Бистрица (Велешко)
село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Бистрица — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
За други истоимени места, погледајте Бистрица.
Remove ads
Потекло на името


Името на селото првпат е споменато како „Бистрица“ во 1227 година. Името потекнува од хидронимиското име „бистар“ или „бистра“ и означува нешто што е брзо или чисто и прозрачно.[2]
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Азот, во источниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното сливно подрачје на реката Бабуна, односно од нејзината лева страна, а под југоисточната падина на планината Јакупица.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 640 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 42 километри.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2336 пред селото Богомила, а во близина на железничкото стојалиште „Бистрица“.
Селото Бистрица е сместено на допирот на пространата сува зарамнетост Рамниште од југ и падината на планинскиот гребен на Голешница од север. Наведената положба е поволна од стопански причини: на зарамнетоста жителите одгледуваат суви култури како жито, тутун, винова лоза, додека гребенот на Голешница се користи за сточарство и шумарство. Водата за пиење во селото се добива од 4 чешми и неколку кладенци. Околни села се: Богомила, Согле и Црешнево.[4]
Атарот кој се протега од југоисточната падина на планината Јакупица, па сѐ до алувијалнта рамнина на Бабуна е мошне голем. Богато е со планински извори од кои извира ладна и чиста вода, а во долниот атар (како што го кажувале старите тамошни) се наоѓа реката Бабуна. Располага со голема географска површина од која голем процент е обработлив.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Плевење, Карчица, Улјанчишта, Подрид, Урвали, Караџица, Липојца, Поп-Андин Дол, Глогојца, Златаровец, Рамниште, Ливадица, Пештера (мала пештера во која може да се засолни стадо од околу 200 овци кога има невреме), Радики, Баба и други.[4]
Бистрица е село од збиен тип, во кое се разликуваат маала кои се нарекуваат според родовите кои живеат во нив: Маѓеровци, Чакаревци, Василковци, Павлевци и други.[4]
Remove ads
Историја

Бистрица спаѓа во редот на стари села во областа на Бабуна. Тоа јасно се гледа од еден историски пишан документ кој датира помеѓу 1258 и 1277 година, каде што се наведува селото „Бистрица во Бабуна“. Селото Бистрица во пишаните историски извори повторно се споменува во 1300 година кога царот Милутин го потврдил како посед на познатиот манастир „Св. Ѓорѓи“ кај Скопје. За Бистрица постојат пишани податоци и од XV век, околу 1460 година, кога имала 54 куќи.[4]
Народното предание наведува дека порано околу Бистрица постоеле и други помали села: Глоговица на север, Липовица на исток, Улјанчиште на југозапад и Поп-Андин Дол на југ. Тие селца подоцна пропаднале затоа што нивните жители преминале во поголемото средишно село Бистрица. Тоа би можело да биде кон крајот на XVIII или почетокот на XIX век. На селиштата од тие села се познаваат остатоци од куќи, гробови и друго. Заради ова Бистрица се здобила со толку голем атар.[4]
Во текот на XIX век благодарение на природниот прираст и доселувањата, Бистрица станала најголемо село во областа Азот и во сливот на Бабуна, воопшто. Во времето на заминувањето на отоманското владеење, според кажувањата, Бистрица имала 290 македонски домаќинства. Жителите најмногу живееле од сточарство и печалбарство. Во сточарството се истакнувало одгледувањето на кози, додека во печалбарството мажите најпрвин се занимавале со изработка на ќерамиди, потоа со изработка на тули (цигли и ќерпич (плитар)). Одгледувањето кози и печалбата престанале веднаш по Втората светска војна. Од тогаш жителите се посветиле на одгледување тутун.[4]
По Првата светска војна, Бистрица започнала да опаѓа според бројот на жителите. Нејзините жители започнале да купуваат земја од чифлик-сајбии и иселени Турци во пониските села во велешкиот крај и соседните области, каде што и се преселувале. Според проценките тогаш од Бистрица се иселиле околу 100 домаќинства. Опаѓањето на Бистрица продолжило и по Втората светска војна, а особено се засилило по изградбата на железничката пруга кон Прилеп и Битола во 1935 година, од кога пак како главно и најголемо село се истакнала Богомила.[4]
Remove ads
Стопанство
Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 28,2 км2, а се протега од падината на Јакупица до алувијалната рамнина на Бабуна. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.219,9 хектари, обработливото земјиште зазема површина од 709,8 хектари, а на шумите отпаѓаат 400,4 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бистрица живееле 1.100 жители, сите Македонци.[5]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бистрица имало 1.184 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 850 Македонци.[7]
Од Бистрица се иселил мошне голем број од населението, така што селото преминало од средно во мало село. Во 1961 година, селото броело 736 жители, од кои 722 биле Македонци и 10 Црногорци, додека во 1994 година бројот се намалил на 159 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Бистрица живееле 124 жители, од кои 121 Македонец, 1 Србин и 2 останати.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 44 жители, од кои 41 Македонец и 3 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
Бистрица е македонско село. Предците на македонските родови во Бистрица се доселени, меѓутоа додека за еден дел од родовите се знае местото на доселување, за другиот дел местото на старината е заборавено,[4] но можно е тоа да значи дека тие се и староседелци кои одамна се раселиле и поместувале во околината, па повторно се вратиле во селото.
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1965 година, родови во селото се:
- Македонски родови со познато потекло се: Туневци или Поповци (6 к.), дошле од соседното, сега раселено село Глоговица. Постарото презиме им е Маѓеровци. Околу 11 нивни домаќинства се иселиле од Бистрица; Чакаревци (9 к.) и Стошевци (6 к.), за нив исто така се вели дека се доселени од Глоговица; Ќумезовци (6 к.), доселени се од селото Бистрица односно Бистренци крај Вардар во околината на Неготино во Тиквешијата. Во времето кога се доселиле во долината на Бабуна, една нивна родовска гранка се иселила во пониското село Мартолци. Најстариот предок на родот Ќумезовци, еднаш во Бистрица градел кокошарник. На прашањето што гради, тој рекол „ќумез“ па според тоа го добиле и родовското презиме. Бидејќи Ќумезовци дошле од Бистрица т.е. Бистренци во Тиквешијата, некои селани претпоставуваат дека тие се основачи на селото Бистрица во долината на Бабуна во Азот, меѓутоа ова не е точно бидејќи Бистрица се споменува уште во XIII век. Зборот „ќумез“ во македонскиот говор во Азот воопшто не е познат, а жителите на Азот велат „кокошарник“. И од овој род има многу иселеници; Василковци (6 к.), Петревци (4 к.) и Стојанчевци (5 к.), дошле од соседното, сега раселено село, Липовица; Павлевци (7 к.), се доселени од соседното, сега раселено, село Улјанчишта. Нивните ниви („сермија“) и денес се наоѓаат на селиштето од тоа село; Ѓорчевци (6 к.) потекнуваат од предокот Ѓорче кој се доселил како домазет од денешното муслиманско село Горно Врановци во долината на Тополка. Го знаат следното родословие: Марко жив на 95 години во 1965 – Тоде-Нешо-Ѓорче, кој се доселил; Невеновци (3 к.), се доселени од некое село во околината на Прилеп. Имаат доста иселени домаќинства од Бистрица.
- Доселени македонски родови чијашто старина не се знае се: Ковачевци (4 к.) и Шаревци (4 к.), порано сочинувале еден род. Мавнивиловци (7 к.), Миленковци (7 к.) и Кршаковци (6 к.).
- Останати македонски родови со непознато потекло се: Нуновци (3 к.), Јанакиовци (3 к.), Ноновци (3 к.), Димановци (3 к.), Шашовци (2 к.), Терзиовци (1 к.) и Петкановци (1 к.). Од последниот род потекнува Трајче Петкановски, народен херој, убиен од бугарскиот фашистички окупатор во 1943 година.
Иселеништво
Во 1912 година Бистрица имала „без десет“ 300 македонски домаќинства. Тогаш била најголемото село во долината на Бабуна. По ослободувањето од турското ропство се појавиле големи иселувања од Бистрица. Иселениците оделе во други села од оваа област и околните краишта. Таму купувале земја од чифлик-сајбии и муслимани кои заминувале за Турција. Собрани се следните бројни податоци за иселеници од Бистрица кои кои се наоѓаат во разни села во областа на Бабуна и Тополка: Агушовци (2 к.), Анчевци (2 к.), Миленковци (2 к.), Ладевци (1 к.), Крстевци (1 к.), Стојковци (1 к.) и Стојанчевци (1 к.), живеат во Голозинци; Џаверовци (1 к.), живеат во Оморани; Бистричани (10 к.), живеат во Мартолци; Коцевци (4 к.), Американовци (2 к.) и Бистричани (3 к.), живеат во Бањица; Зугаровци (2 к.), Кеменџиовци (2 к.) и Чакаревци (1 к.), живеат во Стари Град; Пекмезови (3 к.) и Орданови (1 к.), живеат во Отиштино; Бистричани (1 к.), живеат во Раштани; Коларовци (2 к.), живеат во Еловец; Бистричани (3 к.), живеат во Чашка; Бистричани (2 к.), живеат во Согле; Бистричани (1 к.), живеат во Богомила; Мудуровци (4 к.), Августовци (1 к.) и Бистричани (4 к.), живеат во Извор; Бистричани (2 к.), живеат во Долно Врановци и Кунтушовци (8 к.), живеат во прилепското село Сливје.[4]
После Втората светска војна настанале нови иселувања од Бистрица главно во градовите Скопје и Велес, а помалку во Прилеп и Битола. Во споменатите градови живеат околу 80 бистрички домаќинства. Иселениците од Бистрица припаѓале на поединечни денешни селски родови, меѓутоа има и сосема отселени родови. Тоа се: Галабовци, Дојчиновци, Агушовци (имале 10 куќи), Домазетовци, Кршајковци и други. Кршајковци биле доселени од соседното пониско село Согле, а денес се иселени во Скопје.[4]
Remove ads
Општествени установи
- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Бистрица, се наоѓале и селата Богомила, Капиново, Нежилово, Ореше, Папрадиште и Црешнево. Општината Богомила постоела и во периодот 1950-1952 година, во која влегувале селата Богомила, Бистрица, Капиново и Црешнево.
Избирачко место
Во селото постои избирачко место бр. 2212 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект.[14]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 21 гласач.[15] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[17]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Археолошки наоѓалишта[18]
- Липовица — населба од доцноантичко време.
- Цркви
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — постара гробишна црква;
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главната селска црква; и
- Црква „Св. Петар и Павле“ — манастирска црква, започната со изградба во 2012 година.[19]
- Манастири
- Бистрички манастир — манастир над селото
- Споменици
- Споменик на Трајче Петкановски
- Реки
- Бистричка Река — помала притока на реката Бабуна
- Реката низ селото
- Црквата „Св. Ѓорѓи“
- Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
- Манастирската црква „Св. Петар и Павле“
Remove ads
Редовни настани
- Слави
- Спасовден — селска слава на селото со црковно-народен собир
Личности
- Родени во Бистрица
- Трајче Петкановски — учител и борец во НОБ
- Мита Лазова — учесник во НОВ на Македонија.
- Починати во Бистрица
- Секула Ораовдолски — револуционер
Култура и спорт
- Бистрички денови — културна манифестација која се одржува годишно за Петровден
Галерија
- Дел од селото
- Стари куќи
- Споменик на Трајче Петкановски
- Внатрешност на срушена куќа
- Стара куќа
- Автентична архитектура
- Стара куќа во селото
- Селска чешма
- Автентична архитектура
- Стара куќа во селото
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads