Данте Алигиери

From Wikipedia, the free encyclopedia

Данте Алигиери
Remove ads

Данте Алигиери (италијански: Dante Alighieri) (1265 — 13/14 септември 1321) — италијански поет, еден од најголемите ликови во светската литература, славен поради неговите длабоки верски видувања и неговата длабока интелектуалност.[1] Неговата „Божествена комедија“ е најзначајното книжевно дело на средновековниот период и основа на современиот италијански јазик.

Кратки факти Данте Алигиери, Роден/а ...
Thumb
Данте и Беатриче во градината, 1903 година, од италијанскиот сликар Чезаре Сакаги
Remove ads

Животопис

Данте Алигиери, чие вистинско име е Дуранте Алигиери, е роден во Фиренца во јуни 1265 година, а потекнува од старо, но осиромашено, аристократско семејство: тој бил далечен потомок на крстоносецот, рицарот Качагвидо кој го презел презимето Алдигиери од својата сопруга. Мајка му на Данте, Бела (од непознато семејство), умрела во неговото детство, а татко му, Алигиеро II (следбеник на партијата на Гвелфите), умрел кога Данте имал 18 години. Нема многу податоци за детството на Данте. Најбитниот настан од неговата младост била средбата со Беатриче (ќерката на соседот Фолка Партинари) во 1274 година, за време на првомајската веселба во чест на пролетта. Неа најпрвин ја опеал во својата книга „Нов живот“, а подоцна и во неговото најголемо дело „Божествена комедија“.[2]

И покрај скромната општествена положба, Данте учел кај најдобрите учители во тоа време, наверојатно во некој францискански манастир каде се здобил со длабоки познавања од таканаречениот trivium (латински јазик, реторика и дијалектика), а потоа го изучил и таканаречениот quadrivium (математика, астрономија, географија и музика). Од своите професори, Данте го спомнува само Брунето Латини. Во младоста, тој се оженил со Џема Донати со која имал барем три деца.[3] Според Бокачо, сестрата на Данте била омажена за Леон Поџи, а нивниот син Андреа многу личел на Данте, па дури ја имал истата става и истиот начин на одење (бил малку подргбавен).[4] Данте се одликувал со тежок карактер и немал многу пријатели, а поради својата претерана гордост, тој имал многу непријатели. Во неговата младост, најголем пријател на Данте бил поетот Гвидо Кавалканти, додека во периодот на зрелост и староста, негов најголем пријател бил Чино де Пистоја. Всушност, поради политичките разлики, Данте го прекинал пријателството со Кавалканти и, како член на владата на Фиренца, го потпишал указот за неговото прогонство, а подоцна не се согласил да му се дозволи враќање во Фиренца.[5]

Данте покажувал голем интерес за сликарството, архитектурата, политиката и музиката, но најголемо значење ѝ придавал на поезијата. Тој ја читал латинската поезија со посебен интерес, најмногу Вергилиј кого го сметал за свој учител. Познато е дека Данте многу читал, а во делото „Convivio“ самиот тој кажува дека од преголемото читање се здобил со заболување на очите.[6] Се знае дека Данте не го имал читано Хомер, но добро го познавал творештвото на Хорациј, Овидиј и Лукијан, како и делата на Сенека.[7] Исто така, тој ги познавал некои записи на лекарот Гален од Пергам, а ги читал и коментарите на Авицена и Авероес на делата на Аристотел.[8] За време на неговото политичко прогонство, Данте читал две книги: „За утехата“ на римскиот писател Боетиј и „За пријателството“ на Цицерон.[9] Покрај тоа, Данте бил и војник, учествувајќи во борбата кај Кампалдино и во опсадата на Капроне во 1289 година. Тој се определил за еснафот на лекарите и аптекарите, а во меѓувреме го изучувал и францускиот јазик.

Исто така, се знае дека Данте учествувал на забави, ловови, свечености, и во таквиот монденски живот на тогашната Фиренца се родила и се развила неговата љубов кон една фирентинска девојка која ќе биде одредница на неговите дела и животниот пат. Беатриче, како што ја нарекувал Данте, се омажила млада за дворјанинот Симон де Барди, што ја предизикала првата криза во животот на Данте, а втората негова криза потекнува од 1290 година, кога умрела Беатриче.[10]

Политичката активност на Данте

Thumb
Данте Алигери

Уште од раната младост, Данте учествувал активно во општествено-политичкиот живот во Фиренца. Така, во 1289 година тој се борел како дел од коњаничката милиција на Фиренца, а потоа учествувал во политичките тела коишто управувале со градот. Извесно време бил во градскиот совет, а на возраст од 25 години бил избран за пријур (член на колегиумот од шест члена, кој управувал со Фиренца). Во тоа време, во Фиренца имало две спротивставени политички партии – „Белите“ и „Црните“. Бидејќи нивните борби довеле до долго крвопролевање, по совет на Данте, летото 1300 година, водачите на двете партии биле протерани од Фиренца, а меѓу нив бил и пријателот на Данте, поетот Гвидо Кавалканти. Исто така, Данте настапил енергично против обидот на „Црните“, со поддршка на папата, да се вратат на власт, така што тој бил заслужен за нивното прогонство од градот.[3] [11]

Според една анегдота, кога бил испратен во Рим за да преговара со папата, Данте ркеол: „Ако јас заминам во Рим, кој ќе остане во Фиренца; а ако јас останам, тогаш кој ќе оди?“.[12] Додека Данте се наоѓал во Рим, во својство на пратеник кај папата Бонифациј VIII, „Црните“ се вратиле на власт во Фиренца, благодарение на сплетките на папата, при што започнале серија судења, одмазди и прогонства на политичките противници. Се претпоставува дека Данте се наоѓал во Сиена, кога дознал за пресудата од 27 јануари 1302 година, со која бил осуден на парична казна, на двегодишно прогонство и на доживотно исклучување од јавните функции. Бидејќи не се појавил пред судот за да се оправда и да ја плати казната, со нова пресуда од 10 март бил осуден да биде жив запален, ако падне во рацете на фирентинската општина.[13] Откако во 1302 година бил прогонет од Фиренца, по неколку неуспешни обиди да се врати во градот, летото 1304 година, Данте ги напуштил другарите од партијата на „Белите“ и засекогаш останал во прогонство.[14] Оттука, од 1302 година до смртта, Данте го поминал животот во прогонство, како сведок на жалната судбина на неговите деца, кои исто така биле прогонети. Во 1315 година била донесена нова пресуда со која тој и неговите деца биле осудени на смртна казна. Времето до смртта, Данте го поминал селејќи се од еден до друг град, живеејќи во крајна сиромаштија. Тогаш дошло до промена во неговиот политички став: се разочарал во својата партија и го замразил папата. Истовремено, тој патувал низ Европа при што го посетил и Париз. Надевајќи се дека царот Хенрик VII Луксембуршки ќе ја обедини Италија, тој агитирал за него, враќајќи се во Италија каде испраќал писма до „сите кралеви во Италија“ за поддршка на царот, но без успех. Како непријател на Фиренца, Данте бил уште двапати осуден на смрт, но во 1316 година, партијата на Црните им дозволува на прогонетите да се вратат во Фиренца, па така и тој бил помилуван и му било дозволено да се врати во Фиренца под услов јавно да се покае во црквата „Св. Иван“. Тој ја одбил понудата и продолжил да живее во доброволно прогонство. Во 1320 година пристигнал во Равена, а потоа заминал во Венеција. По тешко боледување, Данте умрел ноќта меѓу 13 и 14 септември 1321 година во Равена, каде се наоѓа неговиот гроб.[13] [15]

Remove ads

Творештво

Првите поетски творби на Данте потекнуваат уште пред 1283 година, но првито јавен настап го имал на 18-годишна возраст, читајќи го својот сонет-загатка инспириран од љубовта кон Беатриче. Според тогашните обичаи, поетот-почетник бил должен да се претстави пред постарите колеги со гатанка, а тие или ја прифаќале играта или не, а со тоа покажувале каков интерес предизвикал сонетот кај нив. На гатанката на Данте одговориле неколку поети при што неколкумина го советувале да се откаже од поезијата. Но, фирентинскиот поет Гвидо Кавалканти го охрабрил да продолжи да пишува и оттогаш му станал на Данте близок пријател. На почетокот од своето творештво, Данте ја негувал поезијата на провансалските трубадури, а потоа, под влијанието на најважните претставници на „слаткиот нов стил“, Гвидо Гвиничели (1240-1276) и Гвидо Кавалканти (1259-1300), ја прифаќа нивната лирска школа, внесувајќи реализам во поетските слики.[16]

Едно од најважните дела на Данте Алигиери е „Нов живот“ (La vita nuova), кое го напишал непосредно по смртта на Беатриче. Делото се состои од сонети и канцони (љубовни поеми), проткаени со прозни објаснувања. Во него се раскажува за љубовта на Данте кон Беатриче, како и неговото претчувство за нејзината смрт. Делото е едно од најголемите и најубавите примери на љубовна поезија во европската литература. Делото „Нов живот“ е делумно напишано во стихови а делумно во проза: содржи 30 песни, напишани до 1291 година, а кои се дополнети со коментари.[17] „Нов живот“ претставува еден вид автобиографски љубовен роман во кој стиховите напишани во чест на неговата љубов Беатриче се надополнети со прозни текстови во кои се опишува душевната состојба во која се составени тие стихови. Во согласност со учењето на поетската школа „Dolce stil nuovo“ на која ѝ припаѓал Данте, во своите стихови Данте ја претставил Беатриче како идеализиран лик на жена која е слична на ангел и која претставува идеал на љубов и возвишена чистота. Притоа, во последната глава на „Нов живот“, Данте ја изразува надежта дека за Беатриче ќе го испее „она што никогаш не е речено ниту за една друга жена“.[18] Неговот дело „Рими“, пак, не излегува од рамките на тогашната љубовна поезија, иако во него може да се најдат и неколку поетски бисери.

Во раните години од прогонството од Фиренца, Данте напишал две важни дела на латински јазик. Првото е „За народниот говор“ (De Vulgari Eloquentia) од 1304-1305 во коешто тој го дефинира народниот јазик како средство за литературно изразување и се обидува да воведе критериум за користење на пишуваниот италијански јазик и италијанска поезија. Од замислените четири книги од ова дело, денес се зачувани само две. Во нив, Данте го брани правото на употребата на народниот јазик во книжевноста, укажува на разликите меѓу романските јазици и разгледува некои лингивистички прашања од поетско-филозофски аспект. Своите целосни филозофски и книжевни идеи ги изложил во незавршеното дело „Гозба“ (Convivio) од 1304-1307, напишано на народен јазик, кое требало да биде приказ, во 15 книги, на целото знаење во тоа време. Од ова дело биле завршени само првите четири книги. „Гозба“, исто така, е напишана во стихови и во проза. Во делото „За монархијата“ (De Monarchia), напишано на латински јазик, Данте ги изложил своите политички сфаќања за поделба меѓу верската и политичката власт, од кои првата треба да И припадне на црквата, а втората на владетелот. Во ова дело, тој отворено станува против папата и го подржува царот Хенрих VII Луксембуршки, докажува дека на Италија ѝ е потребен монарх и ја брани идејата на Гибелините, иако запаѓа во некои противречности. Исто така, тој напишал и неколку други помали дела, како што е „Epistolae“, една стихозбирка (која обично оди заедно со „Новиот живот“, а за која е тешко да се определи кои песни се негови а кои се вметнати подоцна), неколку еклоги напишани во хексаметри, делото „Исповедта на верата“, напишано во терцини итн.[18] [19]

Иако не се знае кога е точно напишано делото „Божествена комедија“, се смета дека Данте започнал да работи на неа во времето кога веќе бил во прогонство. Притоа, со сигурност се знае дека „Пеколот“ и „Чистилиштето“ биле завршени пред април 1314 година, додека третиот дел „Рајот“ бил напишан пред крајот на неговиот живот.[20] Иако Данте ја започнал „Божествената комедија“ со намера да го слави ликот на Беатриче, потоа делото добило многу поширок опфат, т.е. тоа претставува портрет на целиот средновековен општествен, политички, филозофски и културен свет. Притоа, Данте ја презел формата на алегоричната поема од средновековната поетска традиција, а во намерата своите сфаќања за потребата од повисока правда да ги направи достапни на пошироката јавност, тој одлучил делото да го напише на народен италијански јазик, наместо на латински јазик, како што било вообичаено да се пишува во тоа време. Поради содржината, која тече од тажен почеток кон среќен крај, и поради разбирливиот јазик на којшто е напишано, делото било наречено „Комедија“, а дури во 16 век тоа било објавено со насловот „Божествена комедија“, како што е познато до ден-денес.[20]

Remove ads

Значење и влијание

Според италијанскиот поет Џакомо Леопарди, во Данте гледаме човек со силен дух, кој бил способен да се носи со лошата судбина и неа да ја поднесе, но исто така, им се спротивставувал на судбината и на нужноста.[21] Притоа, Леопарди смета дека меѓу италијанските поети немало и никогаш нема да има еднакви на Данте.[22] Според српскиот поет Јован Дучиќ, денес, Данте најмногу возбудува со својата христијанска тага отколку со своите идеи и со совршената форма.[23] Една песна на полскиот поет Тадеуш Ружевич се вика „Дантеовиот гроб во Равена“.[24] Во 1997 година, српскиот писател Драган Великиќ го објавил романот „Дантеовиот плоштад“.[25]

Надворешни врски

Thumb
De vulgari eloquentia, 1577
Remove ads

Наводи

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads