Мартолци

село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia

Мартолциmap
Remove ads

Мартолци — село во Општина Чашка, во областа Азот, во околината на градот Велес.

Кратки факти
Remove ads

Потекло и значење на името

Thumb
Воздушен поглед на селото, како и на делот од селото изграден покрај железничката станица

Името на селото Мартолци потекнува од поранешните жители кои биле мартолози. Тие биле помошни чети на христијани коишто биле посада во тврдините. Тие мартолози имале посебни овластувања,[2] за што сведочи и нивното име кое најверојатно потекнува од зборот арматолос - вооружен заштитник, капидан. Најпознат мартолоз во Македонија бил Карпош водачот на познатото востание. Имајќи ја предвид значајната местоположба на Мартолци на главните сообраќајни врски и крстопатот на областа Азот по долината на Бабуна, областа Клепа околу соседното село Извор и соседната долина на Тополка, голема е веројатноста тоа да било седиште на мартолоска чета. Недалеку од Мартолци на самиот влез на Бабуна во малата клисура, над Стари Град постои археолошкото наоѓалиште Кале, каде сѐ до раниот среден век, време во кое биле активни мартолозите, имало утврдена населба.

Remove ads

Географија и местоположба

Thumb
Поглед кон Долно Маало во Мартолци

Селото се наоѓа во областа Азот, во средишниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 330 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 25 километри.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 2336.

Куќите на ова познато село се сместени во подножјето на карпестото возвишение Чукар (655 м.), кое се издигнува северозападно од населбата. Јужно од Мартолци на оддалеченост од 600 метри е истоимената железничка станица на пругата Велес–Прилеп–Битола, коритото на реката Бабуна и плодната алувијална рамнина околу неа. Околни села се Стари Град и Оморани. Жителите се служеле со вода за пиење од една пумпа кај железничката станица. Порано, некои селани летно време на магариња носеле вода од „кладенци“ крај Бабуна.[2] Денес, селото има водовод.

Поединечни краеви на атарот вдолж неговата граница ги носат следните називи: Руен, Поменовски Рид, Меѓа, Бабуна, Марков Камен, Врле Дол, Зад-Чукар, Калдрма, Смрека, Јалица, Било, Шумјаци, Говедарничиште, Чукар, Средни Рид, Крст, Велјаница, Ѕвездина Пештера, Петков Гроб, Влашки Трла, Ѓорговица, Тумби, Гарваница, Арнаутски Ниви, Аргачи, Миленкова Нива, Мечкина Круша, Јасика, Цуцулест Камен, Црвена Пештера, Талева Пештера и Присој.[2]

Селото има збиен тип, поделено на Горно, Средно и Долно Маало. Роднинските куќи се блиску една до друга и се повеќе групирани.[2]

Крај Мартолци од северозападната страна избиваат слабите извори: Неделска, Средочна и Петочка вода. Се смета дека нивната вода е лековита. Селаните велат: „Ако некој не може да најде лек од лекар, тогаш оди таму“.[2]

Remove ads

Историја

Thumb
Стара македонска куќа во Мартолци

Селото Мартолци најпрвин се наоѓало покрај реката Бабуна од нејзината лева страна. Тоа место се нарекува Селиште, каде што сега се ниви. За време на турското владеење, селото се преместило на сегашната повисока местоположба. Од старото село останала црквата „Св. Мина“ околу која се селските гробишта (каде денес се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓи“). Некои велат дека црквата на Селиште потекнува од „Елините“ или од „Римјаните“.[2]

Во 1878 година, Мартолци станало чифлиг, кога него го присвоил некој Зендел-бег кој бил доселен како бегалец (мухаџир) од Ќустендил во Велес. Од 1912 година неговиот син Тефик почнал да ја распродава земјата на чифчиите и доселеници од околните села.[2]

За Мартолци дава податоци и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во неговата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, каде опишувајќи ги селата во областа Азот по долината на Бабуна запишал дека Мартолци е чифлиг со 30 куќи и 10 самостојни куќи.[4]

Во време на заминувањето на Турците, Мартолци имало 25 македонски куќи.[2]

На местото Марков Камен еднаш се сретнале василичари од селата Мартолци и Оморани. Во судирот победиле оние од Мартолци. Затоа местата Марков Камен и Василички Гробишта крај него биле присвоени од жителите на Оморани.[2]

Стопанство

Thumb
Месноста „Зелениште“ се користи како пасиште

Атарот зафаќа простор од 14,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 950 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 305 хектари, а на шумите само 69 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3] Во него работела продавница.

Поради извонредно поволната местоположба која изобилува со идеални услови за развој и занимавање со полјоделство и сточарство, населението на селото Мартолци се занимава со исклучително развиен обем на земјоделство и сточарство. Од полјоделството посебно во плодната алувијална почва од двата брега на реката Бабуна под селото на големи површини се застапени житата, најмногу пченица и пченка како и сточна храна, градинарството односно одгледување на пиперки, патлиџани (домат), краставици, лук, кромид, зелка, марула, боранија, спанаќ под пластеници и на отворено, а во значајна мерка е застапено овоштарството преку неколку големи насади на јаболкници и круши. Во дворот на речиси секоја куќа под пластеници и на отворено се одгледуваат пиперки, патлиџани, боранија, лук, грашок и нане. На благите падини на ридовите околу селото кои се свртени кон југ на сончевиот припек се одгледуваат повеќе лозја, кои даваат многу квалитетна винова лоза и трпезно грозје од сортите: мускат (со особено крупни зрна и арома) и афус-али од белите, вранец, хамбург од црните сорти, од кои се произведува многу вкусна ракија. Тревнатите падини и нискостеблестата грмушеста шума на падината на возвишението Чукар над селото се користат како добри пасишта за големиот број на стада кози и крупен добиток како крави, волови и телиња кои се чуваат речиси во секоја куќа. Во помала мерка се одгледуваат и овци.

Remove ads

Население

Повеќе информации Година, Нас. ...

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мартолци живееле 340 жители, сите Македонци.[5]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мартолци имало 312 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]

Поради иселување на дел од населението, бројот на жителите опаднал од 422 жители во 1961 година, на 215 жители во 1994 година, од кои 212 Македонци.[3]

Според пописот од 2002 година, селото Мартолци броело 180 жители.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 122 жители, од кои 113 Македонци и 9 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Повеќе информации Година ...
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

Мартолци е македонско православно село, чие население е мешавина од староседелци и доселеници. Доселениците се од разни села од горниот слив на Бабуна. Со текот на заедничкото живеење тие сосема се изедначиле според начинот на живот и сфаќањата.[2]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1965 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Кочовци, Пашалиовци, Ѓошовци, Бенинци, Трајковци, Боцевци, Петревци, Будалковци, Гочевци, Џунџевци, Стимковци, Чулевци, Божиновци, Мирчевци и Зафировци. Најголемиот дел од нив слават Свети Никола. Бидејќи за овие родови никој не знае да каже дали се од некаде доселени, со голема веројатност може да се истакне дека тие се староседелци. Сите стари родови учествувале во иселувањата па затоа се мали по бројот. Родот Стимковци, од кој потекнува познатиот четнички војвода Јован Бабунски, во турско време одреден период пребегнал во соседното село Оморани, па повторно се вратиле во старото село.
  • Доселеници по ослободувањето од Турците: Нежиловци или Милевци (14 к.), дошле од Нежилово; Бистричани (1 к.), дошле од селото Бистрица; Капиновци (5 к.), дошле од селото Капиново; Мокренци (4 к.), дошле од селото Мокрени и Орешани (2 к.), дошле од село Папрадиште. И доселеничките родови во најголем дел слават Свети Никола.

Во 1960-тите години, издвоено од Мартолци, на јужната страна, во зградата на некогашната селска задруга живееле 4 семејства. Тие биле „деленици“ на поединечни старински (2 к.) и доселенички (2 к.) родови. За нив се слушало заедничкото име Мрзачи бидејќи се одвоиле од родителите, за да имаат „државна работа“ и да примаат детски додаток.

Remove ads

Иселеништво

Се знае за поголем број на иселеници од Мартолци. Има и сосема иселени или исчезнати (делумно изумрени) стари родови. Тоа се: Мишевци, Котевци, Марковци, Антовци, Пецовци, Таневци, Негревци, Домаќиновци, Ѓурѓевци и Миленковци. Се иселиле пред крајот на турското владеење и подоцна. Од родот Мишевци некои членови живеат во соседното село Извор. Од родот Марковци има иселеници во Велес. Од родот Негревци има иселеници во Битола. Од родот Домаќиновци има иселеници во Белград. Жителите на родот Ѓурѓевци „избегале во Бугарија“. Во родот Котевци на крајот на XIX век живеел угледниот предок Коте, за кого се зборувало дека „бил рамен со бегот“. Тој купил земја и во соседното село Извор и така станал богат житарски трговец во Велес. Родот Мартолчани (1 к.), живее во соседното село Извор.

Иселеништвото во поново време главно се одвивало кон поголемите градски центри во Македонија, односно кон Велес и во помал степен кон Скопје. Мал дел од иселените жители на Мартолци се отселиле и во странство.

Remove ads

Општествени установи

  • Поранешно основно училиште, чии простории се користат и за општински и управни работи, како место за собир на месната заедница и гласачко место
  • Поранешна здравствена амбуланта
  • Железничка станица — железничка станица на линијата Скопје-Битола, на која редовно сообраќаат возови
Remove ads

Самоуправа и политика

Во XIX век, селото било дел од Велешката каза од Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била значително проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Извор.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Извор.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Извор, во која покрај селото Мартолци, се наоѓале и селата Владиловци, Долно Врановци, Извор, Крнино, Поменово, Попадија, Смиловци, Стари Град и Степанци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Извор, во која влегувале селата Долно Врановци, Извор, Мартолци, Поменово, Смиловци, Стари Град и Степанци.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 2242 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 119 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 120 гласачи.[16]

Remove ads

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[17]
Цркви[18]

Редовни настани

Слави[2]
  • Ѓурѓовден (6 мај) — главна селска слава, за која се вели дека била воведена од страна на Тефик-бег. Тој во селото чувал многу овци и говеда, а бидејќи стрижењето на овците се вршело на Ѓурѓовден, селото започнало да го слави празникот како панаѓур.

Личности

Родени во или по потекло од Мартолци

Култура и спорт

Галерија

Поврзано

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads