Теово
село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Теово — село во Општина Чашка, во областа Азот, во околината на градот Велес.
Оваа статија се однесува на селото во Македонија. За селото во Егејска Македонија, погл. Теово (Воденско).
Remove ads
Потекло на името
Името на селото првпат е споменато како „Техово“ во 1335 година. Името потекнува од личното име „Техо“ (од грчкото име Теохар, што значи „божја благодат“) или од корен „тех-“ што означува рудник, рударска јама.[2]
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Азот, во средишниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 260 метри.[3] Теово е оддалечено 20 километри југозападно од општинското средиште Чашка[4] и 30 километри од градот Велес.
Низ селото поминува регионалниот пат 2336.
Селото се наоѓа покрај железничката пруга Велес-Прилеп и главно е сместено во проширувањето на долината на Бабуна. Околни села се Согле и Плевење. Во минатото, мештаните се снабдувале со вода од 7-8 бунари. Подалеку од Теово на селскиот атар избива единствениот извор Бела Чешма.[5]
Одредени делови на селскиот атар ги носат овие имиња: Кале или Марково Кале, Стража, Селиште, Река, Брезица (река која дотекува од селото Габровник, чие име според селаните потекнува од времето кога Крали Марко имал тврдина на возвишението Марково Кале), Голема Чука, Бумбарчица, Остреш, Уши, Глава, Готовуша, Карпа, Рамниште, Црно Осое, Вртешка, Корија Ашанит (во турско време припаѓала на соседното село Согле, а таму некојси Рушан од Согле имал ќерамидница) и други.[5]
Теово има доста збиен тип. Куќите на секој род се блиску една до друга и на куп, заради што деловите од селото се викаат според родовите: Кировци, Плевењци, Каличовци, Калајџиовци и други.[5]
Во селото се наоѓа железничка станица на пругата Велес-Прилеп, на која редовно сообраќаат регионалните возови на линијата Скопје-Битола.
Remove ads
Историја

Возвишението Марково Кале (789 м.) се наоѓа западно од селото и народното предание кажува дека таму се наоѓала кула на Крали Марко и остатоци од ѕидини на црква. Многу се оскудни преданијата за настанувањето и минатото на селото, но според пишаните историски податоци може да се заклучи дека Теово е доста старо населено место. Истото се споменува во 1335 година како пусто селиште Техово, што може да се заклучи дека постоело како село и претходно. Во подоцнежниот период, селото било обновено.[5]
Првобитно, Теово се наоѓало на месноста наречена Селиште, која се наоѓа во подножјето на возвишението Марково Кале, на оддалеченост од околу 2 километри југозападно од денешната местоположба. На оваа месност се пронаоѓани остатоци од некогашната населба како што се делови од разрушена црква, стари гробови, а на тоа место избивал и силниот и воедно единствен теовски извор „Бела Чешма“.[5]
Подоцна селото било преместено на денешната местоположба од страна на петте старинечки родови Каличовци, Калајџиовци, Јачевци, Ацевци и Прекуречани, кои живееле во старото село. Први се преселиле родовите на родот Ацевци, а другите родови постепено ги следеле.[5]
Околу средината на XIX век во селото се населил Албанецот Авмет од соседното село Согле при што основал чифлик на кој работеле 7 македонски домаќинства, додека сите останати поседувале сопствена земја. По 1912 година Авмет се вратил во Согле, а оттаму се иселил во Турција,[5] при што Теово повторно го добило својот чист македонски карактер кој е задржан сѐ до денес.
Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров од 1896 година, селото Теово било чифлик со 130 куќи кој се наоѓал на двете страни на реката Бабуна на ½ час растојание од Согле.[6]
Стопанство

Атарот зафаќа простор од 27,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.000 хектари, на шумите отпаѓаат 825 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 785 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Од земјоделските култури најмногу се одгледува пченица, грав, тутун и јачмен, а од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци, а полека се обновува и одгледувањето на кози. Теово е познато по своето сирење со билки (мајчина душица и др.), кое котира доста високо на пазарот.
Remove ads
Население
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 850 жители, сите Македонци.[7]
По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Теово имало 880 Македонци.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Македонци.[9]
Теово е населено со македонско население, но со значително негово иселување. Така, во 1961 година селото броело 659 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 188 жители.[3]
Теово како и многуте други македонски села доживеало огромно намалување на бројот на своите жители поради големата миграција. Во последниве години се забележува доселување на повратници кои селото го напуштиле во времето на индустријализацијата.
Според пописот од 2002 година, селото Теово броело 189 жители, од кои 186 Македонци, 1 Србин и 2 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 104 жители, од кои 97 Македонци и 7 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
Селото Теово во целост е населено со православни македонски родови кои се делат на старинци (46 к.) и доселеници (49 к.). Доселениците во селото главно живеат од XIX век.[5]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1965 година, родови во селото се:
- Староседелски македонски родови се: Каличовци (12 к.), Калајџиовци (12 к.), Јачевци (10 к.), Ацевци (8 к.) и Прекуречани (5 к.), слават Свети Ѓорѓи „зимен“. Како што е претходно речено нивните предци имале куќи во пределот Селиште.
- Доселени македонски родови се: Плевењци (12 к., Свети Никола) дошле од соседното повисоко село Плевење во XIX век; Ѓоревци (12 к., Пречиста) за нив не се знае од каде се доселени и Кировци (13 к.) и Петревци (11 к.), слават Свети Никола и тие се доселени од некаде.
Иселеништво
Според проценките иселувањата кои настанале по Втората светска војна воделе во Скопје (околу 37 к.) и Велес (6 к.). Се знае и за овие иселеници од Теово: Грбевци (1 к.) и Јовановски (1 к.) во соседното Оморани, Теовчани (2 к.) живеат во Согле, Костадинови (1 к.), живеат во Превалец во Велес, Игновци (1 к.) живеат во прилепското село Десово и Теовци (1 к.) живеат во Долно Врановци.[5]
Remove ads
Општествени установи
- Месна заедница, која ги опфаќа селата Теово, Ораов Дол и Габровник[4]
- Дисперзирана канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на Република Македонија[4]
- ЖС „Теово“ — железничко стојалиште на линијата Скопје-Битола, на која редовно сообраќаат возови, кое ја заменило поранешната железничка станица „Лутица Стојан“
- Поранешно основно училиште „Петар Поп Арсов“
- Поранешна пошта
- Поранешна амбуланта
- Здружение на пензионери
- Канцеларијата на агенцијата
- Здружение на пензионери
- Поранешниот задружен дом
Remove ads
Самоуправа и политика
Во XIX век селото било дел од Велешката каза, од Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Теово, во која покрај селото Теово, се наоѓале и селата Габровник, Мокрени, Оморани, Ораов Дол, Плевење и Согле. Општината Теово постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
Во селото постои избирачко место бр. 2216 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект. Во избирачкото место се опфатени и населените места: Габровник, Мокрени, Ораов Дол и Плевење.[16]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 95 гласачи.[17] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 91 гласач.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 95 гласачи.[19]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Археолошки наоѓалишта[20]
- Марково Кале — градиште од доцноантичко време.
- Цркви[21]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква, сместена веднаш под јаворот; и
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — манастирска црква во Теовскиот манастир.
- Манастири
- Теовски манастир — сместен над селото, пред 400 години Турците го запалиле манастирот до темел. Во манастирот се одржуваат и ликовни изложби.
- Споменици на природата
- Теовски јавор — заштитено дрво како споменик на природата за кое се верува дека е засадено во 1478 г.[22]
- Реки
- Бабуна — притока на Вардар
- Главната селска црква „Св. Атанасиј“
- Теовскиот манастир
- Главната манастирска црква „Св. Архангел Михаил“
- Плоча под стариот јавор во селото
Remove ads
Редовни настани
- Слави[5]
- Атанасовден (мај) — селска и црковна слава
Галерија
- Поглед на селото (фотографирано од воз)
- Историска фотографија од свадба во селото
- Панорама на селото Теово
- Панорамски поглед на селото Теово
- Поглед на сретселото
- Стариот јавор
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads