Долно Седларце
село во Општина Брвеница From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Долно Седларце (локално именувано само како Седларце) — село во Општина Брвеница, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Со соседното село Брвеница се скоро целосно споени и функционираат како една голема приградска населба на градот Тетово.
Remove ads
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во северниот дел на територијата на Општина Брвеница, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Тетово. Селото се наоѓа јужно и недалеку од самиот град Тетово, како и во близина на патот Тетово-Гостивар.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 430 метри.[2] Од градот Тетово е оддалечено околу 4 километри.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2233 кај Брвеница.
Селото се наоѓа во рамница, еден километар лево од патот Тетово-Гостивар. На само 800 метри источно од Долно Седларце се наоѓа селото Брвеница. На селскиот атар има доста подземни води, поради што копањето бунари е лесно, а на атарот се наоѓа изворот Дрен. Селскиот атар се граничи со атарите на Тетово, Брвеница, Челопек, Камењане, Долно Палчиште, Мала и Голема Речица.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Прангоо, Крушојца, Догајна, Шаторица, Дубрава, Клукоо, Казоо и Слогои.[3]
Селото има збиен тип и куќите се групирани во две маала наречено Долно и Горно Маало.[3]
Remove ads
Историја
Долно Седларце се смета дека е старо село, што се гледа по разрушената црква „Св. Атанасиј“ и по еден пишан помен. Поменот потекнува од крајот на XVIII век (1795 г.), кога во тапија на Реџеп-паша од Тетово се наведува еден негов чифлиг. Пашата овој чифлиг го оставил на тетовското теќе, а на него работеле околу 12 македонски семејства.[3]
Во втората половина на XIX век, на теќискиот чифлиг во Долно Седларце дошол субаш Мула Муса од Тетово, кој претходно бил гускар во Брвеница. Во Седларце, Мула Муса брзо се збогатил, го откупил поседот на теќето и поголемиот дел од селото го направил чифлиг. Мула Муса умрел во 1913 година, а неговата земја ја наследиле неговите зетови од Тетово. Еден од нив (Јаја Селманоски) во 1941 година се вратил во Долно Седларце и насилно го обновил чифлигот. Тогаш, тој насилно се оженил со една Македонка од Долно Палчиште и одземал ниви од седларските селани. Подоцна, во селото донел и две други албански семејства од Топојани во Љума (Северна Албанија). Овие семејства почнале потоа да викаат албански крадци кои ги напаѓале Македонците и се обиделе да ги истераат. Овие насилници заминале од селото во 1944 година.[3]
Додека Долно Седларце било чифлигарско село, во него често се преместувале македонските семејства. Така, Топаловци кои сега живеат во Милетино, некое време живееле во ова село. Се кажува и за други родови кои за време на отоманскиот период едно време живееле во селото, па потоа бидејќи немале своја земја, брзо се иселувале.[3]
Remove ads
Стопанство
Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 4,8 километри квадратни. На него преовладуваат обработливите површини од 433,4 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Седларце живееле 40 жители, сите Македонци.[4]
По Балканските војни е забележано со 97 жители.[5]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, селото било дел од Брвеничка општина (со центар во Жеровјане) во Долнополошкиот срез и имало 17 куќи и 108 жители, Македонци и Албанци.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци.[7]
Долно Седларце е средно село по големина на населението, со позитивно популациско салдо. Во 1961 година, селото броело 402 жители, а во 1994 година 680 жители, од кои 671 Македонец, а осум жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, селото имало 693 жители, од кои 690 Македонци и 3 Срби.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 805 жители, од кои 778 Македонци, 5 Албанци, 2 Срби, 1 останат и 19 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
Долно Седларце е македонско православно село.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се: Смиљановци (9 к.), најстар род во селото, доселени се од Прилепско. Основачи на родот биле браќата Смиљан и Сиљан; Марковци (1 к.), доселени се, но не знаат од каде; Златевци (3 к.), доселени се од денешното албанско село Лисец. Го знаат следното родословие: Тоде (жив, 19 години во 1947 г.)-Коце-Злате-Стојан, кој се доселил во селото; Велковци (8 к.), доселени се од селото Синичане. Од старото село се иселиле двајца браќа Велко и Цветко. Го знаат следното родословие: Трпе (жив, 80 години во 1947 г.)-Јоан-Велко, кој се доселил со неговиот брат. Најпрвин браќата отишле во Горно Седларце, но каде имале и своја земја, но не сакале да живеат со муслимани, па затоа дошле тука. Исто така, кажуваат дека некои нивни роднини преминале на ислам во Синичане и во Горно Седларце и останале во тие села; Џиковци (3 к.), се сметаат за гранка на претходно наведениот род. Од старото село се иселиле најпрво во Горно Седларце, па во ова село околу 1860-тите. Го знаат следното родословие: Тоде (жив, 25 години во 1947 г.)-Ристо-Коце-Јован, кој се доселил од Горно Седларце; Цветковци (1 к.), доселени се од денешното албанско село Новаќе. Основачот на родот Цветко е погребан во Новаќе, а од таму се иселил неговиот син Апостол, кој првин отишол во Тетово, па потоа купил земја во Долно Седларце; Николовци или Призренци (2 к.), доселени се во 1913 година од селото Драјчиќи кај Призрен (Косово и Метохија); Стојановци (1 к.) и Таневци (1 к.), доселени се од поречкото село Брест. Најпрвин, во 1929 година добиле земја во Камењане и изградиле куќи источно од селото покрај патот Тетово-Гостивар, но во 1941 година биле нападнати од Албанците и куќите им биле запалени, а земјата одземена, поради што дошле тука и Мамикомадовци (1 к.), доселени се од селото Сараќино, каде имаат истоимени роднини, подалечно потекло од Лисец.
Remove ads
Општествени установи

- ПУ „Коста Рацин“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Коста Рацин“ - Брвеница
Самоуправа и политика
Во XIX век, Долно Седларце било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Брвеница, која била една од ретките општини во Македонија која останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од општината Брвеница.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Долно Палчиште, во која покрај селото Долно Седларце, се наоѓале и селата Брвеница, Голема Речица, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Јеловјане, Мала Речица, Новаќе, Ново Село и Урвич. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Брвеница, во која влегувале селата Брвеница, Долно Седларце и Фалише.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 2032 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 610 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 616 гласачи.[16]
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[17]
- Дубрава — населба од доцноантичкото време;
- Крушевица — населба од доцноантичкото време; и
- Тумба — населба од неолитското време.
- Цркви[18]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква.
Во старо време на истото место постоела црква посветена на свети Атанасиј Велики, за што сведочи еден голем камен крст со тешко читлив запис. Црквата е возобновена во 1984-1985, а е осветена од Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил[19]
Remove ads
Личности
- Родени во или по потекло од Долно Седларце
Галерија
- Воздушен поглед на селото
- Сретселото
- Автобуска постојка
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads


