Кладник
село во Општина Кичево From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Кладник — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.
Remove ads
Потекло на името
Се верува дека жителите побегнале од старото село Лакаица, кое било пониско во шумата. Во шумата, жителите направиле колиби користејќи клади („пресечено или паднато парче дрво без гранки“).[2] Оттука доаѓа и денешното име на селото.[3]
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, од десната страна на реката Треска и од патот Кичево-Демир Хисар.[4] Селото е планинско, на надморска височина од 930 метри. Од градот Кичево е оддалечено 18 километри.[4]
Селото се наоѓа во сливното подрачје на Беличка Река, сместено на надморска височина над 900 метри. Околни села се: Козица на југозапад, Карбуница на север и Староец на североисток.[5]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Цоцан, Корита, Пониква, Снежоец, Лакаица, Каца, Рибарица, Белег Дол, Леко Рид, Лукоа Падина, Манчев Рид, Лиња Вода, Марина Падина, Дрманоец, Калуѓеров Пат, Икона, Езеро, Кољи Дол, Бабен и други.[5]
Селото има збиен тип. Постојат Горно и Долно Маало. Горно Маало е поголемо и поглавно. Во маалата, родовските куќи се поблизу една со друга и се групирани. Поголемите групи се именувани како Бајдевци, Силјановци, Калајџиовци и Ѓорѓиовци.[5]
Remove ads
Историја
На три месности околу селото се наоѓаат остатоци од некогашни куќи и гробови. Тоа се Ѓорѓејца, Снежоец и Корита. По народното предание, таму живеело словенско население.[5]
И Кладник се споменува како старо село во Кичевската Котлина. Под истото име се споменува во турските пописни дефтери од 1476/77 година, како дел од Кичевската нахија и имало 10 словенски христијански куќи.[5]
Подоцна, се верува дека ова село било напуштено, а денешното село било обновено од страна на доселеници од селото Лакаица во соседната долина на Беличка Река веројатно кон крајот на XVIII век. Селото Лакаица повеќе не постои. Од него дошле 2-3 домаќинства.[5]
За време на турската власт, селото повремено било напаѓано и ограбувано. Во тоа учествувале и муслиманите од некогашното село С’лп, како и од Другово и Зајас.[5]
Во XIX век, Кладник било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Стопанство


Атарот зафаќа простор од 15,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.012 хектари, на пасиштата отпаѓаат 330 хектари, а на обработливото земјиште 149 хектари.[4]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[4]
Население
Според податоците од 1873 година, селото имало 36 домаќинства со 124 жители христијани (Македонци).[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Кладник имало 380 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Кладник имало 608 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Кладник се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[9]
Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Кладник:[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[11]
Кладник е мало село, кое што во 1961 година броело 273 жители, а во 1994 година само 25 жители, од кои 23 биле Македонци.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Кладник живееле 20 жители, сите Македонци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 12 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
Кладник е македонско православно село. Поголемиот број родови во селото се староседелски, односно доселени од раселеното село Лакаица.[5]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
- Староседелски: Сиљановци (10 к.), Степановци (5 к.), Митревци (4 к.) и Коруновци (4 к.), кои слават Свети Никола. Нивните предци се дојдени од некогашното село Лакаица и овие се сметаат за основачи на селото; Бајдевци (15 к.), Калајџиовци (8 к.), Ѓоргиовци (7 к.) и Ѓоревци (3 к.), слават Петковден. И предците на овие родови најпрвин живееле во Лакаица и исто така се сметаат за основачи на селото.
- Доселенички: Шешмевци (5 к.), кои потекнуваат од предок кој дошол од селото Суво Грло.
Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Сиљановци (11 к.), Митревци (3 к.), Крстевци (4 к.), Степановци (5 к.), Ѓоревци (7 к.), Ѓорѓиовци (11 к.), Калајџиовци (9 к.) и Грујовци (3 к.), за сите се мисли дека побегнале од старото село Лакаица; Семчевци (3 к.), доселени од Суво Грло; Стојчевци (6 к.), доселени, но не знаат од каде и Бојдевци (12 к.), доселени од старото село.[3]
Remove ads
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Општина Мало Црско, во која покрај селото Кладник, се наоѓале и селата Велмевци, Големо Црско, Мало Црско, Прострање и Цер.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0770 според Државната изборна комисија, сместено во приватна просторија.[17]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[18] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[20]
Remove ads
Личности
- Алекса Митаноски — македонски револуционер од ВМОРО.[21]
- Мојсија Митанов Митаноски — македонски револуционер од ВМОРО.[22]
- Кочо Стаматов Попоски — македонски револуционер од ВМОРО.[23]
- Санде Трајкоски (1922-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стојмирка Бошковска (1923 - ) — учесник во НОВ на Македонија
- Марија Велјаноска (1898- ) — учесник во НОВ на Македонија
- Калина Ѓореска (1910- ) — учесник во НОВ на Македонија
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[24]
- Ѓурѓејца — населба и некропола од доцната антика;
- Корита — населба и некропола од римско време; и
- Лакајца — средновековна црква и некропола.
- Цркви[25]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква.
- Спомен-плочи
- Спомен-плоча за загинатите во Илинденското востание
Редовни настани
Традиционално, во селото има прослави и собири за:
- Голема Богородица — селска и црковна слава.
Иселеништво
Иселени родови се: Ѓормалески (6 к.), кои живеат во Србјани; Николовци (5 к.) и Музаревци (3 к.), кои живеат во Орланци; Ристески (2 к.) и Кузевци (2 к.), кои живеат во Челопеци; Терзиовци (2 к.), кои живеат во Лисичани; Цветановци (1 к.), кои живеат во Староец; Стефановци (1 к.), кои живеат во Атишта. Мијаилевци (3 к., слават Св. Никола) се доселиле од Кладник во Орланци кон крајот на XVIII век. Неделковци (1 к., слават Св. Ѓорѓија), потеклото им е од Охридско (Лактиње, Дебрца), родот го основал Неделко кој во старината направил беља (затоашто му работел бесплатно на бегот), па пребегнал најпрво во Кладник, а потоа во Требино во Порече, но тој не се задржал долго туку се префрлил во Речани (Челопечко) околу средината на XIX век.[26] По Втората светска војна, од селото се иселиле над 20 домаќинства, поголемиот дел од нив живеат во Кичево.[5]
Remove ads
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads