Кавала

град во Кавалско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia

Кавалаmap
Remove ads

Кавала (грчки: Καβάλα, постаро име: Морунец) — град во Егејска Македонија и главен град на округот Кавала, во југозападниот дел на областа на Источна Македонија и Тракија, денес во Грција. Тоа е најголем град и главниот комерцијален и образовен центар на Кавалскиот Округ и Општина Кавала. Градот е оддалечен 165 км источно од Солун и околу 680 км северно од Атина.

Кратки факти Кавала Καβάλα, Земја ...
Thumb
Аквадукт во градот
Remove ads

Име

Во антиката, во околу 7 век п.н.е. градот бил познат како Неаполис („нов град“[2]). Во средниот век, до околу 14 век, градот бил познат како Христополис („град на Христос“[2]). Старословенско име на градот е Морунец, додека името Кавала се јавува по 14 век[2].

Историја

Антички период

Thumb
Археолошки остатоци од градот Филипи.

Околината на Кавала била населена уште од праисториско време, а како доказ за тоа се пронајдоците во источните делови на градот остатоци од древни доселеници. Неаполис, кој бил колонија на Тасос, бил основан на полуостровот на местото на денешниот стар град Панагија. Ова место имало огромно стратешко и трговско значење, бидејќи се наоѓало на патот што ги поврзува Македонија и Тракија.

Точниот датум на основањето на градот не е доволно позната, но повеќето историски извори тврдат дека тоа се случило во средината на 7 век п.н.е. Во тоа време, доселениците од островот Тасос го направиле Неаполис порта кон нивна натамошна експлоатација на богатите рудници на злато и сребро кои се наоѓале кон северните делови, особено оние кои се сместени во близина на планината Кушница (која подоцна била експлоатирана и од страна на Филип Македонски). Во регионот има пронајдено археолошки податоци од архајскиот период (крајот на 6 век п.н.е.) како што е обожувањето на Партенос, женско божество со грчко-јонско потекло која се поврзува со старогрчката божица Атена, архајскиот период. На крајот на 6 век п.н.е. Доказот дека градот добил независност од Тасос се поврзува со изготвувањето на сопствени монети со лик на горгона во околу 500 п.н.е. Неколку децении подоцна овде бил изграден храм изработен од мермер, и чии делови денеска се наоѓаат во Археолошкиот музеј на градот.

Во времето на инвазијата на Персијците, Неаполис станал член на Делоската морска унија (исто така позната како Атинска морска унија) и долго време градот одржувал добри односи со Атѝна. Градот од страна на Атина бил награден за неговата лојалност според декретите издадени во 410 и 407 година п.н.е.

Во околу 340 п.н.е. Филип II Македонски ја освоил Тракија, а со тоа и колониите на Тасос. Неаполис ја изгубил својата независност и бил вклучен во составот на Кралство Македонија.

Римски период

Thumb
Вија Игнација во Кавала.

Градот Неаполис по римските освојувања на овие простори, започнал да се намалува. Но поради исклучително стратешката негова позиција, неговото значење се зголемило во последната третина на 2 п.н.е. век, кога бил изграден римскиот пат Вија Игнација, и кој поминувал низ градот, помогајќи трговијата да се развива. Градот станал римски civitas во 168 година п.н.е., а бил основан од Брут и Касиј во 42 п.н.е., пред нивниот пораз во Битката кај Филипи. По основањето на римската провинција Филипи, Неаполис слуел како пристаниште на поморскиот пат Александрија (Троја) - Солун.

Ова била и причината зошто Апостол Павле на своето прво патување во европа во 50 година, пристигнал на пристаништето во Неапол, а оттаму заминал во Филипи каде била основана првата христијанска црква на европска територија[3][4]:

„И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотракија, а на вториот ден — во Неапол, а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена.“[5]


Византиско-франкиски период

Thumb
Поглед кон стариот град и тврдината.
Thumb
Магазин за храна и оружје во византиски замок

Во 6 век, византискиот цар Јустинијан I изградил тврдина во градот во обид да го заштити од варварските напади. Во подоцнежните византиски времиња градот бил наречен Христополис и припаѓал на темата Македонија. Еден од првите преживеани до денес документи за споменување на градот датира од 9 век. Исто така, градот се споменува и во „Животот на Св. Григориј Декаполит“.

По запопчнување на византиско-бугарските војни, во 8 и 9 век постојаните бугарски напади ја принудиле Византија да се реорганизира во одбрана на областа, давајќи голема важност на Христополис преку изградба на утврдувања и статиционирање на гарнизон. Во 834 година, во времето на хан Пресијан, по походот на кавханот Исбул, градот, заедно со околината бил вклучен во составот на Првото Бугарско Царство[6].Во 926 византискиот генерал (стратег) Василиј започнал со реконструикција на паднатите ѕидови на градот, според еден натпис кој денес се наоѓа во археолошкиот музеј на градот. Благодарение на неговата местоположба, градот доживеал економски препород, обезбедувајќи поврзување помеѓу Цариград и Солун.

За време на Норманската инвазија на Македонија во 1185 година, градот бил освоен и опожарен[7]. Во 1302 година, Каталонците не успееле да го освојат градот. Со цел да ги спречи да се вратат, византискиот цар Андроник III Палеолог изградил нови долги ѕидини. Во 1357 година, двајца византиски службеници и браќа, Алексиј и Јован го контролирале градот и неговата територија. Ископувањата откриле урнатини на рана византиска базилика под османлиска џамија во стариот дел на градот. Оваа базилика била користена до доцната византиска ера.

Отомански период

Thumb
Куќата на Мухамед Али Паша.

Самиот град имал значајна улога во историјата од тој период. Србите и Турците го освоиле овој дел од Македонија и градот бил еден од последните византиски тврдини кои паднале под османлиска власт.

Отоманските Турци го освоиле градот во 1387 година и целосно да го уништиле во 1391 година според сведочењето во една светогорска хроника. Кавала била дел од Отоманското Царство во периодот од 1387 до 1912 година. Во средината на XV век градот бил подложен на нападите на Република Венеција, кои го освоиле градот и под нивна контрола бил околу еден месец. Османлиите успеале да си го вратат по 20-дневна опсада.

Христополис повторно се појавил на историската сцена во почетокот на XVI век, кога и добил ново име - Кавала. Во тоа време градот претрпел многу странски напади, а единствената заштита за населението биле ѕидините околу стариот град Панагија. Во средината на XVI век, Паргали Ибрахим-паша, везир на Сулејман Величествениот, придонел за просперитет и развој на градот со изградба на аквадукт[8]. Османлиите, исто така ја прошириле византиската тврдина на ридот Панагија. Двете знаменитости се меѓу најпрепознатливите симболи на градот денес. Во 1611 година, бродовите на Војводство Фиренца пристигнале и се обидиле да го заземат градот, но по неуспехот биле принудени да се повлечат.

Во текот на XVII век градот постојано бил цел на пиратски напади, но без сериозни последици за градот. Во овој период Кавала била многу важно пристаниште, чие значење постојано се зголемувало. Во XVIII век започнала реконструкција на градот, а грчкото население започнало да зема уште поголемо учество во економијата на градот. Периодот бил обележан со посети на многу научници и патници на градот. Христијанскиот центар на градот претставувала црквата „Света Богородица“, која се наоѓа и денес на највисокиот дел од градот. На крајот на векот грчкото општество во Кавала станало посилно од било кога. Бројот на грчкото население достигнало до 10.000 луѓе и во нивни раце се наоѓало пристаништето, риболовот и занаетчиството. Мухамед Али Паша, основач на династијата која владеела со Египет, е роден во Кавала во 1769 година. Неговата куќа е сочувана како музеј.

XVIII и XIX век

Грчкото население во Кавала активно се вклучило во народноослободителната борба на Грците, позната како Грчка војна за независност. Познат агонист од овој крај бил поглавар Иларион Караѕоглу[9]. Кон почетокот на револуцијата, во 1821 година од страна на османлиската власт во градот бил обесен Константинос Сердароглу, додека Николас Кагијасас учествувал во морските битки.[10]

Во 1864 година, по овластување дадено од страна на султанот, Кавала започнала да се проширува и надвор од ѕидовите на стариот град. Во текот на овој период, градот станал познат по производството и преработката на тутунот. Во ова помогнало и самото пристаниште на градот. Во 1896 година во градот се случил најголемиот штрајк на работниците (5000 работници) на Балканот. Освен тоа, во текот на XIX век започнале да излегуваат и весници на грчки јазик.

XX век

Thumb
Кавала во 1942 година
Thumb
Поглед кон пристаништето.
Thumb
Центарот на градот.

Со прогласувањето на турскиот устав во 1908 година во Кавала била основана и првата официјална тутунска унија на работници на Балканот. Во текот на Борба за Македонија|борбата за Македонија, од градот на грчка страна се бореле Петрос Јоанидис и Периклис Дракос[11].

Балкански војни

Кавала била накратко окупирана од страна на Бугарите за време на Првата балканска војна во 1912 година, но била освоена од страна на Грците во 1913 година за време на успешната операција на грчката морнарица која била под команда на познатиот адмирал Павлос Кунтуриотис. При избувнувањето на Балканската војна во 1912 година пет лица од Кавала биле доброволци во Македонско-одринските доброволни чети[12].

Кавала била ослободена од османлиската власт од војводите на Михаил Чаков, Пејо Јаворов, Јонко Вапцаров и Христо Чернопеев на 27 октомври 1912 година без ниту еден истрел.[13]. На 31 октомври 1912 година во градот влегле војниците на бугарскиот родопски одред под команда на генералот Стилијан Ковачев. Во градот било отворено бугарско училиште, а командант бил Христо Чернопеев, додека Михаил Чаков бил началник[14]. Кавала останала во бугарски раце до Втората балканска војна во текот на летото на 1913 година, кога во градот влегле грчки војници и според Букурешкиот договор од 10 август 1913 година градот бил предаден на Грција.

Грција

Во текот на Првата светска војна, во август 1916 остатоците од IV армиски корпус, стационирани во Кавала, се предале на бугарската армија и тој останал под бугарска контрола до 28 септември 1918 година. Овие настани предизвикале воен бунт во Солун, кои довеле до формирање на Привремена влада за национална одбрана, и на крајот до официјалниот влез на Грција во Првата светска војна.

По Грчко-турската војна од 1919-1922, градот влегол во нова ера на просперитет. Според Лозанскиот договор потпишан помеѓу Турција и Грција, во селото било населено грчко население од Турција, додека муслиманското население ги напуштило своите домови. Бегалците најпрвин биле сместени во импровизирани куќи и во старите тутунски фабрики, но со текот на времето започнале да се градат нови населби, а дел од бегалците биле сместени и во старите османлиски куќи. Развојот на градот бил индустриски и земјоделски. Кавала повторно станала центар за обработка на тутун. Многу објекти поврзани со складирање и обработка на тутун од тоа време се сочувани во градот. До 1932 година во градот биле завршени голем број на инфраструктурни проекти, биле направена електрична мрежа, училишни згради, болници итн.[15]

Во текот на Втората светска војна и по падот на Атина, нацистите ја дале Кавала на бугарските сојузници во 1941 година, со што градот повторно, и под бугарска окупација градот бил до 1944 година. Во текот на овој период, градот станал економски и административен центар на новата власт. Во градот се наоѓача главната база и штабот на Бугарската Беломорска флота. По пучот од 9 септември 1944 година, бугарската армија се повлекла од областа.

Во доцните 1950-Кавала се проширила кон морскиот брег. Во 1967 година, кралот Константин II ја напуштил Атина и престојувал во Кавала по неуспешниот обид за контра-удар против воената хунта.

Развојот на трговијата ја наметнало потребата за изградба на ново пристаниште во индустриската зона на градот. Изградба на ново пристаниште „Филип Втори“, започнала во 1990 година. Од октомври 2002 година пристаништето ја поседува цела механичка опрема и комерцијалниот сообраќај сега се одвива преку него. Денеска, градот претставува симбол на риболовот. Тој е еден од најголемите рибни пазари во Средоземно Море.

Remove ads

Географија

Кавала се наоѓа на северниот брег на Кавалскиот Залив, дел од Егејското Море. Градот се наоѓа на ридестиот терен, додека центарот се наоѓа на карпест дел од полуостровот Пресвета и е од стратешка важност.

Градот и околните места во областа ги опслужува меѓународниот аеродром „Александар Велики“, сместен меѓу Кавала и Саришабан.

Клима

Кавала има влажна суптропска клима (според Кепенова класификација на климата), кој се граничи со полусува клима со просечни годишни врнежи од 460 мм. Снежните врнежи се во помал број денови но истите ги има, повеќе или помалку скоро секоја година. Влажноста на воздухот е секогаш многу висока.

Апсолутната максимална температура забележана некогаш изнесувала 38,0 °C, а најмалата -5,8 °C.[16]

Повеќе информации Климатски податоци за Kavala, Месец ...
Thumb
Панорамски поглед.
Remove ads

Население

Според Георги Стрезов, во 1891 година, во Кавала има грчки и турски училишта, 3120 куќи и население од 10.000 луѓе[17].

На крајот на XIX век Васил К’нчов за градот напишал:

...градот има околу 2200 куќи, половина христијански. Христијанското население ја опфаќа грчката општина. Во него има силен прилив од Македонци и Власи, но истите се погрчени. Главната трговија на Кавала е тутунот... Кавала е центар на каза која брои вкупно 25 села. Руралното население во селата е муслиманско. Нема ниту едно христијанско село. Муслиманите се состојат од Турци и Македонци-помаци ... Помаците се залагаат за македонскиот јазик, но бројат на турски јазик[18][19]


Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година во Кавала живееле 9.500 жители: 5.000 Турци, 3.500 Грци, 400 Евреи, 400 Роми и 200 лица – припадници на други етноси[20]. По крајот на Балканските војни, градот бил вклучен во составот на Грција. Според пописот од 1913 година, во градот биле евидентирани 23.378 луѓе[21]

Според Лозанскиот договор потпишан помеѓу Турција и Грција, во селото било населено грчко население од Турција, додека муслиманското население ги напуштило своите домови. Така, во 1923 година бројот на население бил 49,980 лица. Според статистиката за бегалците, во градот биле сместени 31.983 лица од кои 2.956 лица биле дојдени пред крајот на Грчко-турската војна, 28.972 по т.н. малоазиска катастрофа[22]. Од нив, поголемиот дел биле од Мала Азија (14.298), Источна Тракија (10.105) и Понд (4.435).

Во 1940 година градот имал 49.667 жители. Според бугарската статистика од 1941 година, во градот живееле 30.899 жители. Градот на пописот од 1951 година имал 42.102 жители, на пописот од 1961 година живееле 44978 жители, во 1971 година имало 46.234 жители, во 1981 година имало 56.375 жители, додека во 1991 година имало 56.571 жител[22][23]. Денеска, населението на градот е 54.027 жители според пописот од 2011 година.

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Повеќе информации Година ...
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Remove ads

Администрација

Thumb
Општински единици (поранешни општини):
  Кавала
Thumb
Градското собрание

Општина

Општина Кавала била формирана по реформата на локалната власт во 2011 година со спојување на двете поранешни општини, кои станале општински единици:[24]

Повеќе информации Општинска единица, Население (2011) ...

Општината располага со површина од 351,35 квадратни километри.[25] Населението на новата општина е 70.501 (2011). Седиштето на општината е во Кавала. Некои од најважните заедници во новата општина се:

Повеќе информации Име, Население ...

Кавала е изградена амфитеатрално бидејќи најголем број жители уживат во извонреден поглед на брегот и морето. Некои од регионите во Кавала се:

Агија Варвара Агиос Атанасиос Агиос Јоанис Агиос Лукас Чилија
Дексамени Каламица Кентро Неаполис Панагија
Перигијали Потамудија Профитис Илијас Тимиос Ставрос Виронас

Провинцијата Кавала (грчки: Επαρχία Καβάλας) била една од провинциите на префектурата Кавала. Нејзината територија кореспондира со онаа на сегашната Општина Кавала, и дел од општинската единица Елефтерополи[26]. Таа била укината во 2006 година.

Remove ads

Стопанство

Thumb
Нафтена платформа во близина на Кавала

Градот Кавала бил претворен во модерен урбан центар започнувајќи од 1920 година, кога се случил силен пораст на населението, поради големиот број на бегалци по малоазиската катастрофа. Традиционалното основно занимање на населението на Кавала е риболов. Рибарите на градот се добро познати низ цела северна Грција.

По индустријализацијата на земјата, исто така, Кавала стана центар во Северна Грција на тутунската индустрија. Во средината на XX век биле пронајдени деривати и денеска постои нафтена платформа. Освен тоа во градот постои и индустрија за производство на фосфорни ѓубрива, фабрики за обработка на мермер и стакло.

Remove ads

Сообраќај

Thumb
Аеродромот „Александар Велики“

Патна мрежа

Европската магистрала E90 поминува во близина на градот Кавала и го поврзува со другите градови. Автопатот Егнација (А2) се наоѓа северно од градот. Во градот може да влезе од една од двете крстосници; „Кавала-запад“ и „Кавала-исток“. Градот има редовни врска со меѓународни автобуски линии (KTEL) од и до Солун и Атина.

Градот исто така е поврзан со сите големи грчки градови како Солун и Атина преку редовни автобуски линии. Освен тоа градот е поврзан преку автобуски линии и со сите локални села.

Воздушна мрежа

Кавалскиот меѓународен аеродром „Александар Велики“ се наоѓа на 27 километри од градот. Тој е поврзан со Атина со редовно закажани летови и со многу други европски градови од страна на редовни и чартер летови.

Водна мрежа

Кавала е поврзана со сите острови во северното Егејско Море со чести правци на различни ферибот линии.

Remove ads

Образование

Thumb
Технолошки образовен институт
  • Технолошки образовен институт на Источна Македонија и Тракија (грчки: ΤΕΙ Ανατολικής Μακεδονίας και Θράκης) - јавна институција која обезбедув образование на универзитетско ниво во регионот на Источна Македонија и Тракија. Главниот кампусот на институтот се наоѓа во населбата Агиос Лукас, Кавала и со површина околу 132.000 м2, со згради со површина од 36.000 м2.Самиот кампус е седиште на два факултети (Факултетот за инженерство и Факултетот за бизнис и економија) со вкупно 9 оддели[27].
  • Академија по менаџмент и информациски системи[28]
  • Инстититут за риболовно истражување[29] - Институтот се наоѓа 17 км далеку од Кавала
  • Институт Мухамед Али[30] - институт чија цел е изучување на египетското влијание во Грција и обратно.
  • Историски и литературни архиви на Кавала[31] - непрофитна организација која не е субвенционирана од страна на грчката држава, туку трошоците за нејзино опстојување ги покриваат нејзините основачи и само еден мал дел од страна на локалната власт

Култура

Фестивали и настани

Кавала е домаќин на широк спектар на културни настани, кои во најголем дел се одвиваат во текот на летните месеци.

  • На врвот на списокот од фестивали е Фестивалот Филипи[32], кој трае од јули до септември, а вклучува театарски претстави и концерти. Од 1957 година, фестивалот е најважниот културен настан во градот и еден од најважните од Грција.
  • Космополис е меѓународен фестивал кој се одржува во стариот град на Кавала. Фестивалот нуди запознавање со културите во целиот свет преку танц и музички групи, традиционални национални кујни, кино, и експонати на киосците на земјите учеснички.
  • Фестивалот Јанис Папајоану вклучува концерти и музички семинари[33].
  • Илиос ќе Петра се одржува во месец јули во „Аконтисма“, Неа Карвали. НАстанот има фолклорен карактер, со учество на традиционални танчарски групи од целиот свет.
  • Фестивал „Дрво, вода и дивина“[34] е фестивал кој се одвива во природата и вклучува бендови во живо и диџеј сетови, саем на книгата, отворен театар, екологија, кампување и дебати.
  • Кавала Шоу се одржува последните денови од јуни[35]

Музеи

  • Кавалски археолошки музеј - еден од најважните археолошки музеи во Грција со експонати од целата провинциска единица Кавала, Неаполис (античкиот град на Кавала), Амфиполис и други делови на Источна Македонија[36].
  • Кавалски општински музеј
  • Кавалски тутунски музеј

Знаменитости

  • Кавалски аквадукт - средновековен отомански водовод, една од главните туристички атракции во градот. Аквадуктот најверојатно бил изграден во римско време.[37], функционирал во времето на Византија и бил реновиран во времето на османлискиот султан Сулејман I во периодот помеѓу 1530 и 1536 година[38].
  • Црква Свети Никола - православна црква, која била изградена како муслимански храм во XVI век и која била претворена во црква во 1926 година[39][40][41]. Претходно на местото на џамијата имало христијанска базилика, најверојатно посветена на Свети Лазар или Свети Апостол Павле. До црквата се наоѓа местото каде што се смета дека Апостол Павле за првпат стапнал во Европа. Таму во 2000 година бил изграден споменик.
  • Црква Успение на Пресвета Богородица - православна црква која се наоѓа на Панагија. До 1864 година црквата е единствениот христијански храм во градот.
Remove ads

Спорт

Фудбалот е еден од најпопуларните спортови во Кавала. Во градот се наоѓа и седиштето на фудбалскиот клуб ФК Кавала (грчки: Αθλητικός Όμιλος Καβάλα), кој бил основан во 1965 година. Клубот настапува во Третата фудбалска лига на Грција. ФК Кавала своите домашни натпревари ги игра на стадионот Анти Караяни кој има капацитет од 10,500 гледачи[42]. Во градот исто така се наоѓа и седиштето на женскиот фудбалски клуб ФК Кавала 86, кој бил основан во 1986 година.

Друг популарен спорт во градот е кошарката. КК Кавала (грчки: Ένωση Καλαθοσφαίρισης Καβάλας) своите домашни натпревари ги игра на Арената „Каламица“ која има капацитет од 1,650 гледачи. КК Кавала бил основан во 2003 година[43] и како најголеми успеси ги има постигнато во сезоната 2015 година кога победил во Грчката А2 лига.

Останати спортски клубови во градот се Шаховскиот клуб Кавала[44], кој во текот на своето постоење постојано бил на врвот според рангирањето во Грција, Пливачкиот клуб Кавала, Рагби клубот Кавала итн.

Remove ads

Меѓународни односи

Збратимени градови

Партнерство

Личности

Кавала како мотив во уметноста

Поврзано

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads