From Wikipedia, the free encyclopedia
Славен Билиќ ([1][2] роден на 11 септември 1968 година) е професионален хрватски фудбалски тренер и поранешен професионален играч. Во моментов тој е актуелен тренер на тимот на Вотфорд од ЕФЛ Првенството, (втора англиска фудбалска лига).
Славен Билиќ, кој настапувал на позицијата на дефанзивец, својата професионална кариера ја започнал во 1988 година во фудбалскиот клуб на Хајдук од Сплит. Во подоцнежната кариера тој имал успешни фудбалски периоди играјќи во екипата на ФК Карлсруер од Германија и клубовите на Вест Хем Јунајтед и Евертон од Англија, пред да се повлече од активното играње фудбал во 2001 година. На репрезентативно ниво Билиќ настапувал и бил еден од најконстантните одбранбени играчи на репрезентацијата на Хрватска. Додека настапувал за својата репрезентација, селектор на државната репрезентација бил Мирослав Блажевиќ. Славен Билиќ одиграл вкупно 44 натпревари за својата репрезентација и тоа помеѓу 1992 и 1999 година. Во тој период настапил на УЕФА ЕВРО 1996 и Светското првенство на ФИФА во 1998 година. Тој ѝ помогнал на својата репрезентација да го освои третото место на Светското првенство во 1998 година кое се одржало во Франција.
По неговото играчко пензионирање, во 2001 година во екипата на Хајдук од Сплит Билиќ бил тренер на истиот тим во втората половина од сезоната 2001-02. Помеѓу 2004 и 2006 година, тој ја предводел репрезентацијата на Хрватска до 21 година, пред да ја преземе сениорската репрезентација. Тој го водел тимот до четврт-финалето на Европското првенство во 2008 година кое се одржало во Австрија и Швајцарија. Билиќ ја напуштил репрезентацијата по Европското првенство во фудбал 2012 година, четири години подоцна. Бил пофален за неговата долгогодишна работа во државната репрезентација и бил заслужен за успешното надгледување на младите играчи и нивно воведување од тимот до 21 година во сениорскиот репрезентативен тим.[3][4] Подоцна, во 2012 година, Славен Билиќ заминал да работи како тренер во рускиот клуб Локомотив од Москва, а потоа по две години преминал да работи раководејќи ги турскиот тим Бешикташ и екипата на Вест Хем Јунајтед од Англија. Во сезоната 2018 -19 тој бил главен тренер на екипата на Ал-Итихад од Саудиска Арабија, а на 13 јуни 2019 година станал тренер на екипата на Вест Бромвич Албион од Англија. По престојот во Англија, Славен Билиќ работел како прв тренер на кинескиот тим Пекинг Гуан. Подоцна, во 2022 година Билиќ се вратил во Англија и станал тренер на екипата на Ватфорд каде и моментално работи.
Речиси сите јуниорски играчи (младинци) на екипата на Хајдук од Сплит учеле во економското училиште. Во градот Сплит немало класични гимназиски средни училишта, па затоа тој се запишал на информатичко, новинарски и документарен правец (ИНДОК). Славен Билиќ додека учел во текот на средно училиште успеал да заврши со највисоки оценки, па на крајот успеал и успешно да ја заврши и матурата. Омилени предмети му биле математика и историја. Кога требало да изврши избор каде да се запише, на кој факултет, веќе знаел дека ќе биде професионален фудбалер. По завршувањето на средното училиште, тој го завршил правниот факултет во Сплит. На истиот факултет татко му на Славен бил декан.[5]
Како играч на екипата на Хајдук, на половина година бил позајмен во тимот на НК Приморац од Стобреч, а една година и половина во составот на ХНК Шибеник. Екипата од Шибеник во тој период се борела за првото место во тогашната Југословенска втора лига.[6] Билиќ како играч на централната одбранбена позиција постигнал вкупно седум гола и во истиот период настапувал и за државната репрезентација. Тренерот Петар Надовеза го повикал Билиќ да настапи на три натпревари: и тоа во Скопје, против Вардар, во Ниш против Раднички и во Мостар против тимот на Вележ. На тие натпревари тој постигнал два гола и воедно бил прогласен за играч на натпреварот на сите три натпревари.[7]
Билиќ набрзо станал мета на клубови како Динамо од Загреб, Црвена Ѕвезда од Белград и Партизан исто така од Белград. Сите тие тимови имале желба да го видат младиот дефанзивец во своите редови. Билиќ му помогнал на својот Хајдук да го освои Купот на Југославија во сезоната 1990-1991 година. Веднаш по тој финален натпревар дошло до распаѓање на Југословенската прва лига поради распад на југословенската држава. Во текот на првата сезона од новосоздадената Хрватска прва лига, екипата на Хајдук од Сплит ги освоил и хрватската прва лига и Суперкупот . Една сезона подоцна Славен Билиќ со својот Хајдук го освоил и Купот на Хрватска.[8]
Во месец јануари 1996 година, Хари Реднап, тренер во Премиер лигата на клубот Вест Хем Јунајтед, го донел во клубот Славен Билиќ за сума од 1,3 милиони фунти,[9] поставувајќи го клупскиот рекорд за највисока такса платена за странски играч. Првиот натпревар за новиот тим го имал на 12 февруари 1996 година во победата со резултат од 0-1 на гостински терен против лондонскиот клуб и ривал Тотенхем Хотспур. Ударот на Славен Билиќ бил одбранет од страна на голманот на екипата на Тотенхем, Јан Вокер, но одбиената топка стигнала до соиграчот на Билиќ Дани од екипата на Вест Хем. Дани бил уште еден нов играч во тимот и тој успеал одбиената топка да ја пренасочи во голот на екипата на Тотенхем.[10][11]
Билиќ за време на претстојот во екипата на Вест Хем постигнал вкупно три гола, два во Премиер лигата против екипата на Ливерпул и составот на Сандерленд, и еден во Лига купот против екипата на Барнет. Голот против составот на Барнет го постигнал со глава по изведен казнен удар од корнер од страна на соиграчот Стен Лазаридис. Тој гол воедно бил негов прв постигнат гол за составот на Вест Хем.[10][12] Славен одиграл само 13 натпревари во сезоната 1995-1996 и дури 41 натпревар во сезоната 1996-97. Во таа сезона тој ја освоил втората награда за најдобар и најкорисен играч на тимот веднаш зад соиграчот Џулијан Дикс. Таа награда популарно го носи името Чекан на годината.[10][13] Екипата на Вест Хем е позната како екипа со прекар „Чекани“.
Во месец март 1997 година, тренерот на екипата на Евертон, Џо Ројл посредувал во трансферот кој изнесувал четири и половина милиони фунти за да премине во новиот тим, меѓутоа Славен Билиќ рекол дека има договор за лојалност кон екипата на Вест Хем за да остане во клубот до крајот на сезоната и така да му помогне, за да се осигура дека нема да испадне од Премиер лигата.[14] Таа сезона екипата на Вест Хем на крајот завршила на 14то место и тоа само два бода над местата кои водат во понизок ранг на натпреварување.[15]
Славен Билиќ преминал во екипата на Евертон во месец август 1997 година, откако се уверил во целосната поддршка на новиот тренер на тимот Хауард Кендал. Тој на почетокот внел голема сигурност во последната линија на одбраната на тимот, но неговата сезона била нарушена поради неколку пропуштени натпревари поради суспензија.[14]
По неговите напорни настапи на Светското првенство во фудбал во1998 година, тој се здобил со преголемо напрегање на делот на препоните што барало одмор и соодветен третман. Тој заминал дома во Хрватска и таму решил да изврши рехабилитација.[14] Откако ја пропуштил првата четвртина од сезоната, Билиќ бил во дилема дали да се врати во тимот на Евертон кој во тој период добил нов тренер во името на Волтер Смит. Билиќ сепак одлучил да се врати во тимот каде покажал добра форма, но никогаш не можел целосно да се наметне со своите игри поради честите повреди и суспензиите.[14]
Екипата на Евертон го ослободила Славен Билиќ во месец јули 1999 година.
Два дена откако бил ослободен од екипата на Евертон, Билиќ се пријавил во неговиот матичен клуб Хајдук од Сплит, каде што во краток временски период настапувал сѐ до неговото пензионирањето.[14] Тој го предводел тимот на Хајдук и тоа како капитен до нивниот прв трофеј по пауза од пет години, освојувајќи го Купот на Хрватска.[16]
Славен Билиќ својот прв репрезентативен настап го имал на 5 јули 1992 година во пријателски натпревар против репрезентацијата на Австралија, во кој неговата екипа загубила со резултат од 1:0 на стадионот Олимпик Парк во Сиднеј.[17]
Билиќ настапил на Светското првенство во 1998 година со екипата на Хрватска, каде репрезентацијата била големо изненадување на турнирот, стигнувајќи до полуфиналето каде загубила од домаќинот, селекцијата на Франција. Репрезентацијата на Хрватска на крајот го освоила третото место по победата во крајниот натпревар.[14]
Славен Билиќ бил вклучен во доста полемики за време на турнирот и тоа особено за улогата што ја одиграл при досудениот црвен картон на францускиот дефанзивец Лоран Блан во полуфиналниот натпревар со составот на домаќинот Франција. Имено во одбраната на Хрватска бил досуден слободен удар, во кој Славен Билиќ го покривал францускиот дефанзивец Лоран Блан. Славен за време на дуелот го повлекувал дефанзивецот на Франција, а тој за да се ослободи го оттурнал од себе дефанзивецот на Хрватска при што дошло до допир со брадата и градите. Билиќ паднал на земја држејќи се за челото. Подоцна Билиќ признал дека целата ситуација ја одглумил и во моментот бил охрабрен од соиграчот Игор Штимац. Лоран Блан по таа ситуација бил исклучен и така го пропуштил финалето на Светското првенство поради добиената суспензија.[14] Славен Билиќ за тој настан не се извинил, но во една ситуација рекол: „Се колнам, ако можам да го сменам тоа за да може Блан да игра во финалето, јас би го сторил тоа без размислување.“[18]
Како акционер во неговиот прв клуб од родниот град, Хајдук од Сплит, тој привремено се согласил да управува со клубот додека екипата не најде замена за тренерската позиција. Тој во една ситуација признал дека адреналинот за тенерска работа го добил по насоки откако патувал низ Европа и се сретнал со тренерите и великани на тренерската работа, Арсен Венгер од Арсенал и Марчело Липи од Јувентус.[19]
Билиќ бил назначен за селектор на сениорската репрезентација на Хрватска на 25 јули 2006 година, наследувајќи го Златко Крањчар по неуспешното Светско првенство во 2006 година. Негови помошници на тренерската клупа биле поранешните соиграчи Аљоша Асановиќ, Роберт Просинечки, Никола Јурчевиќ и Марјан Мрмиќ. Откако дошол на чело на тимот, една од неговите први активности била промоцијата на тројца играчи од тимот до 21 година: Едуардо да Силва, Лука Модриќ и Ведран Ќорлука, кои набрзо подоцна ќе доживеаат импресивен успех и ќе направат трансфери во Премиер лигата на Англија. Првиот официјален натпревар на тимот под водство на Билиќ бил во победата од 0:2 на пријателскиот натпревар во градот Ливорно против репрезентацијата на Италија, додека првиот официјален натпревар на Билиќ бил на нерешениот натпревар без голови во Москва против селекцијата на Русија и тоа на отворањето наквалификациите за ЕП 2008. Многумина го критикувале овој резултат, бидејќи сметале дека суспензијата која ја изрекол Славен Билиќ против репрезентативците Даријо Срна, Ивица Олиќ и Бошко Балабан. Имено до таа суспензија дошло кога тројцата играчи се оддалечиле од кампот на три дена пред натпреварот и заминале во ноќниот клуб Фонтана во Загреб. Веројатно за тој немил настан никој немало да дознае, но дошло до престрелка пред локалот и полициска интервенција го открила целиот настан поврзан со фудбалерите.[20]
Понатаму во квалификациите за ЕП 2008, тој ја предводел Хрватска со голем успех и во групата составена од Англија, Русија, Израел, Македонија, Естонија и Андора. Билиќ успеал да ја одведе својата Хрватска до првото место во Групата Е. Особено биле важни двете победи против репрезентацијата на Англија на домашен и на гостински терен, која пак по втор пат не се успеала да се квалификува на претстојното првенство. Англиската федерација поради тој неуспех го отпуштила нивниот тренер Стив Мекларен.[19]
На првенството ЕУРО 2008, каде што бил најмладиот тренер, Билиќ и остатокот од неговиот тим морале да учествуваат со одреден „хендикеп“, бидејќи биле без нивната прва ѕвезда во тимот, напаѓачот Едуардо, кој се здобил со тешка повреда неколку месеци пред почетокот на турнирот. Како и да е, Славен Билиќ ја предводел својата екипа до одлично достигнување, бидејќи екипата на Хрватска победила во сите три натпревари од групната фаза на натпреварувањето, освојувајќи максимални бодови во групата за прв пат во нивната историја, што вклучувала импресивна победа од 2:1, над подоцнежните финалисти, репрезентацијата на Германија. Дури и втората резервна екипа на неговата репрезентација во тој момент се сметала дека е премногу силна за противникот во последниот натпревар од групата селекцијата на Полска. Против тимот на Полска екипата на Хрватска победила со резултат од 1:0. Тој победнички гол го постигнал Иван Класниќ.[21] Репрезентацијата на Хрватска набрзо станала една од фаворите на турнирот, но доживела пораз и крај на првенството во четврт-финалето против селекцијата на Турција.Славен Билиќ признал дека поразот на тој натпревар ќе го прогонува него и неговата екипа до крајот на нивниот живот.[22]
Селекцијата на Хрватска го отворила УЕФА ЕВРО 2012 со победа од 3:1 над екипата на Република Ирска. На тој натпревар два гола постигнал напаѓачот Марио Манџукиќ, а истиот играч постигнал и израмнувачки гол во нерешениот натпревар од 1:1 против репрезентацијата на Италија. По поразот од селекцијата на Шпанија со резултат од 1:0, репрезентацијата на Хрватска го напуштила турнирот уште во групната фаза. Сепак, тимот собрал широки пофалби од домашната јавност за нивната игра и биле пречекани од голема толпа од народ по нивното враќање во знак на поддршка. По неговото официјално заминување од репрезентацијата, Славен Билиќ бил пофален и за неговата долгогодишна служба на државната репрезентација. Домашниот медиум „Јутарњи лист“ го означил како единствениот хрватски тренер кој си заминал со такви позитивни пофалби и му припишува заслуга за неговото силно издигнување на државната репрезентација за време на неговиот шестгодишен мандат.[3]
На 14 мај 2012 година, било потврдено дека Билиќ потпишал тренерски договор со рускиот клуб Локомотив од Москва.[23] По официјалното потврдување на потписот, претседателот на Локомотив од Москва, Олга Смородскаја изјавила дека Локомотив како клуб имал тешка конкуренција при потпишувањето на Славен Билиќ, бидејќи тој бил на мета на многу клубови низ Европа кои сакале да го ангажираат како нов тренер во своите редови.[24] Билиќ го преземал тимот по завршувањето на турнирот на европското првенство ЕВРО 2012 година. Негови помошници во новиот тим биле поранешните соиграчи и поранешни помошници за време додека бил тренер во државната репрезентација, Аљоша Асановиќ и Никола Јурчевиќ. По неговото пристигнување во Москва, Славен го направил своето прво големо засилување за тимот потпишувајќи договор со својот поранешен хрватски репрезентативец Ведран Ќорлука кој пристигнал од редовите на екипата на Тотенхем Хотспур. Овој договор бил за сума од 5,5 милиони фунти. Неговиот прв официјален натпревар како нов тренер на екипата на Локомотив од Москва се случил на 20 јули 2012 година, на гостински натпревар против екипата на Мордовија од Саранск, кој завршил со победа и резултат од 3:2 за неговиот тим. Првата сезона на Славен Билиќ како тренер завршила со најлошиот можен резултат на екипата на Локомотив во лигата. Таа сезона неговиот тим го освоил деветтото место, и тоа бил најлош резултат од формирањето на руското првенство во 1992 година. Билиќ ја прифатил одговорноста за неуспехот на Локомотив и поради тоа бил отпуштен на 18 јуни 2013 година.[25]
По заминувањето од екипата на Локомотив, Славен Билиќ стапил во преговори за преземање на тренерската функција во турската екипа Бешикташ од Истанбул. Договорот бил потврден на 26 јуни 2013 година и се однесувал за период од три години и бил вреден 4,8 милион евра. Билиќ го потпишал договорот на 28 јуни.[26] На 22 септември, на еден од првите натпревари Славен Билиќ бил исклучен од натпреварот
и од клупата од страна на судијата Фират Ајдинус. Тоа се случило за време на дербито во Истанбул против составот на лутиот ривал екипата на Галатасарај. Причината била жестоката реакција на Билиќ кон судијата според него за преголемото оддолжување на натпреварот.[27] Претседателот на екипата на Бешикташ, Фикрет Орман, на 21 мај 2015 година објавил дека тренерот Славен Билиќ ќе го напушти клубот на крајот на сезоната 2014-15.[28]
По заминувањето од Истанбул Славен Билиќ преминал во Англија во тимот на Вест Хем Јунајтед. Тој бил назначен за тренер на англискиот премиерлигаш Вест Хем Јунајтед на 9 јуни 2015 година со времетраење од три години.[29] На неговиот прв официјален натпревар на клупата на новиот тим во Премиер лигата, на 9 август неговиот клуб го победил составот на Арсенал со резултат од 2:0 и тоа на гостински терен на стадионот Емирати.[30] Три седмици подоцна, тој станал првиот тренер кој го предводел тимот на Вест Хем до победа против екипата на славниот Ливерпул на гостински терен на стадионот Енфилд од далечната 1963 година.[31] На 19 септември, Славен Билиќ го предводел својот Вест Хем до третата последователна победа со резултат од 1:2 на гостински терен против составот на Манчестер Сити. Тоа бил првпат популарните „чекани“ да победат на три последователни гостувања во Премиер лигата од месец септември 2007 година.[32] Таа сезона тимот на Вест Хем во Премиер лигата успеал да забележи победа на гостински терен кај великаните како Арсенал, Ливерпул и Манчестер Сити.[33] Во првата сезона на Билиќ како тренер, екипата на Вест Хем завршила на седмото место во Премиер лигата, а кон крајот на сезоната во месец мај, тие го успеале да го победат и Манчестер Јунајтед со резултат од 3:2, и така значително му ја намалиле надежта на тимот на Јунајтед да заврши во топ 4 екипи во Премиер лигата, а со тоа и неможност за пласман во Лигата на шампионите на УЕФА за наредната сезона.[34] Тимот на Вест Хем соборил неколку рекорди за клубот во ерата на Премиер лигата, вклучително и најголем број освоени бодови во една сезона вкупно 62, најголем број голови во една сезона вкупно 65 и позитивна гол разлика за прв пат во Премиер лигата со збир од +14, како и најмалку загубени натпревари во една сезона и тоа само осум. Исто така имале и најмалку загубени натревари на гостински терен, само пет.[35]
По победата на екипата на Манчестер Јунајтед во финалето на ФА Купот 2016, Вест Хем успеал да го заземе своето место за наредната сезона во Лигата на Европа на УЕФА. Тимот се квалификувал во третото квалификациско коло од Лигата на Европа 2016–17 на УЕФА.[36] Втора сезона по ред тие биле елиминирани во квалификациските натпревари, овој пат од страна на романската екипа ФК Астра Џурџу.[37] Славен Билиќ во неговата втора сезона како тренер,екипата на Вест Хем завршила на 11то место во Премиер лигата. Екипата на Вест Хем своите натпревари ги играла на новиот стадион, Олимпискиот стадионот во Лондон. На крајот од сезоната екипата останала без големата француска ѕвезда Димитри Паје.[38]
По серијата слаби резултати во Премиер лигата, и доживеаната кулминицаија со поразот на домашен терен од екипата на Ливерпул со резултат од 4:1 на 4 ноември 2017 година, Славен Билиќ бил отпуштен од тимот. Во соопштението, објавено два дена по натпреварот, се наведувало дека: „екипата на Вест Хем Јунајтед може да потврди со сигурност дека тренерот Славен Билиќ ја напушти својата позиција во клубот. Тимот на Вест Хем Јунајтед верува дека сега е неопходна промена со цел клубот да оди напред со позитивни резултати и во согласност со нивните зацртани амбиции.“[39] Тој го напуштил тимот со рекорд од 1,33 бодови по натпревар во Премиер лигата, што претставувало најдобар резултат од сите претходни тренери на екипата на Вест Хем.[40]
На 27 септември 2018 година, Славен Билиќ му се приклучил на тимот на Ал-Итихад од Саудиската професионална лига.[41] На 24 февруари 2019 година, по пет месеци како тренер на екипата на Ал-Итихад и откако успеал да победи на само 6 од вкупно 20 натпревари, Билиќ добил отказ од функцијата и тој морал да го напушти клубот.[42]
На 13 јуни 2019 година, Билиќ бил именуван за главен тренер на екипата на Вест Бромвич Албион за времетраење од двегодишен договор.[43] На 22 јули 2020 година, тој го предводел клубот до промоција и враќање назад во Премиер лигата, завршувајќи како второпласирана екипа во ЕФЛ првенството 2019-2020.на Англија (Шапионшип лигата).[44]
На 22 септември, Билиќ бил обвинет за „неправилно и недозвоелено однесување“ од страна на ФА (Фудбалскиот сојуз на Англија) откако се побунил на една одлука на судијата Мајк Дин за време на натпреварот и поразот на неговиот тим од екипата на Евертон со резултат од 5:2.[45]
На 16 декември, и покрај добриот резултат и изненадувањето од 1:1 против екипата на Манчестер Сити, Билиќ бил отпуштен од клубот по лошиот почеток на сезоната. Отпуштени се и неговите колеги од стручниот штаб.[46] Во тоа време, Вест Бромвич Албион бил на 19-та позиција во лигата, со само седум освоени бодови од дури 13 натпревари.[47]
На 6 јануари 2021 година, Славен Билиќ бил именуван за тренер на кинескиот суперлигаш Пекинг Жуан и тоа на двегодишен договор.[48]
На 8 јануари 2022 година, Билиќ се разделил со екипата на Пекин Жуан.[49]
На 26 септември 2022 година, Билиќ станал тренер на составот на Вотфорд со кој потпишал договор на 18 месеци.[50] На неговиот прв натпревар на чело на тимот, на 2 октомври, Вотфорд успеал да победи со резултат од 4:0 на гостувањето кај екипата на Стоук Сити.[51]
Славен Билиќ во едно интервју по еден турнир изјавил дека тој и неговите играчи составиле и проучувале многу тактички игри на нивните противници, за да можат да бидат добро подготвени за најтешките натпревари.[52]
Познат како голем љубител на музиката, Славен Билиќ честопати ги мотивирал неговите тимови и играчи охрабрувајќи ги да слушаат инспиративна музика пред, но и по натпреварите.[53]
"Ако знаеш да го споделиш тоа што го поседуваш, тогаш живееш среќен и чесен живот. Јас сум вистински социјалист. Знам дека не можам сам да го спасам светот, но ако има борба против неправдата, секогаш претпочитам да бидам на првата линија, а тоа е мојот став кон животот." Покрај неговиот роден хрватски јазик, Славен Билиќ течно зборува германски, италијански и англиски јазик, а има и диплома по право - дипломиран правник.[54] Како голем обожавател на рок музиката, тој свири ритамска гитара со неговата омилена црвена гитара Гибсон Експлорер и е член на Rawbau, хрватска рок група.[55] Во 2008 година, бендот снимил песна за настапот на репрезентацијата на Хрватска на ЕВРО 2008, наречена „Vatreno ludilo“ (Огнено лудило).[56]
Клуб | Сезона | Лигашки натпревари | Куп натпревари1 | Лига куп натпревари2 | Континентални натпревари3 | Вкупно | Ref. | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Лига | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | |||
Приморац(позајмен) | 1988–89 | Хрватска Републичка лига | 13 | 1 | 0 | 0 | – | – | 13 | 1 | [57] | ||
Шибеник (позајмен) | 1988–89 | Југословенска втора лига | 33 | 7 | 2 | 0 | – | – | 35 | 7 | [57] | ||
Хајдук од Сплит | 1988–89 | Југословенска прва лига | 3 | 2 | 0 | 0 | – | – | 3 | 2 | [58] | ||
1989–90 | 27 | 3 | 6 | 1 | – | – | 33 | 4 | [59] | ||||
1990–91 | 32 | 2 | 7 | 0 | – | 1 | 0 | 40 | 2 | [60] | |||
1991–92 | Хрватска прва лига | 20 | 1 | 2 | 0 | – | 1 | 0 | 23 | 1 | [61] | ||
1992–93 | 27 | 5 | 7 | 3 | 1 | 0 | – | 35 | 8 | [62] | |||
Вкупно | 109 | 13 | 22 | 4 | 1 | 0 | 2 | 0 | 134 | 17 | – | ||
Карлсруе Герамаија | 1993–94 | Бундес лига | 26 | 2 | 8 | 3 | – | 9 | 1 | 38 | 4 | [63] | |
1994–95 | 28 | 3 | 4 | 0 | – | – | 32 | 3 | [64] | ||||
1995–96 | 12 | 0 | 2 | 1 | – | 6 | 2 | 20 | 1 | [65] | |||
Вкупно | 66 | 5 | 14 | 4 | 0 | 0 | 15 | 3 | 95 | 12 | – | ||
Вест Хем Јунајтед | 1995–96 | Премиер лига | 13 | 0 | 0 | 0 | – | – | 13 | 0 | [66] | ||
1996–97 | 35 | 2 | 1 | 0 | 5 | 1 | – | 41 | 3 | [67] | |||
Вкупно | 48 | 2 | 1 | 0 | 5 | 1 | 0 | 0 | 54 | 3 | – | ||
Евертон | 1997–98 | Премиер Лига | 22 | 2 | 0 | 0 | 3 | 0 | – | 25 | 2 | [66] | |
1998–99 | 4 | 0 | 1 | 0 | 0 | 0 | – | 5 | 0 | [66] | |||
Вкупно | 26 | 2 | 1 | 0 | 3 | 0 | 0 | 0 | 30 | 2 | – | ||
Хајдук од Сплит | 1999–2000 | Хрватска прва лига | 9 | 0 | 4 | 0 | – | 0 | 0 | 13 | 0 | [68] | |
2000–01 | – | – | – | 2 | 0 | 2 | 0 | [69] | |||||
Вкупно | 9 | 0 | 4 | 0 | 0 | 0 | 2 | 0 | 15 | 0 | – | ||
Вкупно | 304 | 30 | 44 | 8 | 9 | 1 | 18 | 3 | 375 | 42 | – |
Хрватска | ||
---|---|---|
Година | Натпревари | Голови |
1992 година | 4 | 0 |
1993 година | 0 | 0 |
1994 година | 6 | 0 |
1995 година | 6 | 0 |
1996 година | 11 | 1 |
1997 година | 7 | 2 |
1998 година | 9 | 0 |
1999 година | 1 | 0 |
Вкупно | 44 | 3 |
Бр. | Датум | Место на одржување | Реден број на натпревар на играчот за репрезентацијата | Противник | Резултат | Резултат | Конкуренција |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1 | 8 октомври 1996 година | Стадион Ренато Дал'Ара, Болоња, Италија | 26 |
Босна и Херцеговина | 1–0 |
4–1 |
Квалификации за Светското првенство на ФИФА 1998 година |
2 | 6 септември 1997 година | Стадион Максимир, Загреб, Хрватска | 31 |
1–1 |
3–2 | ||
3 | 29 октомври 1997 година | 34 |
Украина | 1–0 |
2–0 |
Квалификации за Светското првенство на ФИФА 1998 година |
Хајдук од Сплит[72]
Репрезентација на Хрватска
Вест Бромвич Албион
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.