Горно Јаболчиште
село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Горно Јаболчиште — село во областа Гроот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Remove ads
Географија и местоположба

Ова големо и високо село се наоѓа во областа Гроот, во северозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во изворишното сливно подрачје на реката Тополка, а на северозападната падина на Голешница, чиј атар се допира со подрачјето на скопската Општина Студеничани.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 980 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 45 километри.[2]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2344 кај селото Дреново.
Горно Јаболчиште се наоѓа во изворишниот дел на Тополка, на височина од околу 1.000 метри. Од сите страни се издигнуваат планински гребени од 1.200 до 2.120 метри. На југ се наоѓа Голешница (1.924 м.), на запад Горно Бегово (2.120 м.), на север Сипичан (1.789 м.) и на исток Сивец (1.195 м.). Околни села се Долно Јаболчиште, Нежилово (слив на Бабуна) и Алдинци (Скопско). Со вода за пиење мештаните се служеле од реката и од седум-осум кладенци соѕидани во чешми.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бел Камен, Модра, Јајова Ливада, Шарена Плоча, Нежиловска Карпа, Солунско или Горна Јакупица, Горно Бегово, Враца, Павли Куќи, Врв Сипичан, Ламњи, Преслап, Османбежица, Сивец, Локманова Ливада, Падиште, Рамни Ливади, Долна Јакупица, Долно Бегово, Дибрански Камен, Поскорник, Ламњени Ливади, Горни Гроб, Долни Гроб и други.[3]
Селото се наоѓа на дно на долината на Тополка и е издолжено во насока југозапад-североисток. Поделено е на шест маала и во секое маало се наоѓаат куќи на само еден род.[3]
Во селото има осумгодишно основно училиште, амбуланта, пошта и неколку продавници, а исто така селото е попатна станица на планинскиот велосипедизам и алпинизам кон Солунска Глава.
Remove ads
Историја
Селото најпрвин било со христијанско-словенско население, што јасно го потврдуваат историските извори од XV век, словенското име на селото и топонимите.[3] Според опширниот пописен турски дефтер од 1568/69 година, турската администрација прецизно ги забележала имињата на жителите во Горно и Долно Јаболчиште и ги посочува како чисти христијански села.
Кон крајот на XVIII век, во Горно Јаболчиште започнале да се населуваат муслимански Албанци, кои по потекло биле од Горна Река во сливот на Радика. Поради населувањето на Албанците, Словените христијани се иселиле во текот на XIX век. Родот Китановци се иселил во селото Капиново во сливот на Бабуна. Околу 1880 година бил последниот христијански род кој се иселил од ова село и заминал во селото Дреново. Македонски иселеници од Јаболчиште има во селото Нежилово, во Велес и на други места.[3]
Старото население на Горно Јаболчиште имало и црква, која се наоѓала на средина на селото, кај денешната џамија. Околу црквата биле и христијанските гробишта. Покрај селото, на североисточната страна и до поново време се познавале ѕидови на христијански куќи. Таму исто така постоело црквиште. На старото христијанско население на селото потсетуваат и некои други податоци.[3]
На излезот од селото, на пат кон соседното Долно Јаболчиште, се наоѓа мал засводен камен мост. Тоа е најважната селска старина, која потекнува од времето кога селото било словенско. Македонските иселеници, кои за време на отоманскиот период живееле во Велес, некое време давале парични прилози за одржување на мостот.[3]
За време на воениот конфликт во Македонија 2001 година, во јули месецот биле видени луѓе во црни униформи, за кои жителите од тој крај тврделе дека се албански терористи. Блиска средба со терористите имал еден велешанец, кој заминал во селото да продава кромид. Група вооружени лица во црни униформи лица го пресретнале, го ограбиле и го избркале од селото. Биле шест на број, сите биле униформирани во маскирни панталони и црни маици, со автоматско оружје. Со закана никогаш повеќе да не доаѓа во селото, терористите му го истуриле кромидот и му ги зеле сите пари. Велешката полиција неколку дена претходно извршила рација во селото Бузалково, исто така населено со македонски Албанци. На гробиштата во ова село сведоците велат дека има невообичаен број нови гробови.[4]
Помеѓу октовмри и ноември 2001 година одново се случил инцидент во Јаболчиште каде што посетители биле легитимирани од лица кои носеле црни униформи со ознаки „УЧК“ и биле вооружени со пиштоли. Откако таксист влегол во селото да остави патник, тој бил застанат од двајца лица со црна облека. Откако одговорил на прашањето на бандитите дека е Македонец, тие бурно реагирале и прашале зошто е тука. Кога таксистот го оставил патникот во селото, при враќање одново бил запрен од двајца униформирани лица. Тие му порачувале дека посетата во селото Јаболчиште му било „прв и последен пат“. МВР и Македонската армија потврдиле дека имале информации дека во ова велешко село се забележани припадници на ОНА. Според безбедносните служби, станувало збор за мал број луѓе, кои „се самоорганизирале и не се во никаков контакт со терористите од Тетовско и Кумановско“.[5]
Remove ads
Стопанство

Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 35,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.821,8 хектари, потоа следуваат пасиштата на површина од 409,7 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 223,6 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во селото работи продавница.[2]
На планинските гребени околу селото се наоѓаат особено поволни пасишта, како што се Горно Бегово, Долно Бегово, Сипичан, Лисец, Осман Бежица, Јуручица, Горна Мунџица и други. Горно Бегово и Беговска Река ги носат имињата по познатиот Али-бег од Велес. Неговиот син Емин-ага сакал да ја присвои и пашата Долно Бегово, но мештаните се спротиставиле. Планинските паши Сипичан и Лисец припаѓале на некој Ајрула-ефенди, Осман Бежица припаѓала на Џиновци, додека пашата Ајлагица припаѓала на велешка влашка црква.[3]
Мештаните најмногу чуваат стока и произведуваат компир (започнувајќи од 1925 г.).[3]
Население
Според книгата „Турски документи“ од испоставата на Архивот на Република Македонија во Велес, турската администрација многу прецизно ги забележала имињата на жителите во Горно и Долно Јаболчиште. Во неа пишува дека по стариот попис од 1568/69 година селото Горно Јаболчиште е забележано како Дервен па поради потребата биле определени 30 лица дервенџии кои давале даноци по дервенски обичај. Преостанатите од триесетте лица регистрирани се како раја. Така е запишано во стариот попис.[6][7]
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година, Горно Јаболчиште е село со 40 домаќинства и 112 жители Торбеши.[8]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Горно Јаболчиште имало 350 жители, сите Арнаути муслимани (Албанци).
Според германскиот етнограф Леонард Шулце Јена, на неговата етничка карта од 1927 година, Горно Јаболчиште наведено како арнаутско (албанско) село.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Турци.[10]
Во 1961 година, селото броело 771 жител, од кои 758 се изјасниле како Турци, а 11 Албанци, додека во 1994 година бројот на жителите двојно се зголемил и изнесувал 1.538 жители, албанско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Горно Јаболчиште живееле 1.741 жител, од кои 1.727 Албанци и 14 останати.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.434 жители, од кои 2.401 Албанец и 33 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Горно Јаболчиште:
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
Горно Јаболчиште е албанско село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1966 година, родови во селото се:
- Албански родови:
- Доселеници: Сенца (30 к.), Штутка (20 к.), Стрезимир (17 к.), Лонгуровци (16 к.), Љочка (12 к.) и Реџас (10 к.), сите споменати родови потекнуваа од предци доселени од областа Горна Река. Родовите потекнуваат од селата Сенце, Стрезимир, Врбјани и Дабово (не постои повеќе), по кои ги добиле и имињата на родовите. Во родот Штутка се знае следното родословие: Раиф (жив на 51 г. во 1966 година) Осман-Зенун-Муртезан-Мемет-Касан, основачот на родот кој се доселил во почетокот од XIX век. Во овој период се доселиле и предците на останатите албански родови. Единствено, родот Реџас е доселен подоцна.
Се пренесува традиција дека отоманската власт најпрвин им понудила да се населат во пониското македонско село ’Рлевци, но тие не прифатиле и се населиле во планинското село. Денешните Албанци говорат дека нивните предци во Горна Река била „бељаџии и ајдуци“, поради што морале да го напуштат тој крај и да дојдат тука. Носиите и говорот на двете села (Горно и Долно Јаболчиште) се исти како на Албанците од планинските села Патишка Река во сливот на Маркова Река, Света Петка на планината Водно, како и селата Корито, Седларево и Гургурница на Сува Гора.[3]
Remove ads
Иселеништво
До почетокот од XIX век ова село било православно македонско. Но, по доселувањето на Албанците во селото, македонското население почнало да се иселува, последните христијани од селото се иселиле во селото Дреново. Македонско население иселено од ова село има и во Велес и Нежилово.
Од албанското население од селото има иселено околу 90 семејства, најголемиот број од нив иселени во Турција, во градовите Истанбул, Бурса и Маниса. Некои се иселени во Горно Врановци (15 к.), Сливник (15 к.), Клуковец (6 к.), Горно Оризари (5 к.), Бањица (3 к.), Бузалково (3 к.) и Мелница (2 к.).[3]
Remove ads
Општествени установи

- Централно основно училиште „Лирија“, деветгодишно основно училиште
- Здравствена амбуланта
- Пошта (1412)
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Велес.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Долно Јаболчиште, во која покрај селото Долно Јаболчиште, се наоѓало и селото Горно Јаболчиште. Општината Долно Јаболчиште постоела и во периодот 1950-1952 година.
Контроверзи
Според законот за територијална организација на Република Македонија од 2004 година, селото (заедно со Долно Јаболчиште) било припоено кон општината Чашка со мнозинско македонско население (73,91% Македонци)
Причината поради која овие две доминантно албански села биле припоени кон Општина Чашка било општината да се албанизира и да стане двојазична. Кон општината биле припоени и помалите рурални општини Богомила (95,21% Македонци) и Извор (99,24% Македонци). Меѓутоа, со припојувањето на овие две села кои природно не гравитираат кон општината и воопшто кон областа Азот, бројот на албанско население бил насилно зголемен на 33,06%. Според локалното македонско население кое во најголем број е доста старо ова значело тотална албанизација на општината од причина што младите Македонци бегаат од општината, а бројот на Албанците константно се зголемува и со доселување и со природен прираст.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 2205 и 2205/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.634 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.629 гласачи.[15]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Џамии[16]
- Џамија — главна селска џамија
- Воени гробишта
- Француски воени гробишта со спомен-плоча за загинати војници во Првата светска војна
- Реки
- Тополка — река низ селото
- Селската џамија
- Француските гробишта со спомен-плочата во селото
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads