Скребатно
село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Скребатно — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.
- Оваа статија се однесува за селото во Република Македонија. За истоименото село во Пиринска Македонија, видете Скребатно (Пиринско).
Remove ads
Потекло на името
Претпоставка за името на селото е дека потекнува од „скреба“ или бела лоза, која обично расте до пет метри, но не се качува на дрвја, туку густо ги покрива околните грмушки. Старите велат дека од скреба се варело чај за смирување на организмот.[2]
Географија и местоположба

Ова село се наоѓа во Охридското Поле, во источниот дел на Општина Охрид, чиј атар се издига до сртот на Петринска Планина и таму се допира со подрачјето на Општина Ресен.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 960 метри. Од градот Охрид селото е оддалечено 16 километри.[3]
Селото е сместено во долината на Скребатинска Река, притока на Коселска Река, меѓу ридовите Самарница и Илинец. Тоа е особено планинско село, сместено на источниот крај на Охридската Котлина. Во непосредна близина нема ниедно друго село. Во минатото, мештаните со вода за пиење се снабдувале од чешми, снабдувани од извори.[4] Денес, селото поседува водовод изградена во 1953 година со каптажа од месноста Бела Вода.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Завој, Шаренец, Долга Краста, Виришта, Самарница, Бигла, Два Гроба, Присој и други.[4]
Селото во основа има збиен тип. Одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како што родовските куќи се поблиску една до друга.[4] Така, познати се Котеска маала, Цајлеска маала, Лолеска маала, Чулеска маала и Зенгоска маала. Исто така, се користат и називите: Горна маала, Средна маала и Долна маала или Одавде река (од левата страна на реката) и Оданде река (од десната страна на реката).[5]
Селото се граничи со Опеница и Завој на север, со Петрино и Болно на исток, со Велгошти на југ и со Лескоец на запад.[5]
До селото води асфалтиран пат од селото Лескоец, кој бил пуштен во употреба во 2012 година.[6]
Remove ads
Историја
На атарот на Скребатно има остатоци од стари населби. Тоа се гробови и остатоци на куќи. Сместени се на месностите Старо Гумно, Шаренец, Два Гроба и други. Не се знае како се уништиле тие населби.[4]
Преданието кажува дека некогаш селото имало само 7-8 куќи. Луѓето тука се засолнувале од турските власти, па затоа никој род не се смета за старински. Селото отсекогаш се наоѓало на истата положба.[4]
Во XIX век, Скребатно било село во Охридската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 18,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 740 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 407 хектари, а на пасиштата 182 хектари.[3] Денес, состојбата во структурата на земјиштето е изменета во корист на шумите и пасиштата, со оглед на тоа што со иселувањето, голем дел од земјиштето не се обработува.[5]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]
До крајот на Втората светска војна, селаните се занимавале со сточарство и со земјоделство. Поради местоположбата, околу селото се огледувале планинските жита (’рж, овес и јачмен), како и компири. Исто така, се одгледувале кози, овци и говеда.[4]
Исто така, селото било особено познато по производството на вар.[5]
Remove ads
Население
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото имало 55 домаќинства и 167 жители.[7]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Скребатно живееле 490 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Скребатно имало 640 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Скребатно е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 80 куќи.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[11]
Селото преминало од средно во мало село по големина, населено со македонско население и се наоѓа во фаза на наполно раселување. Селото во 1961 година имало 549 жители, а во 1994 година, само 13 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Скребатно живееле 6 жители, сите Македонци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
Скребатно е чисто македонско православно село. Сите родови во селото се доселени, но не им се знае потеклото. Доселени се на почетокот на XIX век.[4]
Како родови во селото се спомнуваат: Котевци, Ѓормановци, Макриновци, Цајлевци, Џуклевци, Чулчевци, Жилевци, Зенговци и Сагламовци.[17]
За Зенговци има предание дека се доселени од истоименото село во Пиринска Македонија. За Чулчевци постојат две преданија. Според првото доселени се од некое село во Дебрца, преку селото Стар Завој, а според другото доселени се од Егејска Македонија.
Remove ads
Општествени установи
- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната рурална Општина Косел.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Косел.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Галичица, во која покрај селото Скребатно, се наоѓале и селата Велгошти, Велестово, Елшани, Лескоец, Љубаништа, Коњско, Пештани, Рамне, Трпејца и Шипокно. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Велгошти, во која влегувале селата Велгошти, Лескоец, Рамне и Скребатно.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1335 според Државната изборна комисија, сместено во приватен објект.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 4 гласачи.[19]
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[20]
- Кулишта — средновековна кула
- Цркви[21]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна манастирска црква, изградена во 1922 година од кршен камен. Фрескоживописот е од 1929 година, изработен од Крсте Николов и син му Рафаил од с. Лазарополе.
- Црква „Свети Константин и Елена" — камен-темелник е осветен и поставен на 10 септември 1999 година. Градењето е во завршна фаза и во тек е подготовка за нејзино осветување.
- Црква „Св. Недела" — темелите се осветени на 20 јули 2004 година. Градбата е во тек.
- Манастири
- Скребатински манастир — стар манастир над селото, спомнат уште во 1699 година
- Реки[22]
- Скребатинска Река — река на Петринска Планина, поминува низ селото
Remove ads
Редовни настани
- Слави
- Голема Богородица (28 август) — главна селска и црковна слава, кога традиционално се одржува голем собир на граѓани. Учествуваат огромен број на верници од целиот свет, а манастирот дава ручек за сите присутни кои се седнати на големата ливада.
- Свети Константин и Елена (3 јуни) — селска слава, кога се изнесуваат крстите од црквата „Св. Богородица“, застанувале кај помалата црква „Св. Константин и Елена“, завртувале околу големиот орев, потоа слегувале низ селото, го обиколувале селото и повторно се враќале во црквата.
Личности
- По потекло од Скребатно
- Вангел Наумовски (1922-2006) — сликар
- Димитрија Вревезоски (р. 1957) — политичар и пратеник[23]
- Кирил Аслимовски (р. 1971) — Музичар,композитор,аудио и видео продуцент,автор на музички дела (ора и песни).
- Разме Џуклески — македонски револуционер од ВМОРО.[24]
- Вангел Мечески — македонски партизан.
- Никола Базгалоски — македонски партизан.
- Тоде Лупески — македонски партизан.
- Јонче Чулески — македонски партизан.
Remove ads
Иселеништво
Од ова село има големо иселеништво, така што денес селото е речиси празно. Иселеници највеќе има во блиското село Лескоец. Потоа во Охрид, Преспа, Австралија, Војводина, Бугарија, САД, Канада, Аргентина, Битола и Битолско, Скопје, Белград, Германија и други.[17]
Скребатно како мотив во книжевноста
- „Траги низ минатото“ — расказ на македонската писателка Христина Аслимоска од 2005 година.[25]
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads