Трново (Кривопаланечко)
село во Општина Крива Паланка From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Трново — село во областа Славиште, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка.
За други истоимени места, погледајте Трново.
Remove ads
Remove ads
Потекло на името
Името на селото се верува дека потекнува од трн и дека ова сега претставува само придавна форма.[2]
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Славиште, во источниот дел на територијата на Општина Крива Паланка, чиј атар нашироко се допира со државната гранична линија со Бугарија.[3] Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 900 до 1.010 метри. Од градот Крива Паланка, селото е оддалечено 9 километри.[3]
Селото се протега долж македонско-бугарската граница. На североисток се наоѓа самата граница, на југоисток е селото Жидилово, на југозапад е селото Киселица, а на северозапад е селото Мала Црцорија.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Самоков, Ѓурчин Камен, Чука, Крагуј, Врба, Обршане, Радулинци, Селиште, Крст, Рупа, Муртин Врв, Гола Орница, Гуча и Коприва.[4]
Селото има особен разбиен тип. Се разликуваат 13 маала, кои имаат различен број на куќи. Маалата се Џијановско, Ридарско, Долноѓулафско, Рулевско, Врпачко, Вели Врв, Жижница, Пешовско, Горноѓулафско, Дачевско, Лингурско, Радулинци и Самоков.[4]
Селото Трново се наоѓа на североисток од градот Крива Паланка. На југоисток се граничи со селото Жидилово, на југ со селото Кркља, на запад со селото Киселица, на северозапад со селото Мала Црцорија и на североисток со општината Ќустендил, Бугарија.
Remove ads
Историја
Остатоци на старини има на две месности, Самоков и Селиште. Самоков е сместено на устието на Киселичка Река во Крива Река, каде што се верува дека се топела железна руда. На месноста нема видливи старини, најголемиот дел од остатоците биле однесени при поплава во 1966 година. Малку остатоци може да се најдат и во наоѓалиштето Селиште, кој се наоѓа близу Ридарското Маало. На месноста се наоѓаат ѕидини од некогашни куќи, а таму денес се наоѓаат поранешното училиште и селската црква „Св. Никола“, заедно со селските гробишта.[4]
Во XIX век, Трново било село во Кривопаланечка каза на Отоманското Царство.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 20,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 891 хектар, на пасиштата отпаѓаат 639 хектари, а на шумите 384 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Во поново време е отворен хостел во просториите на поранешното основно училиште наречен „Трновски ветер“.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Трново имало 960 жители, од кои 940 Македонци и 20 Роми.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Трново имало 1.080 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.150 Македонци.[7]
Селото е населено со македонско население, но е со голема емиграција на населението. Така, селото во 1961 година броело 868 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 206 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Трново живееле 153 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 86 жители, од кои 79 Македонци, 1 останат и 6 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови


Трново е чисто православно македонско село. Во селото има онолку родови колку маала.[4]
Родови во Трново се: Џијановци (9 к.), живеат во посебно маало; Ѓоринци (14 к.), куќите им се сместени во Ридарско Маало; Горни Чулафци (6 к.) и Долни Чулафци (3 к.), живеат во посебни маала и не се во крвно сродство; Рулевци (9 к.), живеат во посебно маало; Врпачи (4 к.), живеат во посебно маало; Веливршани (3 к.), живеат во посебно маало; Жижинци (2 к.), имаат посебно маало; Пешевци (5 к.), куќите им се во посебно маало; Дачевци (3 к.), имаат посебно маало; Лингуровци (7 к.), имаат посебно маало; Радулинци (10 к.), имаат посебно маало; Самоковци (3 к.), сместени во најновото селско маало, основано во 1960 година. За сите родови не се знае потеклото.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:
- Староседелци: Радулинци, Деа Ристини, Зајците или Зајачка маала (2 к.); Цветинци (5 к.); Вучковци (2 к.); Радулинци (7 к.) се делат на Никовци и Цековци; Николовци (2 к.) и Младеновци (2 к.); Кутришта (4 к.); Деа Јованови (4 к.); Маџови или Цекови (2 к.); Јованови (1 к.); Давидкови (2 к.); Велинови (1 к.); Милеви (1 к.); Турчето (1 к.); Јанкови (2 к.); Дејанови (1 к.); Паневи (1 к.); Петреви (1 к.); Тенини (1 к.); Нисинци (2 к.); Гавелци (3 к.); Богданови (1 к.); Атанасови (2 к.); Јовчови (1 к.); Колеви или Милошови (2 к.); Ридарци (8 к.); Џијановци (5 к.) се делат на Симоновци, Вучковци и Крстинци; Дурчинци со Јанковци со Златановци (2 к.) и Деа Милковци (3 к.); Машинци со Митковци (3 к.); Николови со Гоневи и Давидкови (6 к.) имало некој посинет од селото Жеравино кај Босилеград; Пешовци (8 к.); Дачевци (4 к.); Лингуровци (11 к.) се делат на Давидковци, Костадиновци и Дејановци; Јовчови (3 к.); Баба Ивановци (3 к.); Мишовци (3 к.); Милијинци (2 к.); Ќулавинци (8 к.) се делат на Стаменковци, Свирци и Тресенковци. Кај Стаменковци има домазет од селото Осиче; Бољевци (6 к.) има домазети од Подржи Коњ и Мала Црцорија.
- Доселеници: Рулевци (10 к.) со Корјарци (1 к.) доселени се околу 1803 година од соседното село Коприва кај Ќустендил во Бугарија. Дошол чукундедото на Миле (жив на 60 г. во 1953 година); Ќиринци (2 к.) доселени се околу 1878 година од селото Мала Црцорија; Маџир (1 к.) доселени се од селото Голема Црцорија.[14]
Remove ads
Општествени установи
- Поранешно основно училиште, денес пренаменето во хостел „Трновски ветер“
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Жидилово, во која селото Трново, се наоѓале и селата Жидилово, Костур, Кркља и Узем. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Трново, во која влегувале селата Киселица и Трново.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0974 според Државната изборна комисија.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 99 гласачи.[16]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Цркви[17]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, сместена во месноста Селиште
Редовни настани
- Духовден — селска слава
Личности
- Родени во Трново
- Стојмен Михајловски (р. 1941-2020) — правник и политиколог
- Санде Атанасовски (р. 1949) — градежен инженер и универзитетски професор
Иселеништво
По Втората светска војна, од селото се иселиле многу жители: во Крива Паланка околу 15 семејства, во Скопје околу 10 семејства и во банатското село Качарево биле колонизирани неколку семејства. Подетално се знае за следниве родови: Димитриеви (1 к.), живеат во скопското село Дељадровци, Скопско; Вучеви (1 к.) и Балкански (1 к.), живеат во Кадрифаково, Овче Поле и Ѓорѓеви (1 к.), живеат во селото Амзабегово, исто така, во Овче Поле.[4]
Remove ads
Галерија
- Гласачкото место во селото, сместено во црковни простории
- Стара куќа во селото
- Куќи во маалото Радулинци
- Хостелот „Трновски ветер“
- Чешма во селото
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads