Завој (село)
село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Завој — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.
За други значења на поимот, погл. Завој (појаснување).
Remove ads
Географија и местоположба

Ова село се наоѓа во североисточниот дел на Охридското Поле, во повисокиот источен дел на Општина Охрид, чиј атар се издига на северната падина на Петринска Планина и се допира со подрачјето на Општина Ресен.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 1.050 метри. Од градот Охрид селото е оддалечено 18 километри, а од патот Охрид-Ресен околу еден километар.[2]
Куќите на селото Завој се наоѓаат на една висорамнина на околу 1.000 метри. Сместено е во источниот дел на Охридско, а во близина на Преспанската Котлина. Околни села се: Опеница, Скребатно, Свиништа и други. Во минатото, мештаните со вода за пиење се снабдувале од извори и од бунари.[3] Денес, селото има изграден селски водовод.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Крушио, Бачинов Рид, Стар Завој, Локва, Арбанајца, Шатица, Стара Ливада, Степанов Рид, Крстон, Лакарица, Рамни Рид, Дуње, Ѓуро Глава, Прентов Мост и Крива Река.[3]
Селото во основа има збиен тип. Одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како што се: Цветановци, Тасевци, Крстановци и други.[3]
Завој се наоѓа во падините на планината Петрино, од десната страна на патниот правец Охрид-Ресен.
Remove ads
Историја

Првото пишано спомнување за селото потекнува од 1582 година. Тогаш, селото имало 69 христијански домаќинства и вршело дервенџиска служба.[3]
И народните преданија говорат дека селото влегува во старите села на областа. До 1860 година се наоѓало на положбата Стар Завој, 3 километри источно од денешното село, во близина на планинскиот превој Буково. Меѓутоа, во првата половина на XIX век, како чувари на превојот се населиле муслимански Албанци. Поради зулумите, христијанското население се раселило.[3]
Три домаќинства од Стар Завој го основале новото село на денешната положба. Претходно, на тоа место имале сточарски кошари. Од нив потекнуваат сите денешни родови.[3]
Во XIX век, Завој било село во Охридската каза на Отоманското Царство.
Во минатото, низ селото поминувал стариот пат Охрид-Ресен.[3]
Remove ads
Стопанство
Атарот е среден по големина и зафаќа простор од 18,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 997,7 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 439,9 хектари, а на пасиштата само 82 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]
До крајот на Втората светска војна, селаните се занимавале со сточарство и со земјоделство. Се одгледувале кози, овци и волови. Исто така, се сечеле дрва, кои ги продавале како дрва за огрев во Охрид.[3]
Население
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото имало 60 домаќинства и 170 жители.[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Завој живееле 280 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Завој имало 280 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Завој е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 34 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[9]
Од ова планинско село се иселил голем број од населението и тоа е доведено во фаза на раселување. Така, во 1961 година селото имало 611 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на 41 жител, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Завој живееле 12 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
Завој е населено со македонско православно население, повеќето родови во селото се староседелски кои живееле во Стар Завој од каде пребегнале и го основале Завој на денешното место околу 1860 година..[3]
Родови во Завој се:
- Основачи: Цветановци (9 к.), Крстановци (8 к.) и Тасевци (6 к.), сите доселени од Стар Завој, во родот Цветановци се знае следното родословие: Горјан (жив на 60 г. во 1980 година) Ефтим-Вељан-Цветан кој се доселил од Стар Завој.
- Останати родови: Трајчевци (4 к.), Јаневци (2 к.), Деспотовци (2 к.), Секуловци (2 к.), Климовци (1 к.), Петровци (1 к.) и Размовци (1 к.), гранка се на наведениот род Крстановци; Маричовци (4 к.), Анѓеловци (2 к.) и Шабановци (1 к.), гранка се од наведениот род Цветановци; Шутевци (2 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Куратица, основачот на родот се викал Шуте, еден член на родот Анастас Митрев (починал во Скопје во 1952 г.), кој бил член на ВМРО, пред крајот на турското владеење се иселил во Бугарија, таму му се родил син, подоцна познатиот Димитар Митрев, кој живеел во Скопје, а починал во Охрид. Од овој род е и Илинка Митрева, која е ќерка на Димитар Митрев.
Remove ads
Општествени установи
- Поранешно основно училиште, затворено во 1977 година.[3]
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната рурална Општина Косел.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Косел.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косел, во која покрај селото Завој, се наоѓале и селата Вапила, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј, Косел, Куратица, Ливоишта, Опеница, Орман, Плаќе, Расино, Речица, Свиништа Сирула. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Опеница, во која влегувале селата Завој, Куратица и Опеница.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1340 според Државната изборна комисија, сместено во месната заедница.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 12 гласачи.[16]
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Цркви[17]
- Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Богородица“ — црква во старото село.
- Споменици
- Споменик за загинатите илинденци и борци во НОБ од селото
Редовни настани
- Слави[3]
- Голема Богородица — црковна и селска слава
Личности
- Родени во Завој
- Анастас Митрев (1884-1952) — активист
- Живко Велјановски (р. 1947) — градежен инженер и универзитетски професор
- Спасе Иванов Велјаноски — македонски револуционер од ВМОРО.[18]
- Ристе Јанев Николов — македонски револуционер од ВМОРО.[19]
- Стефо Трајанов Трпчески — македонски револуционер од ВМОРО.[20]
- Петре Николоски — македонски партизан.
- Петре Секулоски — македонски партизан.
Иселеништво
Во годините помеѓу двете светски војни имало незначителен број на иселувања од селото. Се знае само за следниве иселеници: Ѓорѓиоски (2 к.) во селото Орман и Тодороски (2 к.) и Завојчани (4 к.) во селото Подмоље.[3]
Меѓутоа по Втората светска војна настапило големо иселување. Главно се населиле во селото Лескоец (60 до 80 куќи), а помалку во банатското село Јабука (8 к.), но и во Скопје.[3]
Галерија
- Старото училиште
- Панорама на селото
- Улица низ селото
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads