Гопеш
село во Општина Битола From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Гопеш — село во Општина Битола, во областа Ѓават-Кол, во околината на градот Битола.
Remove ads
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Ѓават-Кол, во западниот дел од Општина Битола.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 1.140 метри.[2]
Атарот зафаќа површина од 9,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 703 хектари, на пасиштата отпаѓаат 132 хектари, а на обработливото земјиште само 51 хектар.[2] Од градот Битола е оддалечено 28 километри.[3]
Селото се наоѓа во пазувите на планината Бигла, западно од Битола. До него води асфалтен пат, направен во 1997 година.[4]
Remove ads
Историја
Селото е основано од Власи од Москополе, Албанија (поточно од истоименото село). Постои предание кое тврди дека селото постоело и претходно, подолу кон езерото Стрежево, каде што седум браќа подигнале населба со седум куќи и црква посветена на „Св. Никола“, кого заеднички го празнувале.[4]
На новата положба во близина на патот кон Битола и кон Ресен, Гопеш многу брзо се развил во големо и мошне богато село. По само неколку децении броело 900 куќи и 5.000 жители. Селаните најмногу се занимавале со занаетчиство и трговија, од која и го стекнале големото богатство.[4]
Во XIX век, Гопеш било село во Ресенската нахија во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото добило улично осветлување во 1912 година.[4]
Во 1911 година, Браќа Манаки го снимиле филмот „Романска делегација во посета на Гопеш“, при што е забележано пристигнувањето и пречекот на делегацијата во селото.
Штабот на Седмата македонска ударна бригада, додека истата делувала во Битолско, бил сместен во Гопеш.[5]
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Remove ads
Стопанство
Во минатото селото било развиено и во 1900 година биле забележани 22 бакалници, 7 фурни, 5 касапници, 1 фотограф и 1 аптека.[3]
Селото нема посебна стопанска функција.[2]
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Гопеш имало 2.460 жители, сите Власи христијани.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Гопеши се води како чисто влашко село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 480 куќи.[8]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Гопеш имало 2.400 жители.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Власи и 50 Македонци.[10]
Гопеш е мало село коешто во 1961 година имало 97 жители, а во 1994 година само тројца жители, Власи.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Гопеш немало жители.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Влав.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
Гопеш е влашко село.
Во 1957 година, во селото живееле 38 влашки домаќинства. Од нив, најстариот сој биле 26 домаќинства: по две семејства имале родовите: Папа, Јанаки, Чунга и Мустрик; по едно семејство имале родовите Ќира, Албо, Бела, Мазни, Карали, Ерка, Топал, Катаробе, Дукарица, Дудуш, Шути, Генани, Цингар, Михо, Шарка, Христа, Пица и Санту. Овие родови по потекло се од истоименото село во Албанија и од околината на Москополе. Се доселиле кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век.
Останатите доселеници во Гопеш (12 куќи) биле доселениците од Музакија, приморска Албанија. Тоа биле Ѓендеровци (4 куќи), Тоти (2 куќи), Пеле (2), Буле (2), Спиро (1) и Моча (1). Овие домаќинства во Гопеш се доселиле по ослободувањето на Турците и по Првата светска војна (дошле во 1913 и во 1920 година). Од иселените постари Власи купиле куќи и малку земјиште; претежно ливади. Меѓу поранодоселените Власи и новите постоеле значителни разлики во начинот на животот, уредувањето на куќите и во влашкиот говор.
Remove ads
Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе биле придодадени поранешните општини, Бистрица, Кукуречани и Цапари. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Цапари.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Кажани, во која влегувале селата Гопеш, Доленци, Ѓавато, Кажани, Маловиште и Лера.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кажани, во која покрај селото Гопеш се наоѓале селата Доленци, Ѓавато, Кажани, Лера, Маловиште, Рамна, Ротино, Српци и Цапари.
Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Дихово.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола.
Избирачко место
Селото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 0207 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Доленци и Гопеш, кое е сместено во основното училиште во Доленци.[16]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 227 гласачи.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 223 гласачи.[18]
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Цркви[19]
- Црква „Св. Преображение“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Илија“ — помала селска црква на патот кон селото; и
- Црква „Св. Никола“ — црква на тромеѓето на атарите на селата Доленци, Лера и Гопеш.
Редовни настани
За време на христијанскиот празник Преображение Христово, кој се слави на 19 август, во селото престојуваат повеќе стотици посетители и иселеници од сите краеви на светот.
Личности
- Родени во Гопеш
- Александар Кошка (1873-1907) — револуционер и офицер
- Сотир Шундовски (1933-2002) — архитект
- Наум Торбов (1880-1952) — архитект
Иселеништво
Во минатото, селото Гопеш било големо, со околу 5.000 жители и имало голем број иселеници во Франција, Англија, Америка итн., каде се занимавале со трговија и други дејности. Оттаму, печалбарите носеле разна стока која ја продавале во Битола, при што, жителите на селото биле едни од побогатите во битолско. Така, уште во 1930-тите, во селото пристигнал првиот автомобил од марката „форд“, кого го донел некој печалбар од Америка, кој таа година дошол на одмор во родниот крај. Фотографијата која го прикажува иселеникот со автомобилот и ден-денес се чува во црквата „Свето Преображение“.[20]
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads