Крушево (Валовишко)

село во Серско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia

Крушево (Валовишко)map
Remove ads

Крушево или Крушово (грчки: Αχλαδοχώρι, Ахладохори; до 1927 г. Κρούσοβο, Крусово[2]) — село во Валовишко, Егејска Македонија, денес во општината Синтика на Серскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 458 жители (2021). Сè до 1920-тите било населено со Македонци, а денес е мешано, но со македонско мнозинство.[3]

Кратки факти Крушево Αχλαδοχώρι, Земја ...
Remove ads

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Мрвачко, на 20 км североисточно од градот Валовишта, на надморска височина од 500 м.[3] Се наоѓа во мала висорамнина меѓу планините Славјанка од север, Шарлија од југ, Сенгелска Планина од запад и Црна Гора од исток. Низ Крушево минува реката Белица (или Крушевска Река).

Историја

Thumb
Пештерата Капе во јужните падини на Славјанка

Праисторија, антика и среден век

Крушево уште во минатото било важно село, за кое сведочат многу ископини од различни периоди кои се наоѓаат во неговата околина. Има праисториска населба од доцниот неолит во месноста Алцова Кула[4], средновековна населба на север од селото и остатоци од разрушено село во месноста Селене. На 5 км североисточно од Крушево, во месноста Градиште има остатоци од утврдена населба. Според старо месно предание првично Крушево се наоѓало на тоа место. Во минатото тука се откриени многу монети, сечила и други артефакти.[5][6]

На север од Градиште, во пештерата Капе се наоѓа пештерната црква „Св. Спас”, опишана од Пејо Јаворов во „Ајдучки копнежи“.[7] Според преданието, таа била изградена за време на прогонството против христијаните од некој си Трајче, кој се спасил тука од прогонот на иноверците. Локалниот управител заповедал да ја изгорат, но таа останала недопрена во пештерата.[8]

Селото се спомнува како Крушово во документ од 1319 - 1320 г. на попишувачот на темата Мелник Мануел Маглавит како село на капетанот на Горна Валавишта.[6]

Во Отоманското Царство

Во отоманскиот збирен даночен список на немуслиманското население од вилаетот Тимур Хисар од 1616-1617 година селото е наведено под името Куршова со 439 домаќинства, рудари. Според документ од 1625 г. селото имало 222 домаќинства.[9]

Населението на селото го носи името „Мрваци“ и традиционално се занимаваат со рударство и сточарство. Крушево во минатото било едно од најголемите центри за железо во областа Мрвачко. Печките биле сместени по долното течение на Рамњанска Река, десна притока на Белица. Последната печка престанала да работи во 1902 година, а последните две самокови, Галангушовиот и Караџовиот — во 1908 г.

Во XIX век Крушево било македонско гратче во Валовишката каза на Серскиот Санџак. Во селото имало три цркви, од кои нај-забележителна „Св. Илија“. Антон Поп Стоилов пишува за неа во 1916 година:

Егзархиската црква „Св. Пророк Илија“, изградена во 1870 г., е монументална градба со мермерни столбови и целосно со исечени камења. Во Источна Македонија, ниедна грчка црква, градска или селска, не е поголема.

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Крушево (Krouchévo) имало 395 домаќинства и 1.200 жители Македонци и 25 муслимани.[10][11]

Во 1891 година Георги Стрезов за селото напишал:

Крушово, по истиот правец на 4 часа североисточно од Демир Хисар. Сместено на полјана близу Белица. Патот е задоволителен. Повеќето се земјоделци; почвата е доста плодна. Произведува најмногу и најквалитетна пченка. Тутун се сее, најдобриот во цело Демирхисарско; лозја, од кои се продава вино во Неврокопско. 3 цркви; богослужбата е на македонски. Во ова големо село засега нема училиште. 425 куќи, меѓу кои само 8 турски.[12]

Селото било под влијание на Бугарската егзархија и Цариградската патријаршија. Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Крушево имало 2.510 жители, од кои 2.450 Македонци, 30 Турци и 30 Власи.[10][13] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Крушово имало 2.408 Македонци под Бугарската егзархија, 760 Македонци под Цариградската патријаршија и 54 Власи. Во него работеле двете пропаганди — имало и бугарско и грчко училиште.[10][14]

Thumb
Црквата „Св. Илија

Селото прво од целата каза започнува борба против мелничкиот патријаршиски владика. Во 1860 г. во него е отворено егзархиско училиште, во кое предавал Иван Гологанов.[15] Крушево има силен допринос во борбите за црковно-национална независност на македонците во XIX век. По зборовите на Васил К’нчов:

Населението на планинските села околу Крушево е много разбудено. Во селата Крушево, Крчово и други некои, во црквите сѐ е по словенски (македонски) од постаро време. Кога се почна црковната борба, крушевчани први дигнаа глава во Демирхисарско...[16]

Во Првата балканска војна, 38 лица од селото се вклучиле во Македонско-одринските доброволни чети.[17] Во 1912 г. во Крушево имало околу 600 куќи, од кои 540 македонски (500 егзархиски и 40 патријаршиски), 30 турски и 30 влашки.[10][18]

Во Грција

За време на Првата балканска војна селото е окупирано од бугарска војска, а по Втората балканска војна во 1913 г. е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Таа година Крушево броело 1.990 жители.[3] Селото тешко настрадало во Втората балканска војна, кога било опожарено[19] и принудно иселени 250 македонски семејства (официјално 1.082 лица) во внатрешноста на Пиринска Македонија и Бугарија, а на нивно место се населиле 204 бегалски семејства (вкупно 679 бегалци) од Мала Азија, така што селото станало мешана населба.[3] Македонците се преселиле во градовите Свети Врач, Неврокоп, Петрич и Пловдив.[20] Во 1927 година, името на селото било променето во Ахладохори (Αχλαδοχώρι), во превод „крушево село“.[2]

Во 1940 година, населението се зголемило на 3.045 жители, што укажува дека во бројот на жителите се пресметани и припадниците на полициската станица и војниците кои биле сместени во селото.[10] Следната 1941 г. селото е окупирано од бугарски единици, кои во него завеле 748 жители, претежно Македонци, бидејќи бегалците се иселиле пред Втората светска војна.[3]

Во текот на 1960-тите почнале да го напуштаат селото и да се иселуваат во поголемите градски центри голем број семејства и поединци, така што во 1971 година е евидентирано со 1.344 жители, а во 1981 г. со само 960.[3]

Повеќе информации Име, Ново име ...
Remove ads

Стопанство

Иако е планинско, селото е мошне богато. Населението произведува компир, жито и други земјоделски производи. Бидејќи располага со големи планински пасишта, развиено е и сточарството — се одгледуваат кози и овци со крупен добиток.[3]

Население

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Повеќе информации Година ...
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самоуправа и политика

Во 1919 година, селото станало самостојна општина, а атарот на општината опфаќал површина од 152 квадратни километри.[3] Општината Крушево во 2011 година станала дел од поголемата општина Синтика.

Селото припаѓа на општинската единица Крушево со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Сер, во истоимениот округ. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Крушево, во кој влегува и селото Крчово.

Remove ads

Општествени установи

  • Полициска станица

Културни и природни знаменитости

Цркви
  • Св. Спас“ — пештерна црква од средниот век, прогласена за споменик на културата
  • Св. Архангели“ од 1812 г.
  • Св. Илија“ од 1870 г. (главна селска црква), прогласена за споменик на културата
Археолошки наоѓалишта
  • Алцова Кула — населба од доцниот неолит
  • Градиште — остатоци од утврдена населба
  • Селене — остатоци од некогашно село
  • Населба од средниот век
Природни
  • Капе — пештера

Личности

Thumb
Димитар Гуштанов
Thumb
Ангел Тасев (во средина)

Родени во Крушево

  • Ангел Атанасов (1879 - 1952) — македонски револуционер
  • Ангел Јанкулов — македонски револуционер
  • Георги Попиванов (1900 - 1960) — македонски револуционер
  • Димитар Андреев — борец во Македонско-одринските доброволни чети, II одделна партизанска чета, III чета на VI Битолска дружина[23]
  • Димитар Гологанов (1901 - 1987) — македонски книжар и издавач
  • Димитар Гуштанов (1876 - 1903) — македонски револуционер
  • Димитар Миленков (? - 1923) — македонски револуционер
  • Иван Гологанов (1870 - 1908) — македонски револуционер
  • Иван Миленков — македонски револуционер, деец на ВМРО и член на Валовишкиот окружен револуционерен комитет[24]
  • Иван Самарџиев — македонски револуционер, деец на ВМРО и претседател на Валовишкиот окружен револуционерен комитет[25]
  • Илија Гологанов (1865 - 1910) — македонски револуционер и публицист
  • Илија Бижев (1882 - 1966) — македонски револуционер и општественик
  • Јосиф Спасов Парапанов — македонски револуционер, деец на ВМРО
  • Константин Ќуров — македонски револуционер, деец на ВМРО
  • Константин Стојанов Станоев — егзархиски учител во Солун[26]
  • Крсто Самарџиев (1886 - 1925) — деец на ВМРО
  • Крсто Хаљанов (? - 1909) — македонски револуционер
  • Мито Антов — борец во Македонско-одринските доброволни чети, Кукушка чета[27]
  • Никола Бижев (? - 1905) — македонски револуционер
  • Спиро Гологанов (1880 - 1917) — лекар
  • Стојан Стојанов — македонски револуционер, деец на ВМРО[28]
  • Христо Попиванов (1868 - 1936) — македонски револуционер, деец на ВМРО
  • Јанаки Георгиев (? - 1903) — македонски револуционер, војвода на ВМОК
Починати во Крушево
  • Иван Гологанов (1839 - 1895) — македонски просветен деец
Remove ads

Литература

  • Манова, Цветана. Сълза вместо песен. Село Крушево – документи и материали. София, 2014.

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads