Једоарце
село во Општина Тетово From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Једоарце (се сретнува и како Једуарце[2]) — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Remove ads
Потекло на името
Селото првпат е споменато во XIV век (1337-1346 година) и низ годините се сретнува во повеќе варијанти како Једварце, Едоарци, Једуарце, Једоварци и Једоарце. Името на селото се поврзува со исчезнатото лично име Једовар, но и со исчезнатата именка „јад“ за храна или јадало и глаголот вари. Како други варијанти за значењето се споменуваат „јед вари“ со значење вари или приготвува јад или отров.[3]
Remove ads
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во североисточниот дел на територијата на Општина Тетово, северно од селото Џепчиште, чиј атар, на тесен дел, се допира со подрачјето на Општина Теарце.[4] Селото е ридско, на надморска височина од 560 метри. Од градот Тетово, селото е оддалечено 6,5 километри.[4]
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1203 во селото Џепчиште.
Једоарце е мало село сместено во падините на Шар Планина. Околни села се Сетоле, Џепчиште и Непроштено. Во минатото, водата за пиење се добивала од чешми и од извори. Позначајни чешми и извори се: Гиновци, Под Карпа, Чешмиче, Јела, Османица, Трска, Млака, Извор и Мал Камењ.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Волче, Падиње, Присој, Кошарица, Грки Дол, Треска, Браненица, Камчиња, Маринкоа Нива, Селиште, Лисичина Дупка, Црква, Шаторник, Самоќница, Ќуљумица, Буновце, Извор, Рамниште, Варник, Преку Дол, Пешчина, Ружин Лаз, Волчик, Османица, Мал Камењ и Сеч (на граница на атарот на Ѓермо).[5]
Селото има збиен тип, поделено на Долно и Горно Маало.[5]
Remove ads
Историја
Једоарце е многу старо село. Во пишаните извори за првпат се споменува (како Јадварци или Јадоварци) во XIV век во грамота од 1337-1346 година, кога царот Стефан Душан го приложил селото и црквата „Св. Никола“ на црквата „Св. Богородица“ во Тетово. Во друга грамота од 1348 година, истите се завештени кон Хиландар на Света Гора. Во тоа време се споменува и поп Прибец, родум од Једоарце, кој живеел во селото Крпена (сега не постои) во Полог.[5]
По крајот на средниот век, Једоарце е наполно напуштено. Народното предание вели дека Старо Једоарце лежело југозападно од денешното село, во месноста Селиште. На месноста се наоѓаат обраснати стари гробови (месност Гиновци) и има остатоци од населба. Надвор од денешното село постои месноста Црква, каде е можно да се наоѓала средновековната црква „Св. Никола“.[5][2] Според Јован Трифуноски, од ова црквиште во 1946 година нема никакви јасни остатоци. Ѓорче Петров пак запишал дека над Једоарце се познавале руини од црквата „Св. Бесребници“.[5]
Според турски документи од 1626–1627 година село Једоарце се наоѓало во вилаетот Калканделен (Тетово) и било населено од 25 христијански семејства. Истовремено се споменува и Бала-и Једоард, односно Горно Једоарце, со 3 христијански домаќинства.[6]
Раселувањето на старото село може да се поврзе со австро-отоманската војна кон крајот на XVII век. Преданието вели дека жителите на Једоарце биле протерани и дека повеќето пребегале „во Преку“, т.е. преку Дунав, во Војводина. Се пренесува и дека старото село било големо, со околу 80 македонски домови.[2] Останале само двајца по име Ѓупе и Календер, кои го обновиле денешното село.[5]
Според усните преданија жители во Једоарце, родот Календаровци се доселиле од местото Калис во Грција, или пак во близина на градот Горица, денес во Албанија.[2]
Денешната црква во Једоарце е посветена на Свети Кузман и Дамјан и била подигната во 1922 година.[5]
Remove ads
Стопанство
Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од само 1,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 68 хектари, обработливото земјиште зазема површина од 49 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 24 хектари.[4]
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Једоарце живееле 85 жители, сите Македонци.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Једоарце имало 128 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година селото имало 16 куќи со 113 жители, сите Македонци.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[10]
Једоарце е мошно мало село, коешто уште во 1961 година броело само 37 жители, а во 1994 година 11 жители, македонско население.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 5 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 16 жители, од кои 5 Македонци и 11 Албанци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
Денес, во Једоарце живеат православни Македонци.[5]
Според истражувањата од 1946 година, родови во селото се:
- Староседелци: Ѓупевци (5 к.), потекнуваат од предокот Ѓупе, кој останал по раселувањето на старото село. Денес се делат на Деспотовци, Ѓоргијовци и Спасеновци; Календаровци (6 к.), потекнуваат од предокот Календер, кој останал по раселувањето на старото село. Денес се делат на Коруној, Дејаној и Серафиној и Качовци (4 к.), тие се гранка од родот Календаровци.
Иселеништво
Целосно се иселил родот Терзини, живееле тука во турско време. Тие се иселиле доста рано. Нивни потомци денес живеат во Теарце.[5]
Од родот Ќупевци иселеници има во Скопје, Тетово и Софија. Од родот Календаровци иселеници има во иселеници во Тетово, Скопје и Америка, а Качовци имаат иселеници во Скопје (едно семејство) и во Пловдив (едно семејство).[5]
Remove ads
Самоуправа и политика
Во XIX век, Једоарце било село во Тетовската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Џепчиште.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Непроштено, во која покрај селото Једоарце, се наоѓале и селата Брезно, Варвара, Ѓермо, Лешок, Непроштено, Отуње, Порој, Ратае, Сетоле, Требош и Џепчиште. Селото припаѓало на Општина Џепчиште во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Ѓермо, Једоарце, Отуње, Порој, Сетоле и Џепчиште.
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Цркви[16]
- Црква „Св. Кузман и Дамјан“ — главна селска црква.
Редовни настани
- Слави[2]
- Крстовден (27 септември)
- Св. Кузман и Дамјан (1 ноември) — црковна слава
Личности
- Родени во или по потекло од Једоарце
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads


