои маала во селото. Имаат иселеници во Тетово (десет семејства) и едно семејство заминало во Мала Речица. Од родот Веље секогаш биле селските оџи; Касе (17 к.), доселени се од околината на Пешкопеја од областа Долен Дебар. Овде се доселени кон крајот на XVIII век. Прв дошол предокот Касам, по кого го добиле родовското име. Го знаат следниов родослов: Сали (жив, 46 години во 1947 г.)-Јонуз-Сали-Рамадан-Ариф-Касам, кој се доселил. Во Гајре имаат свое маало. Имаат иселеници во Романија (две семејства) и во Тетово (едно семејство). Ѓермазе (11 к.), помлади доселеници, дошле од Северна Албанија. Во Гајре имаат свое маало; Шике (14 к.), по потекло од Северна Албанија. Има истоимен род во селото Форино. Тука се доселиле во втората половина на XVIII век. Го знаат следното родословие: Ресим (жив, 40 години во 1947 г.)-Џемаил-Сејди-Саид-Беадин-Алим-Беџед, кој се доселил. Живеат во посебно маало. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство).
Иселеништво
Денес, се знае за некои поединечни македонски родови од Гајре населени во другите полошки села, како што се Мајсторовци или Арсовци (20 к.), кои се иселиле од Гајре околу 1820-тите години. Се иселиле браќата Арсо и Деспот во полошкото село Волковија, за што говорел Штерјо (жив, 35 години во 1947 г.)-Томе-Сотир-Кузман-Арсо. Кога дошле во Волковија, некој нивен предок бил свештеник. Подоцна, нивните предци биле терзии и по тоа го добиле своето родовско име; Трипуновци или Рукљевци (5 к.), и тие сега живеат во Волковија и со Мајсторовци биле кумови. Во Гајре, нивните предци биле тројца браќа: Трипун, Димитрија и Груне. Од Гајре се иселиле во исто време како Мајсторовци. Го знаат следниот родослов: Васил (жив, 42 години во 1947 г.)-Груне-Мате-Груне-Трипун, еден од браќата кој се доселил.[3]
Remove ads
Општествени установи

- ПУ „Азем Марана“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до деветто одделение, во состав на ОУ „Истикбал“ - Тетово
Самоуправа и политика
Во XIX век, Гајре било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Шипковица.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шипковица, во која покрај селото Гајре, се наоѓале и селата Бозовце, Бродец, Вејце, Вешала, Лисец, Селце и Шипковица. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Гајре, во која влегувале селата Гајре и Лисец.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 2084 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 743 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 732 гласачи.[16]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Цркви[3]
- Во средновековниот период, во селото постоела црквата „Св. Јован Златоуст“.
- Џамии[17]
- Џамија — главна селска џамија
- Споменици
- Спомен-плоча на Азем Марана во училишниот двор
- Споменик на ОНА
- Џамијата
- Спомен-плоча на Азем Марана
- Споменик на ОНА
Личности
- Родени во или по потекло од Гајре
- Хусни Вела (р. 1926) - македонски учител и политички деец;
- Џемаил Вејсели (р. 1927) — македонски политичар;
- Абдулазис Ислами (р. 1930) — поет, раскажувач, романописец, драмски автор;
- Мурат Исаку (1928-2005) — македонски поет и писател; и
- Сервет Салиу (1928-1994) - македонски политичар.
- Починати во Гајре
- Влатко Миленковски (1972-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;[18]
- Благојче Силјанов (1969-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;[18]
- Пеце Матичевски (1978-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;[18]
- Кољо Китанов (1981-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;
- Исак Руфати (1959-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;
- Махир Камбери (1955-2001) - член на ОНА; и
- Сервет Хајредини (1966-2001) - член на ОНА.
Remove ads
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads


