подрачје густо обраснато со дрвја From Wikipedia, the free encyclopedia
Шума — подрачје што е густо обраснато со дрвја. Шумите покриваат 9,4% од површината на Земјата или 30% од вкупната копнена површина), но некогаш покривале 50%. Имаат значајна улога како живеалишта за организмите, како фактори во кружењето на водата и запазувачи на почвите. Со тоа, тие се меѓу најважните елементи на биосферата. Во нив се присутни цели 90% од сувоземната биоразновидност во светот.[1]
Една шума се состои од горен кат (кај крошните) и долен кат, кој потоа се дели на кат на грмушки, кат на билки и кат на мовови и почвени микроорганизми. Кај извесни посложени шуми постои и изразен меѓукат на пониски дрвја.
Шумите се од огромно значење за човекот и останатиот жив свет. Тие имаат производни, заштитни и општокорисни функции. Производните функции на шумите се во насока на производство на дрво и други шумски производи. Заштитните функции на шумите се во насока на заштита на природата со заштита на биоразновидноста, заштита од ерозија и спречување на природни непогоди како поплави и др. Општокорисните функции на шумите се во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина, а се остваруваат преку благопријатното влијание врз климата на планетата, пречистувањето на водите, производството на кислород, подобрувањето на квалитетот на животна средина.[2]
Шумите се среќаваат во сите предели кајшто можат да виреат дрвја и на височина сè до шумската граница. Исклучок се местата каде природните пожари и други непогоди се пречести, или пак во средини суштински изменети со човековите активности.
Во краиштата 10° северно и јужно од екваторот претежно се одликува со тропска дождовна шума, а пределите помеѓу 53° СГШ и 67° СГШ имаат тајги. Шумите во кои преовладуваат скриеносемениците (широколисни шуми, лисјари) по правило се побогати со видови отколку што се оние со четинари.
Некои шуми имаат голема разновидност на видови на мало подрачје (на пр. тропските дождовни и умерените листопадни шуми), или пак релативно малку видови на голема површина (на пр. тајгата и сувопланинските четинарски шуми). Во шумите живеат бројни животински и растителни видови, и затоа нивната биомаса по единица простор е висока во споредба со другите видови на живеалишта. Голем дел од биомасата е всушност на и под земја, во шумската простирка, и особено во навлезените изгниени материјали. Дрвенестите делови од шумата содржат лигнин, кој се разградува релативно бавно во споредба со другите органиски материи како целулозата или јаглехидратите.
Шумите се разикуваат од реткошумовитите подрачја по тоа што кај вистинските шуми многу од дрвјата имаат преплетени или допрени гранки. Кај реткошумовитите подрачја, по правило, постојат позначајни празнини помеѓу крошните на дрвата.
Шумите во Македонија зафаќаат 1.001.489 ха и покриваат 39% од територијата на државата.[3] Според пописот од 1979 г. шумите зафаќале 905.653 ха, или 35,2% од вкупната територија на Републиката, а во периодот од 1979 до 1996 г. се пошумени уште 110.000 ха.[4] Во 2008 година вкупната површина на шумите изнесувала 1.091.857,59 ха, од кои 835.055,82 ха биле обраснати, а 256.801,77 ха — необраснати (голи делови). Имало и дополнителни 80.000 ха или (7,32%) за кои постојат пооскудни податоци поради малото стопанско значење.[5]
Дендрофлората ја сочинуваат вкупно 319 видови дрвја и грмушки со над 80 подвидови и вариетети во рамките на 119 родови и 54 фамилии, а 16% од вкупниот број на видовите се балкански ендемити или субендемити. Овие се распоредени во 81 шумска фитоценоза во состав на 31 сојуз, 11 реда и 6 класи.[6]
Најшумовити делови се пошироките појаси долж границите, особено во западна Македонија, додека најобесшумени се Повардарието, Овче Поле и Пелагонија. Најзастапени се листопадните шуми, поточно дабот и буката.
Планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето, чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост се регулира со Законот за шумите.[7]
Шумите се класификуваат на различни начини, зависно од потребната описност:
Според системот на УНЕСКО, постојат 26 главни видови на шуми, зависно од климатските услови и типовите на дрвја. Сите тие можат да се стават во шест покрупни категории: умерени иглолисни; умерени широколисни и мешани; тропски влажни; тропски суви; реткодрвни и разбиени предели; и шумски насади. Подолу е опишана секоја категорија.
Умерените иглолисни шуми ги заземаат повисоките подрачја на северната полутопка како и високите места во извесни умеренотопли области, особено на сиромашни почви. Овие шуми се целосно (или речси целосно) составени од иглолисни дрвја (четинари). На северната полутопка тие се: борот, смреката, аришот, елата, дуглазијата и цугата, но има и други поважни таксони. На јужната полутопка, највеќето четинари (араукарии и ногоплоди) растат во мешавина со широколисни дрвја и се класификуваат како широколисни и мешани шуми.
Умерените широколисни и мешани шуми се претежно својствени за потоплите умерени појаси, но сепротегаат и во свежите умерени краишта, особено на јужната полутопка. Вакви се мешаните листопадни шуми на САД, Кина и Јапонија, широколисните зимзелени (т.е. вечнозелени) дождовни шуми во Јапонија, Чиле и Тасманија, тврдолисните шуми во Австралија средно Чиле, во Средоземјето и во Калифорнија, како и јужнобуковите шуми на Чиле и Нов Зеланд.
Постојат многу видови на тропски влажни шуми, од кои најраспространети се низиснките зимзелени широколисни дождовни шуми, како што се варзејата и игапото и сувоземните шуми на Амазонската Низина; тресетноблатна шума, двокрилноплодните шуми во Југоисточна Азија; и горските шуми во сливот на реката Конго. Тука спаѓаат и планинските шуми, кои се делат на високопланински и нископланински, зависно од разликите во физиономијата.[8]
Тропските суви шуми се својствени за тропските подрачја со сушна сезона. Бидејќи врнежите се сезонски, дрвјата немаат листови неколку месеци во годината. Постојат и други услови (на пр. посиромашна почва, понепредвидливи суши) каде се јавува поголема застапеност на зимзелените видови и овие шуми се нарекуваат „тврдолисни“ (слерофитни). Сувите трнливи честаци се густи шуми со мал раст и голема густина на жилави трнливи растенија и виреат онаму каде сушите се подолготрајни и каде има тревопасни животни и брстачи. На многу сиромашна почва, особено во предели со мошне чести пожари, се јавува дрвенеста савана.
Реткодрвните предели се шуми чии крошни покриваат од 10% до 30% од шумското подрачје. Се јавуваат највеќе во места кајшто шумските предели преоѓаат во нешумски. Две поголеми области кајшто се јавува овој екосистем се бореалното и сезонски сувото тропско подрачје. Во високите предели, северно од бореалната растителност/тајгите, условите не се поволни за да се одржи постојаноста на дрвата, па така тие стануваат сè пооддалечени едно од друго. Ваквата вегетација се нарекува тајга, отворени лишајни шумски предели или шумска тундра. Сиромашни се со видови, а доста обраснати со мовови. Пожарите се честа појава.
Шумските насади се човечки-создадени шуми за добивање на дрвна маса и други производи. Обично се состојат од еден тип на дрво од доведен или домороден вид. Сами по себе тие помагаат во раззеленувањето на планетата, но немаат еколошко значење за живиот свет околу себе. Постојат потфати за нивно подобрување за да се вклопат во околниот екосистем и да играат поважни улоги како одржувачи на фондот на хранливи материи, заштита на сливни подрачја, запазување на целовитоста на земјиштето (заштита од одрони) и како впивачи на јаглеродот.
Постојат 28 категории на шуми кои помагаат во претворањето на државните и регионалните системи на класификација во една глобална систематика:
Оние означени со * се однесуваат на шумските предели каде податоците не укажуваат тип (тука се водат како дополнителни категории)[9]
Научното изучување на шумските видови и нивниот однос со околината се нарекува шумска екологија, додека пак управувањето со шумите се нарекува шумарството. Денешниот начин на управување со шумите е методот на одржливост, следејќи ги процесите во самите шуми и внимавајќи на причинско-последичните односи во нив. Покрај еколошките, одржливото шумарство се осврнува и на социјалните и економските аспекти и делува во консултација со населението.
Човечките (антропогени) фактори што ги засегаат шумите се ексурбанизацијата, човечки-предизвиканите шумските пожари, киселите дождови, инвазивните видови, сечата и опожарувањето за добивање на обработливо земјиште и преселничкиот метод на обработка на земјата. Поради ваквите појави, шумите се делат на два типа: прашуми и вторични шуми. Постојат и низа природни фактори што придонесуваат во губиток на шумските предели како што се природните пожари, инсектите, болестите, лошите временски прилики, борба помеѓу вивдовите и друго. Во 1997 г. е утврдено дека само 20% од изворните шуми во светот имаат поголеми неуништени подрачја.[10] Над 75% од овие недопрени шуми се наоѓаат во три земји: тоа се бореалните шуми во Русија и Канада и прашумата во Бразил. Во 2015 година, една студија покажала дека во светот постојат само две големи недопрени шумски подрачја, и тоа во Амазонија и во Конго, додека сите други се испрекинати со населби или патишта. Исто така, студијата покажала дека испресечените шумски области, во просек, губат половина од растителните и животниските видови во рок од две години.[11]
Според извештајот на Организацијата за исхрана и земјоделство на ООН од 2010 г,[12] вкупното обесшумување во светот се има намалено во последната деценија, но сепак во многу продолжува да се одвива со многу висока стапка. Во периодот од 2000 до 2010 г. степенот на обесшумување (човечко или природно) на глобално ниво бил 13 милиони хектари годишно, во однос на 16 милиони хектари годишно во 1990-тите. Во испитувањето се опфатени 233 земји и области. Најголемите губитници на шуми во деведесеттите биле Бразил и Индонезија, но тие сега бележат знчајано намалување на стапката на обесшумување. Покрај ова, во последниот период се придодадени 7 милиони хектари поради големи потфати на пошумување во Кина, Индија, САД и Виетнам, како и извесна мера на природно проширување на шумите. Поради ова, нето загубата е сведена на 5,2 милиони хектари годишно (2010), од претходните 8,3 милиони хектари во 1990-тите.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.