Пештерско сликарство

From Wikipedia, the free encyclopedia

Пештерско сликарство
Remove ads

Пештерско сликарство — вид пештерска уметност (вклучува петроглифи и гравури) изразено преку слики на ѕидовите и таваните на пештерите, главно од праисторијата. Најраната уметност во Европа датира од орињачкото раздобје, пред околу 40.000 години, и се наоѓа во пештерата Ел Кастиљо во Кантабрија, Шпанија.

Thumb
Слики во пештерата Алтамира

Со оглед дека остатоци од слики се пронајдени и на надвиснати ѕидови и карпи или надвор од пештерите, пештерските слики често се нарекуваат и ѕидни слики. Сепак, поради атмосферските влијанија, повеќето од овие слики не се зачувани. Пештерските слики биле зачувани бидејќи често биле покриени со урнатини и на тој начин заштитени од големи промени на влажноста и температурата.

Remove ads

Историја на откривање

Старост

Досега во Франција и Шпанија се откриени речиси 340 пештери кои содржат праисториски слики. Првично, староста на сликите била спорна бидејќи методите како радиојаглеродното датирање може да дадат погрешни резултати доколку постарите примероци се контаминирани со понов материјал.[1] Сепак, подоцнежната технологија овозможила попрецизно датирање и на пигментот и на трагите од горење на ѕидовите. Насликаните предмети (ликови) исто така може да помогнат за да се одреди времето на создавање. На пример: ирвасите прикажани на сликите во шпанската пештера Куева де лас Монедас (Cueva de las Monedas) ги ставаат цртежите во последното ледено време.

Најстарата позната пештерска слика потекнува од пештерата Ел Кастиљо во Северна Шпанија и датира најмалку од пред 40.800 години. Таа е околу 5-10.000 години постара од пештерските слики од Франција.[2][3][4] Поради нивната старост, некои научници се сомневаат дека сликите се направени од неандерталци.[5]

Втората најстара позната пештерска слика се наоѓа во пештерата Шове во Франција. Се смета дека сликите во оваа пештера датираат од 30.000 г. пр. н. е. (палеолит), што е утврдено со радиојаглеродно датирање. Датумите на радиојаглеродното датирање на овие примероци покажуваат дека имало две раздобја на создавање: пред 35.000 години и пред 30.000 години. Во 2009 година, истражувачите откриле цртежи во пештерата Колибоаја во Романија, стилски споредливи со оние од Шове, староста на сликите се проценува на околу 32.000 години.[6]

Во Австралија пештерски слики биле пронајдени на платото Арнем Ленд кои прикажуваат животни за кои се смета дека исчезнале пред повеќе од 40.000 години.[7] Друго австралиско наоѓалиште, Наварла Габарнманг, има цртежи од јаглен, за кои со радиојаглеродно датирање е утврдено дека се стари 28.000 години.[8]

Теми и обрасци

Најчести теми на пештерските слики се големи диви животни како бизон, коњи, елени како и човечки отпечатоци од раце и апстрактни облици. Прикажаните животински видови најчесто биле погодни за лов, но тие не биле нужно типичен плен, зависно од тоа кои коски биле пронајдени. Во споредба со подеталните и натуралистички прикази на животни и предмети, цртежите на луѓе биле шематски. Исто така биле ретки. Една од причините за ова може да биде тоа што стварното сликање на човечкиот облик било „забрането со силно верско табу“.[9]

Користените пигменти биле црвен и жолт окер, хематит, манган оксид и јаглен. Понекогаш контурата на животното е издлабена во карпата. Во некои пештери, сите или повеќето слики се гравирани, што баш не е определба за „пештерска слика“.

Најчесто сликите на животните се врежани и гравирани во коска или слонова коска (поретко во камен) и овие предмети се од истите раздобја.

Ова исто така вклучува група фигурини на Венера, кои го претставуваат првото палеолитско скулптурно ремек-дело.

Цел на сликите

Животните се најчести мотиви на пештерските слики, но во некои наоѓалишта се наоѓаат и отпечатоци или контури од раце, за кои се смета дека се потписи. Постојат неколку теории за целта на сликите. Тоа што пештерите во кои се пронајдени не покажуваат знаци на постојано населување, зборува дека тие не биле само украси на простори за живеење. Често се наоѓаат и во делови од пештери кои не се лесно достапни. Некои теории велат дека пештерските слики можеле да бидат начин на комуникација со другите, додека други теории им припишуваат верска или обредна цел.

Според една од теориите, животните биле сликани пред првиот лов на момчињата кои требало да станат мажи. Сликајќи го животното тие сакале да го потчинат и совладаат. Оваа теорија се развила од наодите дека животните биле сликани едно преку друго, кога животното на сликата во заднина го изгубило своето значење. Кога животното кое веќе било насликано било убиено, над старото се цртало ново. Интересно е и тоа што животните често се прикажуваат како да носат плод во утробата. Со тоа, тие најверојатно сакале да обезбедат лов во иднина.

Денес, во многу пештери е ограничен бројот туристи на годишно ниво, а некои дури се затворени за јавноста. Брзите промени во температурата и влажноста, како и премногу светлина, можат брзо да ги уништат кревките, но многу битни слики.

Remove ads

Наоѓалишта

Во Кантабриските Планини се наоѓа вистинска ризница на пештерски слики од старото камено време. Северниот дел на Шпанија, особено Галиција, е најзападниот дел од пештерското ѕидно сликарство од каменото време.

До крајот на 1980-тите, во оваа област биле откриени повеќе од 80 неверојатни пештерски слики, најмногу на Пиринејскиот Полуостров (вкупно 107). Според стручњаците, повеќето ѕидни слики биле направени од кромањонци, „нашиот“ хомо сапиенс, но толкувањата на овие творби се многу различни. Во последните сто години се појавиле бројни теории, но со новите откритија тие главно бледнеат. Благодарение на сè попрецизните истражувачки инструменти на современата наука, секој, од стручњаците до пошироката јавност, може да види подалеку во минатото. Повеќето од опишаните пештери веќе се на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Исклучок е пештерата Шове, која ги крие најстарите познати ѕидни слики. Луѓето можат да дознаат повеќе за нивните корени преку таинствените пештерски слики.

Европа

Познати пештерски слики се наоѓаат на следниве места:

  • Ласко, Франција
  • Пештера Кисак, Франција
  • Пеш Мерл, во близина на Кабрере, Франција
  • Ла Марш, Лисак-ле-Шато, Франција
  • Пештера Шове, во близина на Валон-Пон-д'Арк, Франција
  • Пештера Нио, Франција
  • Пештера Коскер, со влез под нивото на морето во близина на Марсеј, Франција
  • Фон де Гом, во долината Дордоња, Франција
  • Пештера Алтамира, во близина на Сантиљана дел Мар, Кантабрија, Шпанија
  • Пештера Ла Пасиега, Куевас де Ел Кастиљо, Кантабрија, Шпанија

Други наоѓалишта се Кресвел, Нотингемшир, Англија (пештерски гравури и барелјефи откриени во 2003 година), пештерата Колибоаја во Романија и пештерата Магура во Бугарија.

Слики биле исцртани и на надворешни карпи, но поради ерозијата малку од нив опстанале. Еден пример е карпестата формација Астувансалми во областа на езерото Саима во Финска.

Кога Марселино Санз де Саутуола првпат наишол на сликите во пештерата Алтамира во Кантабрија, Шпанија во 1879 година, стручната јавност од тоа време мислела дека се работи за измама. Неодамнешните обработки и бројни други откритија ја докажале автентичноста, истовремено поттикнувајќи го интересот за уметноста на палеолитските народи.

Австралија

Во Какаду, Австралија, биле пронајдени важни рани пештерски слики. Окерот не е органски материјал, така што не е можно јаглеродно датирање на овие слики. Затоа, нивната старост е приближна и се претпоставува од содржината на сликите, контекстот на артефактите или органскиот материјал измешан со неорганска окер боја, како што се саѓите.

На сликите со црвен окер откриени во средиштето на Арнем Ленд прикажани се две емуа со долг врат. Палеонтолозите мислеле дека птицата исчезнала пред повеќе од 40.000 години, но ова е доказ дека теоријата е сомнителна, и затоа се смета дека Genyornis исчезнал подоцна од првично утврденото.

На островите Витсандеј биле пронајдени изненадувачки голем број на пештерски слики. На сликите дадени се прикази на народот Нгаро на островот Хук и се неметафорични, нерепрезентативни или апстрактни по содржина. Нивното значење до денес е тајна.

Индија

Најраните траги од човечко присуство во Индија се наоѓаат во Карпестите засолништа Бимбетка. Голем број анализи покажуваат дека некои од овие засолништа биле населени пред повеќе од 100.000 години. Се верува дека најстарите пештерски слики се од мезолитското раздобје и датираат од пред 30.000 години. Се верува дека сликите составени од геометриски облици се од средниот век. Изработени првенствено во црвена и бела боја со повремена употреба на зелена и жолта боја, сликите го прикажуваат животот и времето на луѓето кои живееле во пештерите, вклучувајќи сцени на породување, танцување и пиење, верски обреди и погреби, како и автохтони животни.

Северна Америка

Алјаските уметници од племето Чуваши, создале пештерски слики кои се наоѓаат во денешна Санта Барбара, Вентура и округот Сан Луис Обиспо во Јужна Калифорнија. Меѓу нив се: Burro Flats Painted Cave и Chumash Cave.

Исто така, опстанале и индијански пиктографи во пештерите во северозападниот дел на САД. Пештерска уметност стара 6.000 години е пронајдена во областа Камберленд Плато во Тенеси.

Јужна Америка

Thumb
Cueva de las Manos

Националниот парк Сера да Капивара е национален парк во Североисточен Бразил со многу праисториски слики и е основан за заштита на праисториските артефакти и слики. Станал дел од светското наследство во 1991 година. Најпознаттото археолошко наоѓалиште е Педра Фурада.

Во границите на националниот парк Франциско Морено П, во покраината Санта Круз во Аргентина, се наоѓа пештерата Куева де лас Манос. Таму се прикажани луѓе, гуанако, мачки и други животни, како и геометриски облици, цик-цак обрасци и сцени од лов. Се проценува дека ловните цртежи се стари над 10.000 години.[10]

Југоисточна Азија

Карпести слики опстанале во пештерите во Тајланд, Малезија, Индонезија и Бурма. По должината на тајландско-бурманската граница, во областа Печабун во Тајланд и во покраината Накорн Саван, има карпести уметнички галерии. Во Малезија, најстарите слики се наоѓаат во Гуа Тамбун во Перак, во пештерата Нија, стара 1.200 години. Антропологот Ајвор Хју Норман Еванс, при својата посета на Малезија во раните 1920-ти, открил дека некои племиња сè уште прават пештерски слики.

Во Индонезија, во пештерата Марос во Сулавеси, се наоѓаат отпечатоци од раце. Во областа Сангкулиранг, Калимантан, се пронајдени 1500 негативни отпечатоци од раце и 30 насликани пештери. Првичното датирање укажува на старост од околу 10.000 години.

Слики стари 11.000 години и бројни карпести орудија се пронајдени во пештерите Пада-Лин во Бурма.

Remove ads

Изработка на слики

Кога создавале такви слики, луѓето од тоа време веројатно користеле природни бои, како на пр. бамја и јаглен, а за врзивно средство користеле растителни и животински масти. Големата мистерија е какво осветлување користеле, бидејќи факелите и маслените светилки што луѓето од тоа време ги користеле за осветлување испуштале многу саѓи и чад, а ниту една дамка саѓи не била пронајдена на камените ѕидови на Алтамира .

Алтамира

Thumb
Слика во пештерата Алтамира во Шпанија.

Алтамира е подземна пештера што се наоѓа во планините на Северна Шпанија. Таа е една од најважните насликани пештери.

Најубавите слики се наоѓаат на таванот на мал дел од пештерата. Биле откриени меѓу 1875 и 1880 година од ќерката на археологот дон Марселино де Саутуола, кој ги проучувал пештерите. По објавувањето на резултатите од неговото истражување, сликите биле прогласени за фалсификат, а автентичноста им била признаена дури на почетокот на овој век. Староста на сликите од околу 20 илјади години била докажана со анализа на јагленот со кој биле цртани сликите.

Сликите прикажуваат животни, во кои преовладуваат бизони, како и негативни отпечатоци од раце, некои орудија и остатоци од огништа. Истражувачите постојано поставуваат нови прашања додека ги проучуваат сликите во оваа пештера. Сè уште не се знае дали овие слики служеле за некоја цел или биле само украсни. Исто така, не се знае дали луѓето во тоа време ги гледале овие слики како уметност и дали сите слики ги создал еден уметник.

Remove ads

Мамутски пештери

Овие пештери се наоѓаат во американската држава Кентаки во близина на градот Кејв Сити. Како што навестува нејзиното име, таа е најголемата пештера во светот, со 336 милји истражени подземни премини, тунели и пештери. Тоа е втората најстара туристичка знаменитост (првата се Нијагарините водопади) во САД, со организирани тури од 1816 година. Во минатото била важен извор на шалитра за производство на барут.

Пештерата почнала да се образува пред 350 милиони години. Низ вековите, водата издлабила широки пештери, тесни тунели, столбови, на поедини места создала сталактити и сталагмити со различни бои, но или бели, пенливи кристали кои украсуваат одредени премини и простории.

Пештерата била откриена околу 1798 година од ловец кој следел ранета мечка. Други посетители од 19 век, во пештерата пронашле и факели, фрлени мокасини, па дури и некои мумифицирани тела, стари 4.000 години. Тие се зачувани со векови во сувата и студена пештерска средина.

Мумиите станале патувачки атракции во тие денови, а побогатите луѓе оделе во познатата пештера на авантуристички патувања. Денеска во пештерата се означени места каде се пронајдени мумии, на пр. „Изгубениот Џон“ со огрлица од школка.

Туристите можат да се информираат за историјата на неверојатниот геолошки состав на пештерата, нејзиното истражување и минирање, дел од патот да го поминат со чамци по подземната река, а авантуристите можат да одат по неуредени патеки и да ползат низ тесни калливи тунели во полна спелеолошка опрема и без подземно осветлување.

Remove ads

Пештера Шове

Пештерата Шове била откриена во декември 1994 година. Откритието на тројцата француски истражувачи предизвикало вистински шок поради неколку причини. Пештерата се состои од километарска низа подземни пештери и е постара од нејзините познати соперници Алтамира и Ласко. Сликите на нејзините ѕидови биле насликани околу 30.000 пр. н. е., што ги прави најстарите откриени ѕидни слики.

Мотивите на пештерите во Алтамира и Ласко биле сензација по нивното откритие. „Сликарите“ на неверојатната галерија на животни во пештерата Шове се временски раздвоени од нивните потомци во Алтамира (приближно 15.000 пр. н. е.) со исто толку милениуми колку што е современиот човек е одвоен од сликарите на Алтамира. Заради таквиот временски јаз со претходно познатите наоди, ова откритие, ги превртело сите идеи за развојот на човекот и уметноста.

Спелеолозите и археолозите биле воодушевени од приказите на животни во црвени и златножолти нијанси при нивните први посети. Пластичноста е покажана со цртање на подалечните животни во стадото со послаби потези, па дури и со користење на засенчување. Сето ова претставувало многу пософистицирано уметничко достигнување од слични, веќе познати мотиви.

Како и на други места, приказите овде главно прикажуваат животни (околу триста), на пр. коњи, елени и бизони, како и лавови, мечки, мамути, козорози и диви мачки.

Remove ads

Наводи

Поврзано

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads