Премка
село во Општина Кичево From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Премка — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.
Remove ads
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 770 метри. Од градот Кичево е оддалечено 7 километри.[2] Селото е сместено на западните падини на Челоица.
Куќите на ова село се сместени помеѓу низинското земјиште на запад и повисокото планинско земјиште на исток. На пониското земјиште се наоѓа плодна почва погодна за жито, додека на повисокото земјиште има шуми и пасишта. Околни села се: Шутово и Гарани.[3]
Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Чукле, Танасица, Јавор, Божаноски Камења, Разбојиште, Извор, Софра, Преслап, Црн Камен, Трлеец, Јасак, Рамни Лаз, Кошари, Мечи Камен, Пејкоа Глаа, Пештери и Лојчи Рид. Месностите во низинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Брилојец, Кливница, Срачкина Меѓа, Гроб, Стеже, Дупчишта, Гавез, Каменица, Мавроец и Огради.[3]
Селото има збиен тип и е поделено на три маала: две поголеми, кои се македонски, раздвоени од река со помалото арбанашко маало во југоисточниот дел на селото.[3]
Remove ads
Историја

Премка е старо село во Кичевската Котлина. Први пишани историски податоци за селото Премка се сретнуваат во турските пописни дефтери од втората половина на XV век, односно во 1476/77 година, кога селото се споменува под истото име со 82 словенско-христијански куќи,[3] во кои имало 72 семејства, 5 неженети и 5 вдовици, сите христијани.[4]
На атарот на Премка постојат старини и карактеристични топоними. Околу 15 минути пеш источно од селото се наоѓаат Танасица, Трноец и Чукле со остатоци од ѕидови на куќи и гробови. Во народното предание се верува дека таму лежело старото село. На местото Танасица мештаните одат за зимскиот Атанасовден. Жителите на тоа село подоцна се спуштиле во денешното село.[3]
Месностите Чифлик и Ледина се наоѓаат западно од селото на пониско земјиште. Таму во XIX век имало чифлиг на кој работеле македонски семејства. На тоа место имало и црквиче и бунар. На месноста Ледина, пак, има стари гробови.[3]
Во XIX век, Премка било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Мештаните на Премка многу страделе од Арбанасите од соседните села, Шутово и Гарани, што се зголемило пред крајот на отоманскиот период. Во тој период за неколку години биле убиени 27 мажи. Во 1905 година бил убиен селскиот поп од родот Каракостовци.[3]
По ослободувањето од отоманската власт, ситуацијата во селото се променила. Селото станало општинско седиште и тоа траело до 1941 година. Во 1927 година била подигната голема училишна зграда, во која работеле двајца учители.[3]
За време на Втората светска војна, селото се нашло под балистичка окупација. Тогаш било трипати запалено и биле убиени неколку мажи, жени и деца. Воедно, била украдена и стоката и мештаните на Шутово зазеле некои од најубавите ниви во селото.[3]
Remove ads
Стопанство

Атарот зафаќа простор од 7,7 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 415 хектари, на обработливото земјиште отпаѓа 198 хектари, а на шумите 140 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]
Помеѓу двете светски војни во селото биле отворени три работилници и селаните купиле ниви во самата котлина.[3]
Население

Според податоците од 1873 година, селото се нарекувало Прешка и имало 44 домаќинства со 52 жители муслимани и 220 христијани.[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 365 жители, од кои 320 христијани и 45 муслимани.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Премка имало 304 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Премка се води како чисто македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 46 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци и 50 Албанци.[9]
Селото е мало, коешто во 1961 година броело 266 жители, од кои 202 биле Македонци, а 62 Албанци. Во 1994 година, бројот се намалил на 132 жители, од кои 95 Албанци, 35 Македонци и 2 Срби.[2]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Премка, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Премка живееле 134 жители, од кои: 25 Македонци, 108 Албанци и 1 останат.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 77 жители, од кои 6 Македонци и 71 Албанец.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Премка:
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
Премка е мешано православно-муслиманско село. Денес, во најголем дел во селото Премка живеат муслимански Албанци, но во минатото секогаш најголем дел од населението биле православните Македонци.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
- Македонски родови:
- Староседелци: Близнаковци (4 к.) и Терзиовци (6 к.), староседелци;
- Доселени: Ивановци (13 к.), доселени се од селото Иванчишта, Копачка; Пустовраговци или Симуновци (10 к.), доселени се од селото Пуста Река, Крушевско; Дабевци (2 к.) и Каракостовци (2 к.), доселени се од областа Матија, Албанија; Ќуферовци (2 к.), доселени се однекаде; Шутаровци (3 к.), доселени се од сега албанското село Шутово; Беровци (1 к.), доселени се од Бер во Албанија, нивниот предок дошол како овчар во родот Близнаковци; Глувчаровци (5 к.), доселени се околу 1900 година од селото Аранѓел; Џеповци (1 к.), тие имаат мијачко потекло, основачот на родот бил посинет кај Ивановци. Доселени се од Лазарополе; Милошевиќи (1 к.), потеклото им е од Билеч во Херцеговина. Потекнуваат од предок кој бил полицаец во Кичево. Се оженил со девојка од Пустовраговци.
- Албански родови: Оломановци (7 к.), доселени се од соседното повисоко село Гарани. Родот го основал предокот Оломан. Нивното населување се извршило на следниот начин. Четири браќа од македонскиот род Аврамовци од Премка околу 1860 година на местото Гроб убиле некој гарски Албанец. Тој бил полјак во нивното село. После убиството браќата се иселиле од Премка, а на нивно место се населил Оломан од Гарани; Бајровци (2 к.), родот го основал Бајро, кој бил говедар, дошол од селото Зајас.
Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[11]
- Македонски родови: Милошевци (4 к.), Близнаковци (4 к.), Терзијовци (4 к.) и Митревци (2 к.), имаат иселеници во Белград. Тие се староседелци; Ивановци (10 к.), доселени се од селото Иванчишта; Беровци (2 к.), доселени се од Белград во Албанија. Основачот на родот е доселен како домазет; Џуферовци (1 к.), доселени се однекаде. Имаат иселеници во Белград и Шабац; Каракостевци (6 к.), доселени се од кај Дрим, но не знаат кога; Пустивраговци (5 к.), доселени се од некое село Пуста Река кај Дебар?. Некој човек од овој род во текот на Илинденското востание правел црешови топчиња и Шутаревци (3 к.), доселени се од селото Шутово.
- Албански родови: Оломановци (6 к.), доселени се од селото Гарани, поради крв. Насилно се населиле кај иселените Дулевци. Побарале да ги служат жените и тогаш некои од Дулевци убиле некој Албанец, и го фрлиле во река. Потоа ловечки кучиња го пронашле лешот на убиениот Албанец. И по тогашниот закон имотот на Дулевци го присвоиле Оломановци и Бајровци (3 к.), доселени се од селото Зајас.
Remove ads
Општествени установи
- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Премка, се наоѓале и селата Арангел, Гарани, Жубрино, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Осломеј, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Стрелци, заедно со селата Гарани, Лазаровци, Мамудовци, Премка, Стрелци и Шутово.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0796 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 125 гласачи.[13]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Археолошки наоѓалишта[14]
- Ледина — некропола од средниот век;
- Печарица — населба од доцноантичкото време;
- Трноец — населба и некропола од средниот век; и
- Чукле — црква и некропола од доцниот среден век.
- Цркви[15]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Илија“ — селска црква кај новите гробишта.
Во минатото се верува дека имало храм помеѓу Премка и Рабетино во месноста Пачерица, во чија непосредна близина е и месноста Јавор, каде се пронајдени остатоци на некогашни куќи.[3]
- Џамии
- Џамија — џамија подигната во 2012 г.
- Црквата „Св. Атанасиј“
- Новоподигнатата џамија
- Црквата „Св. Илија“
Remove ads
Личности
- Родени во или по потекло од Премка
- Блаже Савев Кузманов — македонски револуционер од ВМОРО.[16]
- Љубе Стојанов Савески — македонски револуционер од ВМОРО.[17]
- Илија Јанески (1925-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Мирко Костески (1924-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Иселеништво
Сосем се иселени македонските родови: Митревци, Аврамовци и Китановци, кои се иселиле Белград и Гроцка. По Втората светска војна, околу 30 семејства се иселиле во Скопје и Кичево. Припаѓале на поедини родови во селото.[3]
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads