Алданци
село во Општина Крушево, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Алданци — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.
- За скопското село Алдинци, видете овде.
Remove ads
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во источниот дел на Општина Крушево, сместено недалеку од регионалниот пат 1306 помеѓу Прилеп-Крушево, а нејзиниот атар се допира со подрачјето на Општина Кривогаштани.[2] Со оглед на тоа што се наоѓа во нискиот дел на општината, селото е рамничарско, на надморска височина од 645 метри. Од градот Крушево е оддалечено 11 километри.[2]
Селото се наоѓа под градот Крушево во долината на Норовска Река, лева притока на Црна. Долината нуди услови за земјоделство, додека високите падини служат како пасишта, а повремено има и шума.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Стари Дол, Крушевски Бавчи, Манастирски Мост, Скапец, Тефикова Чешма, Кобел, Петошниц, Кале, Опаленик, Тушојца, Плоча, Џуфка и Лозја.[3]
Селото има збиен тип, поделено на три маала: Долно, Средно и Горно Маало. Маалите се составени од роднински куќи.[3]
Remove ads
Историја

Западно од селото се наоѓа возвишението Кале, кое во минатото била утврдена населба, а денес се останати само рушевини, односно темели од бедемите. Пониско од Кале се наоѓа Кула, каде некогаш престојувала турската стража. На месноста Стари Дол се забележуваат остатоци на куќи и гробови.[3]
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Халданци имало 25 семејства и 4 неженети, сите христијани. Подоцна христијаните од ова село биле населени во блиското село Годивле.[4]
До 1800-тите години, селото било христијанско словенско село со шеесетина куќи. Тогаш се нарекувало Стари Дол. Во селото се наоѓала црква и христијански гробишта. Кон крајот на XVIII век или почетокот на XIX век во Алданци се населиле четири муслимански семејства. Како се доселувале муслимани, христијаните се иселувале од селото. Тогаш се случила и промената на името во Алданци („од Албанци). Поголемиот дел од Македонците (40 куќи) се иселиле во соседното полско село Кривогаштани. Од Македонците во Алданци потекнува и родот Јовевци (3 к.) во селото Врбоец.[3]
Први муслимански доселеници во селото биле Мисирлиовци, Дибрановци, Оџевци и Костењевци, кои говорат албански. Подоцна се доселиле и други муслимански родови. Во 1912 година, селото било запишано како албанско село со 55 домаќинства.[3]
Кметот на селото возвратил со порака во која изразува разбирање за мотивите на востаниците откако го добил крушевскиот манифест.
Во одговорот на кметот се велело:
„Драги соседи, од ваше писмо разбрав дека вие не сте лоши луѓе, дека ги напуштате своите домови не за да го напаѓате мирното, како нас, население, туку дека сте против лошите луѓе и уќуматот што ги заштитува. Но, тие што вие ги барате не се меѓу нас, туку избегаа по градовите. Што се однесува до нас, ви ветуваме дека ќе мируваме. Ако сакате да убивате невини луѓе, дојдете. Бог да ѝ помогне на онаа страна што ја бара правдата...“
По Првата светска војна, Албанците од селото започнале да се иселуваат, а нивните имоти ги купиле Македонци и Власи од соседните села, поради што селото станало мешано.[3]
Remove ads
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 8,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 370 хектари, на пасиштата отпаѓаат 261 хектар, а на шумите отпаѓаат 128 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото постојат продавници и угостителски објекти.[2]
До 1912 година, Алданци поседувал попростран атар со повеќе пасишта и шуми. Атарот се ширел до Крушево и историското село Трстеник. Денес, тие делови на атарот припаднале на Крушево и Врбоец.[3]
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Алданци живееле 270 жители, сите Албанци.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Алданци се води како чисто турско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 49 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Албанци и 50 Македонци.[8]
Селото е средно по големина, но со одредено намалување на населението. Алданци во 1961 година броело 537 жители, од кои 312 биле Турци, 155 Македонци, а 70 жители Албанци. Во 1994 година, селото имало 414 жители, од кои 294 биле Албанци, 105 Турци и 15 жители Македонци.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Алданци живееле 417 жители, од кои 14 Македонци, 397 Албанци, 5 Турци и 1 останат.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 442 жители, од кои 5 Македонци, 429 Албанци и 8 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Алданци:
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
Алданци е албанско-македонско село, а порано во селото имало и Власи.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:
- Албански родови во селото се: Мисирлиовци (17 к.), доселени се од Мисир, тие потекнуваат од предок Турчин, порано зборувале на турски; Дибрановци (4 к.), доселени се од Долен Дебар (денес во Албанија); Костењовци (6 к.), доселени се од Костењево, Дебарско (од албанска страна); Рочовци (4 к.), доселени се од некое село Роч во Албанија; Адемовци (5 к.), Миџовци (3 к.), Дишовци (2 к.) и Велијовци (1 к.), доселени се од Албанија; Зенговци (2 к.), најпрво живееле во Прилеп, па од таму отишле во Турција и на крај од Турција се вратиле назад и дошле овде (од тука им била мајката/бабата), зборуваат албански и турски; Јаја хоџа (1 к.) и Небиовци (1 к.), Торбеши се. Првите се доселени од Лажани, а вторите од Длапкин Дол, Кичевско, зборуваат албански и македонски; Ајдиновци (1 к.), последни албански доселеници.
- Македонски родови во селото се: Богојевци (2 к.), Петковци (1 к.) и Николовци (1 к.), доселени се од селото Селце, подалечно потекло на родот Петковци е од околината на Корча, Албанија, а на останатите два рода од селото Стеблево, Голо Брдо; Здравковци (1 к.), доселени се од селото Вардино, Железник, некое време живееле во Крушево; Јанкуловци (1 к.), доселени се од селото Острилци, Железник/Крушевско; Талевци (2 к.), Шукловци (2 к.), Ѓокаревци (1 к.), Криволивиче (1 к.) и Наќевци (1 к.), доселени се од Крушево; Смилевци (3 к.), доселени се од селото Сланско, Порече. Некое време биле во Крушево, каде имаат роднини (5 к.) и Спировци (1 к.), доселени се од селото Зрзе.
- Влашки родови во селото биле: Грца (2 к.), Ташко Јуца (1 к.), Дошко (1 к.), Мајовци (1 к.), Штерју Гога (1 к.) и Гуча (1 к.), доселени се после 1918 година од Крушево.
Remove ads
Општествени установи

- Основно училиште „Никола Карев“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Никола Карев“ - Крушево
Самоуправа и политика
Во XIX век, Алданци било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Норово, во која покрај селото Алданци, се наоѓале и селата Белушино, Житоше, Норово и Селце. Општината Норово постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Алданци, Белушино, Норово, Житоше и Норово.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1197 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 418 гласачи.[12] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 439 гласачи.[13]
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[14]
- Градиште — римска населба;
- Кале — хеленистичка населба; и
- Разбојна Дупка — хеленистичка гробница.
- Цркви[15]
- Црква „Св. Илија“ — главна селска црква.
- Манастири
- Во минатото манастирот „Св. Спас“ бил сметан за алдански, но денес се смета за крушевски.
- Џамии[15]
- Џамија — главна селска џамија.
- Споменици[2]
- Споменик во чест на НОБ
- Реки[16]
- Норовска Река — мала река низ селото
Remove ads
Личности
- Родени во или по потекло од Алданци
- Живко Јанкуловски (р. 1956) — политичар
Иселеништво
До 1952 година од селото во Турција се иселиле 15 албански семејства.[3]
Галерија
- Спортско игралиште
- Поглед на селото
- Норовска Река низ селото
- Поглед на селото
- Детско игралиште
- Поглед на стариот задружен дом
- Селската џамија
- Поглед на селото
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads