Сетоле

село во Општина Тетово From Wikipedia, the free encyclopedia

Сетолеmap
Remove ads

Сетоле — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Кратки факти
Remove ads

Географија и местоположба

Thumb
Чешмата Студенец во селото

Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во северниот дел на територијата на Општина Тетово, на југоисточната падина на Шар Планина.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 915 метри. Од градот Тетово, селото е оддалечено 8,5 километри.[2]

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1203 во селото Џепчиште.

Сетоле е мало планинско село, сместено на падините на Шар Планина. Соседни села се Отуње на североисток и Непроштено на југ. Во минатото, водата за пиење се добивала од чешми кои се во селото. Тие се нарекуваат Топилиште, Збирало, Студенец и Кумоа Чешма. На атарот на селото избиваат изворите Коритишта, Извор, Плоча, Гулоа Ливада и Вртљане.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Волче, Требеница, Османица, Коштанлиќе, Ѓорчеи Падини, Под Гумно, Пеленица, Ограда, Ѓукала, Габер, Вртљане, Палојна, Срториште, Косноа Леска, Камен, Лазои, Сеч, Рид, Рибар, Скок, Бузов Лаг, Ѓуров Лаз, Леништа, Три Реќе, Церлиќе и Бел Муш.[3]

Селото има збиен тип и е поделено на три маала: Преку Дол, Збироало и Опар Маало.[3]

Селото важи за едно од најопеаните тетовски села. Соседни села на селото Сетоле се: Отуње од исток, Ѓермо од запад, Лавце и Селце од југозапад и Једоарце од југ.

Remove ads

Историја

Во минатото постоеле две села: Горно и Долно Сетоле. Подоцна, Горно Сетоле е раселено.[3]

За Горно Сетоле се знае дека било мало и населено со македонско православно население. Било сместено над денешното Сетоле. Се знае за родот Џинлевци (1 к.), кој дошол тука од некое место околу шарпланинскиот превој Џинибег, по кој го добиле и своето име. Некој предок од овој род имал тројца синови. Еден син како домазет отишол во Долно Сетоле во родот Фандовци и подоцна на нивна покана сите од Џинлевци дошле во Долно Сетоле. Во Горно Сетоле имало и други родови, кои се иселиле негде, но нема податоци. Горно Сетоле се раселило поради страв од Албанците од Љума. По раселувањето, неговиот атар припаднал на мештаните од Долно Сетоле. Како главни месности биле Горно Сетоле, Бела Вода, Жежница, Кутлина и Ружин Лаз.[3]

Долно Сетоле секогаш било мало село. Тоа не ни можело да има поголем број домови бидејќи неговите жители во турско време цело време се иселувале. Околу 1890 година, Сетоле имало 70 куќи, но пред крајот на турската власт поради напади од страна на соседните Албанци (од селото Ѓермо) се иселил поголем број на куќи. Најголем дел од нив заминале во Тетово или во градовите каде што оделе на печалба.[3]

Според турски документи од 1628 година Сетоле се наоѓало во вилаетот Калканделен (Тетово) и било населено од 25 христијански семејства (домаќинства).[4]

Некогаш, на крајот од XIX и почетокот на XX век, Сетоле имало училиште со 70 ученици.

Мештаните имале тежок живот и за време на балистичката окупација во Втората светска војна. Тогаш, селаните неколку години биле скоро целосно затворени во своите куќи, не оделе на своите ниви, шуми или со стоката на испаша. Се зборувало дека ако некој излегол, тој не се враќал жив, поради многубројните албански насилници. Тогаш, Албанците во самото село убиле неколку најистакнати домаќини, ја ограбиле стоката и ја однеле покуќнината.[3]

Денес, во Сетоле голем број од старите куќи се обновени и се изградени викендици со што започнал нов живот во селото.

Remove ads

Стопанство

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,7 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 194 хектари, на пасиштата отпаѓаат 91 хектар, а на обработливото земјиште 78 хектари.[2]

Сетолци живееле од сточарство, особено со овчарството, но се занимавале и со овоштарство. Костените од Сетоле се многу ценети плодови. И оревите, исто така. Старата прочуена сорта тетовско јаболко денес сè уште може да се најде во питомите падини на Сетоле, чија зелена питомина се спојува со непрегледните пасишта под впечатливиот врв Плоча, на 2.000 метри надморска височина.

Население

Повеќе информации Година, Нас. ...

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Сетоле живееле 330 жители, сите Македонци.[5]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Сетоле имало 352 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година селото било дел од Џепчишка општина (со центар во Порој) и има 36 куќи со 216 жители, Македонци и Албанци.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци.[8]

Селото е мало, населено со македонско население и е на пат на наполно раселување. Така, тоа во 1961 година имало 25, а во 1994 година само седум жители.[2]

Според пописот од 2002 година, селото имало само 2 жители Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 22 жители, од кои 19 Македонци и 3 Албанци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Повеќе информации Година ...
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

Сетоле е населено со православно македонско население, а неговите родови се староседелци и доселеници.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Староседелски родови: Бачовци (2 к.), порано имале многу овци и лете живееле во бачилата, па затоа и го добиле името Бачоски. Својата стока преку зима ја чувале во селото Непроштено, бидејќи таму имале свои ниви и ливади. Во турско време, нивната стока неколку пати била подложна на грабежи од Албанците. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство), Тетово (едно семејство) и во Габрово (едно семејство); Буневци (2 к.), од овој род потекнувала Мара Бунева, која е родена во Тетово. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Софија (едно семејство) и во Силистра (едно семејство); Ѓуковци (2 к.), имаат иселеници во Романија (едно семејство) и Тасевци (2 к.), имаат иселеници во Туденце.
  • Доселеници: Фандевци (2 к.), се викаат и Богдановци. Доселени се од некое место Фанде во Албанија, по старото место на живеење го добиле името. Во Сетоле дошол предокот Јован Фанде како православен и тоа доста рано. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Русе (две семејства) и на други места; Џинлевци (1 к.), доселени се од некое место околу шарпланинскиот превој Џинибег (2.360 м.). Некои викаат дека тоа место било на призренска страна. Името го добиле по превојот Џинибег, а во Сетоле дошле по родот Фандевци. Претходно живееле во Горно Сетоле и во Сетоле дошле на покана на Фандевци откако еден нивен син станал домазет во Фандевци. Имаат иселеници во Тетово, Скопје, Белград и на други места; Бутковци (1 к.), доселени се многу рано од околината на Призрен. Дошле по Џинлевци. Имаат иселеници во Бугарија (каде некој нивен предок станал генерал). Од овој род е познат предокот Трпко наречен Топан, кој неколку пати го одбранил Сетоле од албанските крадци. Еднаш Абдурахман-паша сакал да го убие, но готвачот кај пашата бил од Једоарце и му кажал на Трпко дека доаѓаат да го убијат со што овој се спремил и убил тројца од напаѓачите; Мазниковци (1 к.), исто потекло и време на доселување како Бутковци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Филиповци (2 к.), исто потекло и време на доселување како претходните родови. Имаат иселеници во Бугарија (едно семејство); Пљешковци (2 к.), исто потекло и време на доселување како претходните родови; Дојчиновци (1 к.), потекло и време на доселување како претходните родови. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство) и во Бугарија (едно семејство); Дуковци (1 к.), потекло и време на доселување како претходните родови; Ецо Рогопеч (1 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Брезно; Биљаковци (1 к.), потекнуваат од предокот Костадин кој дошол од Вратница и Јосифовци (1 к.), домаќинот во овој род е Саве. Тој е роден во Брезно, па го посиниле во Сетоле. Во Брезно припаѓал на родот Бојковци.

Иселеништво

Од ова село има доста иселеници пред сè во Тетово, Скопје, Бугарија (Русе, Габрово, Софија, Силистрија). Помалку иселеници има во Белград. По овде изнесените иселеници во Сетоле припаѓале на одредени родови. Треба да се истакне и дека од сетолески иселеници во Тетово потекнува позната револуционерка од ВМРО Мара Бунева.[3]

Ѓеровци еден дел изумреле во Сетоле, а другиот дел се иселил во Тетово. Качовци (4 к.) и Цинцаровци (6 к.) се иселиле во селото Лешок, Грубановци се иселиле некаде.[3]

Remove ads

Општествени установи

  • Ловен дом

Самоуправа и политика

Во XIX век, Сетоле било село во Тетовската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Џепчиште.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Непроштено, во која покрај селото Сетоле, се наоѓале и селата Брезно, Варвара, Ѓермо, Једоарце, Лешок, Непроштено, Отуње, Порој, Ратае, Требош и Џепчиште. Селото припаѓало на Општина Џепчиште во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Ѓермо, Једоарце, Отуње, Порој, Сетоле и Џепчиште.

Изборно местo

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 2005 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Џепчиште. Во избирачкото место се опфатени се селата Једоарце и Отуње, како и дел од селото Џепчиште.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 819 гласачи.[15]

Remove ads

Културни и природни знаменитости

Thumb
Главната селска црква „Рождество на Пресвета Богородица“
Цркви[16]

Редовни настани

Слави

Поврзано

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads