Старавина
село во Општина Новаци, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Старавина — село во Општина Новаци, во областа Мариово, во околината на градот Битола.
До 2004 година, селото било административно седиште на поранешната истоимена општина, која била споена со Општина Новаци. Селото отсекогаш важело за средиште на Битолско Мариово.
Remove ads
Потекло и значење на името
Името на селото се поврзува со легенда според која тоа води потекло од големата распространетост на виновата лоза. Поради тоа, селото било познато по старите вина, односно село на „стари вина“, што се образило во Старавина.[2]
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во битолскиот дел на областа Мариово, во крајниот источен дел на територијата на Општина Новаци. Со дел од атарот се допира со државната гранична линија со Грција.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 850 метри.[3] Селото е оддалечено 52 километри од градот Битола, додека од општинското средиште Новаци е оддалечено 41 километар.[2] Селото е поврзано со градот Битола преку регионалниот пат 1311.
Градешка Река, која поминува низ самото село, се смета за значајно геонаследство од сферата на хидрологијата.[4] Реката извира на планината Ниџе,[5] на чии падини се наоѓа и самото село.
Во минатото, селото било составено од повеќе маала.[2] Селото поседува автентична архитектура и бројни зачувани стари традиционални куќи.[6]
Клима
Просечната годишна температура на воздухот во Старавина изнесува 12,4 °C, а просечните годишни врнежи 573 mm.[7]
Remove ads
Историја
Во близина на селото се наоѓа тврдината Пешта, за која постојат докази дека постоела уште од времето на античките македонски кралеви. Тврдината најголема значајност стекнала за време на Мариовската буна, кога населението во Мариово пружило силен отпор на отоманската војска и во неколку наврати истата ја совладала. Сепак, обиколени од сите страни, востаниците се повлекле на тврдината. Тврдината доживеала бомбардирања за време на Првата светска војна, поради што денес е уништена и разрушена.[2]
Селото Старавина било на самата фронтовска линија за време на Првата светска војна и може да се вброи меѓу најпогодените села во Мариово. Месното население најмногу настрадало, имајќи стапка на смртност над 50%, како и со тешки стопански последици по имотите.[2]
Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[8]
Стопанство

Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 60 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 3.547 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1357 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 1042 хектари.[3] Во поново време, голем дел од обработливото земјиште поради некористење е претворено во пасишта.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Старавинци биле сточари и земјоделци, а особено се одгледувале овци и кози. Исто така, уште од 1930-тите години започнале да се користат шумите околу селото, поради што во селото бил сместен гатерот на Шумското стопанство „Кајмакчалан“.[2]
Во Првата светска војна биле уништени сите стари лозја, по кои се верува и селото го добило своето име.[2]
Remove ads
Население
Демографски статистики за селото Старавина во османлискиот период:[9]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Старавина живееле 590 жители, од кои 570 Македонци и 20 Роми.[10] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Старавина имало 560 Македонци, патријаршисти.[11]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Старавина се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 79 куќи.[12]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[13]
Од Старавина се иселил голем број од населението и тоа преминало од средно во сосема мало село, населено со македонско население. Така, селото во 1961 година имало 655 жители, а во 1994 година бројот се намалил на само 26 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Старавина живееле 23 жители, од кои 22 Македонци и 1 Србин.[14]
Во 2008 година, според неофицијални податоци, селото имало 8 семејства со 18 жители, додека во 2018 година имало околу пет постојани жители.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 8 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Иселеништво
Од селото се иселил голем број од населението, а најмногу во градовите Битола, Скопје и Прилеп, во бројни битолски села, како и во прекуокеанските земји и во Европа.[2]
Remove ads
Општествени установи
- Поранешно основно училиште „Борис Кидрич“
Училиштето било осумгодишно и било отворено во 1951 година во голема зграда. По наглото иселување од селото, училиштето било затворено во 1990-тите години.
- Поранешна амбуланта
- Поранешна општина
- Поранешна полициска станица
- Поранешна пошта
- Објекти на Шумско стопанство „Кајмакчалан“
- Планинарски дом „Старавина“
- Објект на Шумското стопанство „Кајмакчалан“
- Поранешното основно училиште
- Поранешната општина
- Планинарскиот дом „Старавина“
- Поранешната полициска станица
- Поранешната амбуланта
- Објект на Шумското стопанство „Кајмакчалан“
Remove ads
Самоуправа и политика
Во XIX век, Старавина било село во Мариовската нахија, во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Новаци, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Старавина.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Битола. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на некогашната Општина Старавина, во која покрај селото Старавина, се наоѓале и селата Будимирци, Градешница, Групиште и Зовиќ. Општината Старавина постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0175 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на објект на општината.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[20] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[21]
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[22]
- Пешта — населба и некропола од римско и доцноантичко време;
- Цркви[23]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Атанасиј“ — стара манастирска црква изградена околу 1860 година и се наоѓа на Старавинско Тумбе;
- Црква „Св. Атанасиј“ — нова манастирска црква;
- Црква „Св. Архангел Михаил“ (Горна црква) — црква наменета како спомен-капела, започната да се гради по Првата светска војна, но никогаш не била довршена.
Во минатото во селото постоела и црквата „Св. Никола“, која не била зографисана и денес е разрушена.[6]
- Манастири
- Старавински манастир — манастир во близина на селото.
- Параклиси
- Параклис „Св. Преображение“ — параклис во склоп на Старавинскиот манастир; и
- Параклис „Св. Атанасиј“ — параклис на скршнувањето кон Старавинскиот манастир.
- Градби
- Куќа на Калеш Анѓа — спомен-куќа на Калеш Анѓа
- Старавински манастир
- Старата манастирска црква „Св. Атанасиј“
- Новата манастирска црква „Св. Атанасиј“
- Параклисот „Св. Преображение“
- Горна црква
- Спомен-куќа на Калеш-Анѓа
- Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
- Параклисот „Св. Атанасиј“
Remove ads
Редовни настани
- Слави[24]
- Голема Богородица (28 август) — главна селска слава
Личности
- Калеш Анѓа — легендарна Македонка која никогаш не се потурчила.
- Никола Митревски (р. 1947) — историчар на уметноста
Култура и спорт
Во селото работело културно-уметничко друштво од 1950-тите до 1970-тите. Во тој период имало и спортско и рибиловно друштво, како и стрелачка дружина.[2]
Селото е познато по приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка која и по цена на својот живот ја зачувала своја вера и не се предала на прилепскиот кадија. Сепак, на подмолен начин била заробена, а нејзиното спасување од домот на кадијата, било вовед во организирано востание против Отоманското Царство, односно Мариовската буна во 1564/65 година. Оваа легенда е овековечена и во истоимениот роман на Стале Попов, а нејзината куќа е обновена и претворена во спомен-куќа.[2] За Калеш Анѓа посветена е и народната песна Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо.
Remove ads
Галерија
- Куќа во Старавина
- Селска чешма
- Куќа во Старавина
- Поглед на селото од манастирот
- Куќа во Старавина
- Спомен-плочи
- Куќа во Старавина
- Поглед на селото
- Куќа во Старавина
- Панорама на селото
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads