Голема Речица
село во Општина Тетово From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Голема Речица — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово. Поради близината до самиот град, Голема Речица е приградска населба на градот Тетово.
Remove ads
Потекло и значење на името
За настанокот на името на Голема Речица се врзува легендата со овчарот Невен Пејо. На Шар Планина недалеку од Тетово постоело место со повеќе богати извори на минерална вода на кои често навраќал овчарот Невен Пејо со своето стадо, да пладнува под сенките на костените и да пие ладна планинска вода. Над изворите со кисела вода, овчарите подигнале колиби и бачила. Тука настанало селото Голема Речица кое до денешен ден е познато по најдобрите сточари и овчари во Полог.[2]
Remove ads
Географија и местоположба
Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, недалеку од градот Тетово во југозападна насока со што селото припаѓа на рурбалната зона на централното место.[3] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 776 до 840 метри.[3] Од центарот на Тетово е оддалечено само четири километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 1206.
Селото е потпланинско, сместено околу 3 километри од градот Тетово. Низ селото поминува Голема Река. Водата за пиење во селото доаѓала од реката, од изворот Кисела Вода и од чешмата Калец.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Бродиште, Дубрава, Калник, Вакф, Узница, Кулково, Шереметица, Ограде, Ливади, Браница, Ѓургоица, Забел, Кштењеве, Лигата и Река Мад (Голема Река).[4]
Селото има збиен тип, поделено на четири маала: Маала Кичике, Маала Путре, Маала Калец и Маала Медисме (Средно Маало). Путре и Калец се наоѓаат десно од реката, додека останатите маала лево од нејзе.[4]
Remove ads
Историја
Како Речица селото се споменува во XI век, кога византискиот цар Роман III Аргир го подарил на Виргинскиот манастир „Св. Ѓорѓи“ кај Скопје. Ова подоцна било потврдено и од Константин Асен и кралот Милутин.[4]
За време на Константин Асен, детално била опишана границата на ова богато село. Границата започнувала од изворот на Голема Река, потоа водела десно преку брдото Осленик, па Јованов Дол, под црквиштето, па помеѓу Преслап и Огражденик, преку брдото на изворот на Палчишка Река, па на брдото Краиште Лисичко, па на Студенце, на Глабоки Дол, по десната страна на Колник, преку Луга и Голема Река до Хтетовске Бразде и оттаму право на Точило, каде се симнува на Лесковјане. Тогаш се споменува и месност Драготино, а потоа ниви и лозја.[4]
Во средниот век, во селото постоела црква „Св. Недела“.[4]
За Речица е зачуван и еден пишан траг од XV век (1461 или 1462 г.), кога како сведок во Тетово се наведува Турчинот Искендер Умер од ова село.[4]
Средновековното споменување на селото, постоењето на црквата „Св. Недела“ и топографските називи јасно говорат дека Голема Речица најпрвин била целосно населена со христијанско словенско население. За време на Турците, во Речица започнале да се населуваат Албанци и поради тоа старите родови се иселувале. За старите словенски родови се знае само за родот Брзакои.[4]
Во Голема Речица има едно селиште, кое се наоѓа источно од селото во котлинската рамнина. Тоа место се нарекува Дубрава, каде денес има ниви. Остатоци од старини на површината не се познаваат.[4]
Во селото најпрвин била изградена Долната џамија (околу 1860-тите) на место на некоја изгорена џамија. Горната џамија била изградена во 1870-тите години.[4]
Стопанство
Атарот на селото е мал и зафаќа површина од 5,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 430,4 хектари, на шумите отпаѓаат 51,2 хектари, а на пасиштата само 27,4 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него работат продавници[3] и неколку угостителски објекти.
Поради близина на Тетово, селото има добри стопански услови. Во минатото, неговите ниви припаѓале на тетовските бегови, а некои денешни родови работеле на нивните ниви. Подоцна, тие ја купиле земјата од беговите.[4]
Remove ads
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Голема Речица живееле 380 жители, сите Албанци.[5]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Велика Речица — село во Долнопалчишка општина и има 127 куќи со 725 жители Албанци.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 950 Албанци.[7]
Селото е големо и во 1961 година броело 1.989 жители, од кои 1.877 биле Албанци, а 107 жители Турци, додека во 1994 година бројот двојно се зголемил на 3.676 жители, целосно албанско население.[3]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Голема Речица, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Голема Речица живееле 3.977 жители, од кои 3.949 Албанци, 4 Македонци и 24 останати.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3.604 жители, од кои 1 Македонец, 3.422 Албанци, 1 останат и 180 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
Голема Речица е населена со муслиманско население, чии родови се доселени. Освен неколку ромски куќи, во селото исклучиво се говори на албански јазик. По етничка припадност, мештаните се делат на вистински Албанци, на исламизирани и на албанизирани Словени и на Роми.[4]
Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се:
- Албански родови:
- Кичик Маало: Кичик (50 к.), потекнуваат од фисот Красниќи во Северна Албанија. Во Полог дошле преку Призренско. Тие се основачи на ова маало. Родовското име го добиле по некој предок со мал раст (на турски: кичик). Во селото дошле во периодот 1750-1800 година. Од Албанија дошле браќата Асан и Фазли. Асан останал во селото и од него потекнуваат денешните семејства, додека Фазли заминал во Мала Речица и таму основал посебен род (Фазлие). Од родот Кичик има три иселени семејства во Тетово.
- Путре Маало: Путре (7 к.), се доселиле од Северна Албанија и дошле по родот Кичик; Сефер (10 к.), името го добиле по предокот Сефер, кој дошол од Северна Албанија; Чајан (4 к.), се сметаат за понови доселеници, доселени се од некое село Чајан во Љума, Северна Албанија, по кое го добиле родовското име; Биљалар (8 к.), по потекло од Северна Албанија. Се сметаат за понови доселеници. Основач на родот е Шабан Голе; Бучко (4 к.), по потекло од Северна Албанија и го знаат следниов родослов: Сали (жив, 46 години во 1948 г.)-Куртиш-Адем-Реџеп-Куртиш-Сали, кој се доселил; Осман Ага (4 к.), по потекло од Северна Албанија. И за нив се вели дека се понови доселеници и Баки (4 к.), доселени се од селото Групчин во Скопско. Таму се доселени од северна Албанија.
- Калец Маало: Али Беге (3 к.), најстар род во селото. Некои за нив велат дека се од турско потекло. Доселени од некое место во Турција и дека тука се албанизирале. Основачот на родот бил бекташ; Мемишалар (16 к.), основачи на маалото Калец. Доселени се од Калиса во Северна Албанија кон крајот на 18 век. Го знаат следниов родослов: Ваит (жив, 39 години во 1948 г.)-Осман-Нуи-Бејтула-Иљаз-Мемиш, основачот на родот. Две нивни семејства се преселиле во Тетово; Јајишлар (9 к.), по потекло од Северна Албанија. Тука дошле по родот Мемишлар. Имаат пет иселени семејства во Тетово; и Фаља (2 к.), доселени се од некаде, најверојатно од Северна Албанија.
- Средно Маало: Џорде или Биљалар (7 к.), дошле од селото Мала Речица, каде имаат родовска гранка Бељо. Не го знаат своето потекло, но најверојатно се од Северна Албанија; Метолар (3 к.), доселени се од селото Мала Речица, каде имаат истоимени роднини, а понатамошно потекло имаат од Северна Албанија; Матњан (2 к.), доселени се од областа Матија во Албанија, по која го добиле своето име; Зеколар (3 к.), по потекло од Северна Албанија; Ќосолар (7 к.), името го добиле од потсмев по некој предок кој бил ќос (голобрад). Тука живеат од првата половина на XIX век. Го знаат следниов родослов: Вели (жив, 39 години во 1948 г.)-Мемет-Вели-Мемет-Абдула, основач на родот кој се доселил; Цеко (8 к.), не го знаат своето потекло, најверојатно како останатите; Али Ага (1 к.), доселен се од селото Вешала, а таму од Северна Албанија; Али Бозовце (4 к.), дошле од селото Бозовце, а таму од Љума, Албанија; Салколар (6 к.), по потекло од Северна Албанија; Аголар (7 к.), не го знаат своето потекло, но најверојатно како останатите; Дерала (5 к.), доселени се од селото Градец, а таму од Северна Албанија. Во Градец имаат истоимени роднини (66 к.). Едно нивно семејство заминало во Тетово; Јонуз Исеин (1 к.), дошол од селото Пирок, а таму од Албанија; Абдула (1 к.), доселен од селото Пирок, а таму од Северна Албанија; Весел Скендер (1 к.), доселен од селото Горно Палчиште, а таму од Северна Албанија; Зекир (1 к.), доселен од селото Чегране; Џокет (3 к.), доселени се од селото Ујмиште во Љума, Северна Албанија. Најпрвин заминале во селото Лисец, па оттаму во Голема Речица. Во Лисец и Расадиште имаат истоимени роднини. За нив се вели дека имале предци христијани и останатите муслимани ги нарекувале „бекташи“, бидејќи не ги почитувале во целост муслиманските прописи.
- Исламизирани и албанизирани родови: Плоштан (12 к.), доселени се од некое село во областа Гора во Косово. Живеат во маалото Кичик. Уште ги нарекуваат и Касалар. Во селото дошле околу 1830-тите години. Го знаат следниов родослов: Акик (селски оџа, жив, 53 години во 1948 г.)-Селим-Касам-Незир, кој се доселил. Кога дошле говореле на македонски, а подоцна го примиле албанскиот јазик; Царе (3 к.), ги викаат и Торбеши. Доселени се од македонското село Урвич, каде имаат истоимени роднини (Царевци). Тие се понови доселеници и кога дошле говореле на македонски. Подоцна го примиле албанскиот јазик. Вистинското потекло им е од Љусња во Северна Албанија, а во Урвич дошле кон крајот на XVIII век. Во Речица живеат во Средното Маало; Чоропин (4 к.), доселени се од селото Синичане. Таму биле староседелци, каде што имаат и истоимени роднини. Живеат во маалото Калец и Коке (1 к.), доселени се од селото Камењане.
- Роми: Ракип (1 к.), дошол од Тетово и бил селски ковач.
Во селото има и други исламизирани и албанизирани словенски родови, кои се доселиле од околните села, но брзо го напуштиле македонскиот јазик, се албанизирале и ги промениле презимињата.
Иселеништво
За старите словенски родови се знае само за родот Брзакои, кои живеат во Сиричино (4 к.) и во Долно Палчиште (7 к.). Откако во Голема Речица имало чума, од нивниот род останало само едно дете Никола. Подоцна, Никола се преселил во Долно Палчиште, каде што се оженил и основал род. Околу 1820-тите години, од тој род се одвоил некој Стојко, кој заминал да работи како момок во Брвеница, а потоа во Сиричино. Стојко во Сиричино се оженил и основал род. Родословот на родот во Сиричино е следен: Петруш (жив, 65 години во 1948 г.)-Андро-Трпче-Стојко, кој се доселил.[4]
Remove ads
Општествени установи
- ОУ „Прпарими“ - Голема Речица - централно основно училиште за ученици од прво до деветто одделение
- Здравствена амбуланта
- Пошта (1219)
- Амбуланта
- Основното училиште
- Поштата
- Спортска сала
Самоуправа и политика
Во XIX век, Голема Речица било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Тетово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Долно Палчиште, во која покрај селото Голема Речица, се наоѓале и селата Брвеница, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Долно Седларце, Јеловјане, Мала Речица, Новаќе, Ново Село и Урвич. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Голема Речица, во која влегувале селата Голема Речица, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Мала Речица и Новаќе.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 1985, 1986, 1987 и 1988 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 3.862 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 3.829 гласачи.[16]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Археолошки наоѓалишта[17]
- Дубрава — населба од доцноантичко време.
- Цркви[4]
- Во средновековниот период, во селото постоела црквата „Св. Недела“.
- Џамии[18]
- Долна џамија — постара селска џамија; и
- Горна џамија — понова селска џамија.
- Споменици
- Споменик на ОНА
- Споменици на природата[19]
- Речица (споменик на природата) — шеснаесет стебла од липа
- Споменик на ОНА
- Канал низ селото
- Долната џамија со заштитените липови стебла
- Поглед на липовите стебла
- Горната џамија
Remove ads
Личности
- Родени во или по потекло од Голема Речица
- Џеват Адеми (р. 1962) - македонски политичар и поранешен член на ОНА; и
- Г’зим Беадини (р. 1988) - македонски економист, заменик министер за финансии (2016).
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads


