Долно Јаболчиште

село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia

Долно Јаболчиштеmap
Remove ads

Долно Јаболчиште — село во областа Гроот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Кратки факти
Remove ads

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Гроот, во северозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното сливно подрачје на реката Тополка, чиј атар се допира со подрачјето на скопските општини Зелениково и Студеничани.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 700 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 40 километри.[2]

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2344 кај селото Дреново.

Долно Јаболчиште е едно од двете изразено албански села во изворишниот дел на реката Тополка (заедно со Горно Јаболчиште). Едно од друго се оддалечени 2 километри. Истите од мештаните на околните села уште се нарекувани и Долно и Горно Село. Овие имиња некогаш ги употребуваат и самите мештани на двете села. Селото се наоѓа во длабока и тесна долина помеѓу Горно Јаболчиште на запад и селото Дреново на исток. Тоа е особено планинско село. Мештаните во минатото се служеле со вода за пиење од чешми и директно од реката Тополка. Има и голем број извори во рамки на атарот на селото.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Темна Бука, Широк Пат, Сипичан, Осман-бежица, Мал Лисец, Голем Лисец, Киша, Страга, Алијова Ливада, Дреновска Корија, Викала, пет Камена, Бајрак, Прерог, Врановски Преслап, Алилов камен, Велкова Ливада, Сивец, Река, Долно и Горно Рамниште, Дервен, Осој, Жабина Река, Средок и Ламња.[3]

Селото е издолжено во насока запад-исток и има средна збиеност, бидејќи секоја куќа има свој двор. Некои делови од селото се нарекуваат по родови. На запад најиздвоено е Љушовско Маало, кое има и посебни гробишта.[3]

Во селото има основно училиште до V одделение, а во близина е една од патеките за планински велосипедизам.

Remove ads

Историја

Како што раскажуваат мештаните, на атарот на селото има остатоци од некогашни куќи на девет различни места. Тие места се Жабина Река, Сивец, Ламња и други. Од старините се забележува дека Ламња било поголемо село. Тоа се наоѓа околу еден час пешачење северозападно од селото. На тоа место се наоѓаат повеќе извори.[3]

Оскудни се преданијата за минатото на денешното село.[3] Според опширниот пописен турски дефтер од 1568/69 година, турската администрација прецизно ги забележала имињата на жителите во Горно и Долно Јаболчиште и ги посочува како чисти христијански села.[4] Можно е тогаш двете села да биле сметани како едно.[3]

И податоците од теренот покажуваат дека Долно Јаболчиште порано било христијанско-словенско село. Меѓутоа, на почетокот на XIX век, во него се населиле муслимански Арбанаси, поради што христијаните се отселиле. Црквата на некогашните христијани се наоѓала во средишниот дел на селото. На тоа место, денес се наоѓа селската џамија. Околу црквата се наоѓале старите христијански гробишта. Друго црквиште се наоѓало североисточно од селото, на гребенот Лисец. Оваа месност Албанците ја нарекуваат Киша („Црква“) и се познаваат остатоци на некогашни црковни ѕидови.[3]

Во 1942 година се случил масакрот во Долно Јаболчиште, при што се убиени 11 селани од страна на бугарската војска за кој се сомневало дека соработувале со Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.[5] Во 1950 година бил подигнат споменик на кој се запишани имињата на 7 селани.[3] Покрај него, во селото постои уште споменик за настанот, како и десет посебни плочи на стреланите во масакрот.

За време на воениот конфликт во Македонија 2001 година, во јули месецот биле видени луѓе во црни униформи, за кои жителите од тој крај тврделе дека се албански терористи. Блиска средба со терористите имал еден велешанец, кој заминал во селото да продава кромид. Група вооружени лица во црни униформи лица го пресретнале, го ограбиле и го избркале од селото. Биле шест на број, сите биле униформирани во маскирни панталони и црни маици, со автоматско оружје. Со закана никогаш повеќе да не доаѓа во селото, терористите му го истуриле кромидот и му ги зеле сите пари. Велешката полиција неколку дена претходно извршила рација во селото Бузалково, исто така населено со македонски Албанци. На гробиштата во ова село сведоците велат дека има невообичаен број нови гробови.[6]

Помеѓу октовмри и ноември 2001 година одново се случил инцидент во Јаболчиште каде што посетители биле легитимирани од лица кои носеле црни униформи со ознаки „УЧК“ и биле вооружени со пиштоли. Откако таксист влегол во селото да остави патник, тој бил застанат од двајца лица со црна облека. Откако одговорил на прашањето на бандитите дека е Македонец, тие бурно реагирале и прашале зошто е тука. Кога таксистот го оставил патникот во селото, при враќање одново бил запрен од двајца униформирани лица. Тие му порачувале дека посетата во селото Јаболчиште му било „прв и последен пат“. МВР и Македонската армија потврдиле дека имале информации дека во ова велешко село се забележани припадници на ОНА. Според безбедносните служби, станувало збор за мал број луѓе, кои „се самоорганизирале и не се во никаков контакт со терористите од Тетовско и Кумановско“.[7]

Remove ads

Стопанство

Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 27 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.819,9 хектари, потоа следуваат пасиштата на површина од 582,6 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 242,4 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]

Население

Повеќе информации Година, Нас. ...

Според историските извори, селото во 1476 година имало 19, во 1481 година 22, во 1528 година 18, а во 1544 година 28 христијанско-македонски домаќинства.

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година, Долно Јаболчиште е село со 41 домаќинство и 334 жители Торбеши.[8]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Долно Јаболчиште имало 400 жители, сите Арнаути муслимани (Албанци).[9]

Според германскиот етнограф Леонард Шулце Јена, на неговата етничка карта од 1927 година, Долно Јаболчиште наведено како арнаутско (албанско) село.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Турци.[11]

Селото е средно по големина и во 1961 година броело 335 жители, од кои 199 биле Турци, а 135 жители Албанци, додека во 1994 година бројот се зголемил на 496 жители, албанско населние.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Долно Јаболчиште живееле 718 жители, од кои 716 Албанци и 2 останати.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.047 жители, од кои 1.021 Албанец, 1 Бошњак и 25 лица без податоци.[13]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Долно Јаболчиште:

Повеќе информации Година, Македонци ...

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

Долно Јаболчиште е албанско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1966 година, родови во селото се:

  • Албански родови:
    • Доселеници: Бибовци (13 к.), Елмазовци (10 к.), Мусовци (6 к.), Пеловци (4 к.), Љушовци (4 к.), Луповци (3 к.), Метовци (3 к.), Аџиовци (3 к.), Мамутовци (3 к.), Сеферовци (3 к.) и Фејзовци (2 к.). Предците на сите овие родови се доселиле од различни села во областа Горна Река. Во родот Луповци се знае следното родословие: Камбер (жив на 50 г. во 1966 година) Саип-Камбер-Фејзо-Авмет, кој се доселил со неговиот брат Азис, тоа било на почетокот од XIX век.
Remove ads

Иселеништво

Од 1924 до 1966 година од селото се иселиле околу 50 албански семејства во Турција. Помал број се иселиле во Сливник (4 к.), Бањица (1 к.), Отиштино (1 к.) и Бузалково (1 к.).[3]

Општествени установи

Thumb
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Велес.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Долно Јаболчиште, во која покрај селото Долно Јаболчиште, се наоѓало и селото Горно Јаболчиште. Општината Долно Јаболчиште постоела и во периодот 1950-1952 година.

Контроверзи

Според законот за територијална организација на Република Македонија од 2004 година, селото (заедно со Горно Јаболчиште) било припоено кон општината Чашка со мнозинско македонско население (73,91% Македонци)

Причината поради која овие две доминантно албански села биле припоени кон Општина Чашка било општината да се албанизира и да стане двојазична. Кон општината биле припоени и помалите рурални општини Богомила (95,21% Македонци) и Извор (99,24% Македонци). Меѓутоа, со припојувањето на овие две села кои природно не гравитираат кон општината и воопшто кон областа Азот, бројот на албанско население бил насилно зголемен на 33,06%. Според локалното македонско население кое во најголем број е доста старо ова значело тотална албанизација на општината од причина што младите Македонци бегаат од општината, а бројот на Албанците константно се зголемува и со доселување и со природен прираст.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 2204 според Државната изборна комисија, сместено во простории на селска зграда.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 507 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 489 гласачи.[16]

Remove ads

Културни и природни знаменитости

Џамии[17]
Споменици
  • Стар и нов споменик за масакрот во селото од 1942 г.
  • Споменик на Лисец за основање на два велешки партизански одреди
  • Спомен-плочи за стреланите селани во масакрот од 1942 г.
Реки[18]

Личности

Родени во или по потекло од Долно Јаболчиште

Поврзано

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads