Мауро Каморанези
италијански фудбалер From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Мауро Херман Каморанези (роден на 4 октомври 1976, во Тандил) — аргентинско-италијански фудбалски тренер и поранешен фудбалер, играч од средниот ред.
Кариерата ја започнал во Аргентина со екипата на Алдосиви, од каде една година подоцна заминал во странство играјќи за Сантос Лагуна во Мексико и за уругвајскиот клуб Вондерерс од Монтевидео. Во 1997 година, се вратил во Аргентина, во дресот на Банфилд, каде неговите 16 голови на 38 натпревари го убедуваат Крус Асул да го купи. Враќајќи се во Мексико, тој одиграл две одлични сезони кои ширум му ја отвориле вратата за трансфер во Европа. Во 2000 година, се сели во Верона во Италија, каде со добрите игри во двете поминати сезони се препорачал на Јувентус, кој го купил во 2002 година. Со клубот од Торино го освоил италијанското првенство (2003) и два Суперкупа на Италија (2002 и 2003), станувајќи омилен кај навивачите особено по неговата одлука да остане во најтешките моменти, по испаѓањето на клубот во Серија Б, и да помогне за експресното враќање во врвната дивизија по само една година пауза. После осум години, во кој забележал 288 настапи и 32 гола, тој го напуштил Јувентус во 2010 година, играјќи кратко за германскиот клуб Штутгарт, пред да се врати во родната земја и таму да ја заврши својата играчка кариера.
И покрај тоа што е роден и израснал во Аргентина, благодарение на својте корени, тој добил право да настапува за италијанската репрезентација. Дресот на „аѕурите“ го носел на 55 натпревари, на кој постигнал 4 гола, претставувајќи ја Италија на две Европски (во 2004 и 2008) и две Светски првенства (во 2006 и 2010) станувајќи Светски шампион на Мундијалот во Германија (2006).
По завршувањето на играчката кариера, започнал да се занимава со тренерска работа, водејќи клубови од Мексико, Аргентина, Словенија, Малта и Кипар.
Remove ads
Биографија
Роден е во Аргентина, во семејство на спортисти: неговиот татко Хуан Карлос Каморанези бил фудбалер кој играл на аматерски нивоа,[2] додека неговиот чичко, Нестор Гомес, играл во аргентинската врвна лига. Тој има италијанско потекло од неговиот прадедо Лујџи, роден во Потенца Пичена (пров. Мачерата) во 1873 година и починал во 1953 година во Виља Митре, во Аргентина.
Технички карактеристики
Познат по издржливоста како една од главните карактеристики на неговиот стил на игра, Каморанези бил крилен играч, главно по десната страна, со силна склоност кон напаѓање, поради техничката виртуозност која ја поседувал и способноста за додавање кон своите соиграчи, но многу често знаел и самиот да го најде патот до противничката мрежа.[3]
Клупска кариера
Почетоци
Своите први фудбалски чекори ги направил во младинскиот тим на Химнасија Ла Плата, во Аргентина. Во 1994 година, играјќи за младинскиот сектор на Алдосиви, за време на дербито против Клуб Атлетико Алварадо, тој извршил фаул што предизвикал руптура на менискусот на тетивата на противничкиот играч Роберто Пицо, кој сепак бил во можност да се врати на физичката активност само по многу долга пауза.[4] Шеснаесет години подоцна, тој бил осуден да плати 50.000 долари (еднакво на 38.000 евра) за физичко оштетување: Пицо, всушност, завршил со 39% инвалидитет во коленото.[5]
Откако дебитирал за првиот тим на Алдосиви, тој одиграл 31 натпревар во втората аргентинска лига во сезоната 1994-1995. Во 1996 година, го потпишал својот прв професионален договор во Мексико со екипата на Сантос Лагуна, играјќи 13 натпревари и постигнувајќи еден гол за клубот. Во 1997 година, се преселил во Монтевидео Вондерерс, но за нив одиграл само неколку натпревари во уругвајското првенство, затоа што, откако истрпел суспензија од 10 натпревари за удирање на судија, договорот му бил раскинат.[6] После ова, тој се вратил во татковината во сезоната 1997-1998, каде играјќи за Банфилд, бил автор на позитивна сезона во втората аргентинска лига постигнувајќи 16 гола на 38 натпревари.
Крус Асул

Во 1998 година се вратил во Мексико, потпишувајќи договор со Крус Асул, како етаблиран играч од средниот ред. На 1 август 1998, го направил своето деби за „Los Celestes“, влегувајќи како замена на полувремето на местото на Хоакин Морено и го постигнал четвртиот и последен гол за тимот во победата со 4-0 над Пуебла. Во Аперутра 1998, Каморанези играл редовно како стартер и постигнал 4 гола во регуларниот дел од сезоната, а исто така ги започнал и ги одиграл сите четири натпревари во Лигуиља, каде Крус Асул стигнале до полуфиналето во кое биле поразени од Атлас. Во Клаусура 1999, тој постигнал уште пет гола, вклучително и двата во победата со 4-0 над Клуб Америка на 17 март 1999.
Следната сезона, Каморанези постигнал 7 гола во регуларниот дел од сезоната (3 во Апертура и 4 во Клаусура). Завршувајќи на шесттото место во Клаусура 2000, Крус Асул се пласирал за Лигуиља, каде прв противник им била екипата на Некакса; по победата од 1-0 на домашен терен, реваншот донел многу возбудувања за на крајот да заврши со резултат 3-4 во корист на Крус Асул, додека Каморанези го постигнал првиот гол за својот тим. Во реваншот од полуфиналето против Клуб Америка, Каморанези извршил прекршок над Куаутемок Бланко, кој неправедно бил санкциониран со црвен картон од судијата Фелипе Рамос Рисо; морајќи да го напушти теренот по само 23 минути игра, аргентинецот се расплакал на патот кон соблекувалната, во истовреме утешен од својот противник Фабијан Естај, во една од најнезаборавните сцени во мексиканскиот фудбал.[7] Со играч помалку Крус Асул успеал да го добие натпреварот и да се пласира во финалето против Пачука. Откако го пропуштил првиот натпревар поради суспензија (завршен 2-2), Каморанези се вратил во почетниот состав за реваншот, но тоа не било доволно за неговиот тим да ја освои титулата; Крус Асул загубил со 0-1 по продолженија.
Верона

Во летото 2000 година, Каморанези бил купен од италијанската екипа Верона. Носејќи го новиот дрес, тој дебитирал во Серија А на 22 октомври 2000 година, за време на натпреварот Верона-Лацио 2-0, влегувајќи во игра како замена во 71-вата минута на местото на Винченцо Италијано. На 12 ноември, тој го постигнал својот прв гол во Серија А, во ремито 2-2 на гостувањето кај Виченца. На крајот од сезоната, Верона се спасува обезбедувајќи опстанок преку баражот со Реџина. Својата прва сезона во Италија ја затворил со 22 натпревари и 4 постигнати гола. На 25 јуни 2001 година, Верона целосно го откупила неговиот договор од Крус Асул за 6 милијарди италијански лири.[8]
Во сезоната 2001-2002, тој испаднал со Верона во Серија Б.
Јувентус
На 11 јули 2002 година, тој се преселил во Јувентус во договор за ко-сопственост за 4 милиони евра,[9][10] да го замени повредениот Џанлука Ѕамброта. Своето деби за Јувентус го имал на 15 септември 2002 година, во натпреварот Јувентус-Аталанта (3-0).[11] На 22 декември 2002, го постигнал својот прв гол за „бјанконерите“, со прекрасен удар во блискиот агол во првата минута од судиското надополнување, носејќи му победа на Јувентус во првенствениот натпревар на гости против Перуџа (0-1). Во Торино, под водството на тренерот Марчело Липи, тој брзо станал стартер, играјќи вкупно 45 натпревари (во првенството и куповите) во својата прва сезона, постигнувајќи 4 гола и освојувајќи го своето прво скудето.[12] Тој, исто така, добил можност да започне на местото на суспендираниот Павел Недвед во финалето на Лигата на шампионите во Манчестер, кое „бјанконерите“ го загубиле по изведување на пенали од Милан. На 25 јуни 2003 година, втората половина од договорот на играчот бил откупена од Јувентус за 4,5 милиони евра плус млад играч од Примавера тимот.[13]

Во следните сезони, со Јувентус освоил уште две скудета во 2004-2005 и во 2005-2006, но првото било одземено, а второто не им било доделено на „бјанконерите“, кои биле деградирани на последното место по санкциите од скандалот Калчополи.
Во сезоната 2006-2007, и покрај неговите барања да биде продаден по испаѓањето на клубот во Серија Б,[14][15] на крајот, следејќи го примерот на некои од останатите ѕвезди на Јувентус (пред се Џанлујџи Буфон, Алесандро Дел Пјеро, Давид Трезеге и Павел Недвед), и тој останал во Торино. Сезоната во втората лига ја завршил со 33 настапи и 4 постигнати гола, придонесувајќи за освојувањето на првенството и брзото враќање во Серија А, по само една година отсуство.
Во сезоната на враќањето во Серија А, тој постигнал гол на Сант'Елија против Каљари, во дербито против Милан и во Дербито на Италија против Интер во кое го постигнал израмнувачкиот гол, но бројот на одиграни натпревари драстично му опаднал, попречен од повреди.[16] Тој се вратил на теренот по долго отсуство предизвикано од повреда на мускулот ректус феморис[17] на крајот на јануари 2008 година во натпреварот од Купот на Италија против Интер, натпревар во кој бил исклучен само неколку минути по влегувањето на теренот. На 22 март, тој постигнал еден од двата гола кој му помогнале на Јувентус да слави на Меаца против „нероаѕурите“. Својата шестта сезона во црно-белиот дрес ја завршил со 22 настапи и 5 гола.
Во текот на сезоната 2008-2009, тој повторно бил жртва на неколку повреди: по поразот од Палермо на 5 октомври, тој претрпел повреда од прв степен на бицепсот на десната бутина[18][19] и ќе биде целосно достапен повторно кон крајот на ноември. Тој го одиграл својот прв натпревар како стартер по паузата на 29 ноември во победата од 4-0 над Реџина, натпревар во кој доживеал уште една повреда по само 4 минути игра: исчашување од прв степен на десната плешка од клучната коска,[20] но останал на теренот до крајот на првото полувреме и го постигнал голот со кој Јувентус повел.[21]

Во неговата последната сезона, тој ја променил позицијата и бил користен десно во средниот ред кој сега имал изглед на ромб, со цел да се олесни внесувањето во почетниот состав на новото засилување, бразилскиот офанзивен играч од средниот ред, Диего. Својот прв гол за сезоната го постигнал на 28 октомври 2009 година, против Сампдорија (5-1), на асистенција од Себастијан Џовинко. Во Лигата на шампионите, во четвртото коло од групната фаза, тој го постигнал победничкиот гол за Јувентус против Макаби Хаифа.[22] Неколку дена подоцна, во Серија А, тој постигнал два гола против Аталанта во Бергамо во победата со 2-5.
Носејќи го црно-белиот дрес во 8 сезони, тој запишал 223 настапи и 27 гола во првенството, 11 настапи и еден гол во Купот на Италија, 50 настапи и 4 гола во европските купови и 3 настапи во Суперкупот на Италија, за вкупно 288 настапи и 32 гола.
Штутгарт
На 31 август 2010 година, Каморанези потпишал за Штутгарт,[23][24] каде што се среќава повторно со својот поранешен соиграч од Јувентус, Кристијан Молинаро. Тој го имал своето деби во Бундеслигата на 11 септември, како стартер во поразот од 2-1 од Фрајбург.[25] Искуството во Германија, каде што Каморанези одиграл само 14 натпревари помеѓу првенството, купот и Лига Европа, завршило по само 4 месеци, поточно на 26 јануари 2011 година, кога тој консензуално го раскинал договорот што го врзувал за клубот.[26][27] Самиот Каморанези признал дека „едноставно не се вклопувал во тимот спортски, иако му се допаѓал клубот, луѓето и градот“. Тој, исто така, изразил желба да ја продолжи кариерата во Аргентина.
Ланус, Расинг и завршување на кариерата
На 2 февруари 2011 година, потпишал за Ланус.[28][29] Своето деби го имал во натпреварот од аргентинската лига, Ланус - Арсенал Саранди на 14 февруари, кога, откако влегол во игра во 37-мата минута од второто полувреме, дал асистенција за вториот гол на неговиот тим, во победата од 3-1.[30] На 23 јули, тој бил протагонист во една грда епизода: за време на пријателскиот предсезонски натпревар против Ол Бојс, итало-аргентинскиот играч го удри двапати во лицето уругваецот Хуан Пабло Родригес Конде, предизвикувајќи тепачка што завршила со прекин на натпреварот. Поранешниот играч на Јувентус потоа го продолжил судирот во соблекувалната.[31] На 27 октомври, за време на натпреварот меѓу Ланус и Расинг Клуб Авељанеда, откако бил исклучен, тој го шутнал противникот Патрисио Торанцо во лицето и додека го напуштал теренот се расправал со тренерот на Расинг, Диего Симеоне.[32] Тој ја завршил својата година во Ланус со 42 настапи (помеѓу Апертура, Клаусура, Копа Либертадорес и Копа Судамерикана), еден гол и 12 асистенции.[33]
На 22 јули 2012 година, тој бил продаден на Расинг Клуб Авељанеда, каде што бил стартер во тимот.[34] Својот прв гол во светлосиниот дрес го постигнал на 2 декември, во домашниот натпревар против Ол Бојс, добиен со 3-1.[35] На 13 февруари 2014 година, тој официјално го објавил своето пензионирање од фудбалот на крајот од сезоната, но на 16 април бил отстранет од составот поради критики кон тренерот Реиналдо Мерло.[36]
Remove ads
Репрезентативна кариера

Игнориран од стручниот штаб на Аргентина, неговата земја на потекло, благодарение на законот што им доделува италијанско државјанство на оние кои имаат барем еден италијански предок,[37] тој станува полноправен италијански државјанин во 2003 година, кога го носел дресот на Јувентус.
Ова му овозможило да биде повикан од селекторот на италијанската репрезентација, Џовани Трапатони, кој го направил дебитант на 12 февруари 2003 година, на 26-годишна возраст, во пријателскиот натпревар Италија-Португалија (1-0), одигран во Џенова, речиси 40 години по Анџело Сормани, последниот „ориундо“ кој го носел синиот дрес пред него. Откако бил вклучен во групата, тој бил повикан за Европското првенство 2004, каде што Италија била елиминирана во групната фаза.
Редовно повикуван и од неговиот поранешен тренер во Јувентус, Марчело Липи, кој ја презел селекторската функција по Европското првенство, тој учествувал во поголемиот дел од натпреварите во квалификациите постигнувајќи еден погодок (неговиот прв во синиот дрес, во победата со 4-1 на гости над Белорусија), а потоа бил дел и од победничкиот состав на Светското првенство 2006 во Германија. Играјќи редовно како стартер на десното крило, тој го започнал и финалето на 9 јули 2006 година, на Олимпискиот стадион во Берлин против Франција, добиено по изведување пенали.
Тој, исто така, се сметал за клучен играч и под водството на новиот селектор Роберто Донадони, кој го повикал за Европското првенство 2008, каде што Италија загубила во четвртфиналето од Шпанија.
Со Липи, повторно на чело на „аѕурите“, тој учествувал на Купот на конфедерации 2009 во Јужна Африка, каде што Италија била елиминирана уште во првата фаза.
На 10 октомври 2009 година, тој постигнал гол во натпреварот против Ирска (2-2), со што и обезбедил пласман на Италија на Светското првенство 2010, повторно во Јужна Африка. На 33 години, тој учествувал на своето второ Светско првенство, играјќи во првите два натпревари од групната фаза; сепак, тој не бил искористен во третиот натпревар, загубен со 3-2 од Словачка, кој ја запечатил елиминацијата на Италија, и по 7 години служба, тој го објавил своето збогување од националниот тим.
Во историјата на италијанската репрезентација, тој е втор „ориундо“ со најмногу настапи по Жоржињо, со 55. Тој, исто така, е седмиот „ориундо“ и единствениот во повоениот период, кој го освоил Светско првенство носејќи го синиот дрес (за другите треба да се вратиме на 1934 и 1938, и тие се Анфилоџино Гуаризи, Атилио Демарија, Енрике Гуаита, Луис Монти, Раимундо Орси и Микеле Андреоло).
Хронологија на репрезенативните настапи
Remove ads
Тренерска кариера
На 15 декември 2014 година, тој го започнал своето прво искуство како тренер, во мексиканската втора лига, водејќи го Корас де Тепик.[39] Тој поднел оставка на 19 август 2015 година, половина час пред натпреварот против Гвадалахара.[40]
На 21 декември 2015, тој станал нов тренер на Тигре во Примера Дивисион, највисокото ниво на аргентинскиот шампионат.[41] На 17 март 2016, тој бил разрешен од своите должности, откако освоил само 5 бода во седум првенствени натпревари.[42]
На 31 август 2016 година, тој станал нов тренер на Кафеталерос де Тапачула, тим од мексиканската втора лига.[43] на 24 јануари 2017 година, поднел оставка.
Во октомври 2017 година, тој започнал да посетува специјален курс за тренерска лиценца УЕФА Б/УЕФА А во Коверчано, што го квалификува да ги тренира сите младински тимови, првите тимови до Серија Ц и позицијата помошник тренер во Серија Б и Серија А.[44] Тој ја добил лиценцата на 15 декември.[45] Курсот за тренери од прва категорија UEFA PRO го започнал на 5 ноември 2018.
На 3 јануари 2020 година, тој бил избран за нов тренер на Табор Сежана,[46] третопласираниот тим одзади во словенечката прва лига со 19 бода. На едно коло до крајот, тимот има сигурен опстанок, откако стигнал до седмото место со 46 бода.[47]
На 3 септември 2020 година, тој станал нов тренер на Марибор.[48] Откако водел во поголемиот дел од првенството, тој бил отпуштен на 24 февруари 2021 година,[49] во момент кога тимот бил на второто место, само на два бода зад лидерот.
На 5 јули 2022 година, тој станал помошник тренер на Игор Тудор во Олимпик Марсеј.[50] Сепак, една недела подоцна, без дури ни да започне со подготовките, тој објавил дека одлучил да го напушти францускиот клуб за да ја продолжи кариерата како главен тренер.[51][52] На 5 јуни 2023 година, бил назначен за тренер на Флоријана, во Премиер лигата на Малта, највисоката дивизија во земјата.[53] Откако ја завршил сезоната на второто место во првенството, тој го напуштил клубот.[54]
Remove ads
Статистика
Клупска статистика
Репрезентативна статистика
Тренерска статистика
Статистиката е ажурирана на 23 октомври 2024.
Remove ads
Титули
Клупски
Јувентус
Серија А : 1
- 2002-2003
Серија А : 1 (одземено)
- 2004-2005
- 2002, 2003
Серија Б : 1
- 2006-2007
Репрезентативни
- Италија
Индивидуални
- Guerin d'oro: 2008
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads
