Бојмица
гратче во Гевгелиско, денес во Кукушкиот округ, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Бојмица (грчки: Αξιούπολη, Аксиуполи; до 1927 г. Μποέμιτσα, Боемица[2]) — гратче во Гуменџиско, Егејска Македонија, денес во општината Пајонија на Кукушкиот округ, Грција. До 1920-тите населението се состоело од македонско мнозинство и турско малцинство.[3]


Remove ads
Географија
Гратчето се наоѓа во областа Бојмија, наречена по него, по долното течение на Вардар, откако реката ќе излезе од Циганската Клисура во Солунското Поле. Лежи на 62 км северно од Солун и на 34 км западно од Кукуш. Бојмица е на десниот брег на реката, во подножјето на планината Пајак. Така гратчето е една од главните патни артерии во целиот регион Македонија, поврзувајќи го Солун со Р Македонија и Србија. Сепак, современата магистрала Е75 минува по левиот брег на Вардар покрај Ругуновец (Карасуле), спроти Бојмица од другата страна на реката.
Remove ads
Историја
В месноста Баири, на 1,5 км северно од Бојмица и десно од патот за Извор е откриена архаична некропола, прогласена за заштитен археолошки споменик во 1994 г.[4]
Во Отоманското Царство
Луѓето отсекогаш биле привлечени кон поволностите кои Вардар ги нудел како патна артерија, и областа Бојмија е населена уште од праисторијата. Според преданијата, селото Бојмица е создадено некаде околу 1700 г. со спојување на три македонски села во областа. Околу 1760 г. во Бојмица се доселиле иселеници од селото Драчко во Берско, а во 1822 г. и се доселиле семејства од Негуш, побегнати по разорувањето на градот од Мехмед Емин-паша во Негушкото востание.
Во 1843 г. отоманската власт им дала дозвола на бојмичани да подигнат црква, по што веднаш почнала изградбата на „Св. Димитриј“, завршен во 1859 г. Црквата е живописана меѓу 1860 и 1862 г. од познатиот зограф Маргарит Ламбу од Кулакија. Кон крајот на XIX век грчката пропаганда почнала да прави обиди за наложување. Првото грчко училиште во селото е отворено во 1894 г.
Боривое Милоевиќ забележува дека околу 1890 г. 25 куќи од Древено се преселиле во Бојмица, бегајќи од зулумите на Турците од Карасинанци и Мајадаг.[5]
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Богемица (Boghémitza) имало 85 домаќинства од 58 жители муслимани и 348 жители Македонци.[6][7] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Бојмица имала 1.220 жители Македонци христијани и 625 жители Турци.[8] На почетокот на XX век поголемиот дел од жителите се откажале од Цариградската патријаршија и прешле под врховенството на Бугарската егзархија. Во Бојмица сега работела и бугарската пропаганда. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во Бајлишта (Baïlichta) имало 1.080 Македонци егзархиски и 280 Македонци патријаршисти, а во селото работеле и бугарско и грчко училиште.[6][9]
Во стопанскиот живот на населението главна улога имаат два географски чинитела — големата река Вардар и ајдучката планина Пајак. Така бојмичани од стари времиња биле раздвоени меѓу трговијата и ајдутството – во една народна песна се пее „поминаа, заминаа лоши луѓе арамии, арамии Бојмичани“.[10] Самото име Бојмица се смета за одраз на ајдучкиот нарав на населението. На крајот од XIX век многу бојмичани се занимавале со ајдутство од Пајак, меѓу кои најпознат бил Апостол Терзиев од стариот бојмички род Терзиевци, кој потоа стапил во редовите на ВМОРО и се прославил како Апостол Петков „Ениџевардарското Сонце“, легендарен заштитник на македонштината во Ениџевардарско и Гевгелиско. Населението зело активно учество во отпорот на ВМОРО против турската власт и грчките и гркоманските андарти. Револиционерниот комитет во Бојмица е образуван уште во 1896 г., а негов претседател бил учителот Филип Димитров, родум од Леринско.[11] Селото настрадало во Валандовската афера. Бојмичани учествувале и во Илинденското востание, а потоа на 23 ноември 1903 г. селската чета војувала со редовна турска војска.
Во 1910 г. во Бојмица е создадена турска чета на чело со Тефик Мехмедов за дејства против македонските и грчките чети.[12]
По податоци на Егзархијата во 1910 г. Бојмица имала 350 семејства сочинети од 978 жители Македонци, 379 Турци, 128 Роми (116 чифлигари) и имала две цркви.[6][13]
Боривое Милоевиќ („Јужна Македонија“) вели дека пред Балканските војни во Боjмица имало 180 македонски христијански 100 турски куќи.[14]
Во Грција

За време на Првата балканска војна на 22 октомври 1912 г. Бојмица е окупирана од грчка војска. Новата власт започнала систематски терор врз секоја пројава на македонска национална свест. Десетици жители се апсени и држени без пресуда во солунскиот затвор Еди-куле затоа што учествувале во Македонско-одринското ополченство, па дури и само затоа што не сакале да се кажат Грци. Дури на 15 февруари 1914 г. ослободени се 14 бојмичани. 338 семејства од Бојмица, Баровица, Бугариево, Гаваљанци и други села се пријавиле во рускиот конзулат во Солун за иселување. Во 1913 г. по конечното исцртување на грчко-српската граница, во Бојмица се доселиле многу гркомански семејства од Гевгелија и Гевгелиско, а Македонците продолжиле да се иселуваат. Таа година населението броело 1.516 жители.[3] Во извештај од Солун во април 1914 г. бугарскиот дипломат Сократ Тодоров забележал:
„ | Секојдневно пристигнуваат во Солун цели карвани бегалци од Кара Суле, Дабово, Бојмица, Куфалово и Мачуково.[15] | “ |
Во Првата светска војна во Бојмица се сместени штаб и војници на антантата, кои значително придонеле за осовременувањето на градот. Французите го поместиле течението на Бојмичка Река, направиле современ пазар и направиле теснолинејка, искористивајќи стари шини од париската трамвајска мрежа. Во 1914 г. во Бојмица дошле првите грчки доселеници од Источна Тракија, и тоа од подрачјата на Мидија и Чаталџа. Во 1919 г. дел од нив се вратиле во Источна Тракија, но повторно се иселиле во 1924 г. со грчко-турската размена на население по сила на Лозанскиот договор. Првите доселеници од Понд стасале во Бојмица во 1919 г., проследени од големиот бран предизвикан од Грчко-турска војна (1922–1924) од подрачјето на Трапезунд, Керасунд и Триполи. Во 1920 г. во Бојмица се попишани 1.595 лица.[3] Во 1923 г. во Бојмица се доселиле неколку влашки семејства од селото Голема Ливада, како и уште гркомански семејства од Гевгелија. Покрај тоа, многу грчки војници од јужните краишта на државата останале во гратчето по крајот на Првата светска војна. Во 1924 г. од Бојмица по официјален пат во Бугарија се иселиле 183 македонски семејства (536 лица), а 20 семејства се преселиле во Гевгелија. Така, по многубројните преселби, луѓето со грчка национална свест станале мнозинство во паланката.
Во април 1923 г. чета од 12 лица на обновената ВМРО под команда на војводата Стефанов кај Бојмица влегла во 6-часовна битка со грчка жандармерија и војска. Двајца македонски четници се самоубиле за да не бидат фатени живи, а останатите пробиле пат низ блокадата. Од грчка страна имало шест жртви. По борбата, грчките војници и жандармеријата ги претресле сите околни македонски села куќа по куќа, за ја најдат исчезнатата македонска чета. Над 230 Македонци (мажи и жени) се уапсени и фрлени во затворите, но Грците не успеле да им ја надат трагата на четниците.
На 1 јануари 1927 г. Бојмица е преименувана во Аксиуполи, во превод вардарски град.

Со почетокот на Грчко-италијанската војна во 1940 г. теророт над Македонците во Бојмица повторно се засилил, па многу семејства, сметани за „недоверливи“, се принудени да се иселат, како што бил случајот со 70-годишниот Андон Стојанов и неговото семејство. Во Втората светска војна на 8 април 1941 г. во Бојмица влегла германска војска, но гратчето останало под грчка управа и не е присоединето кон Бугарија. Во извештајот изготвен по германска наредба во 1941 г. е утврдено дека во Бојмица сè уште живееле 30 македонски семејства со 150 лица. Во останатите околни села состојбата била ваква: во Оризарци останале 32 семејства (152 лица), Шљопинци имало 6 семејства (30 лица), Сехово било со 20 семејства (100 лица) и Горгопик со 52 семејства (280 лица).
За време на Граѓанската војна многу од жителите на соседните села се преселиле во Бојмица. Така наполно е иселено селото Древено, и речиси сосема е иселена големата влашка паланка Голема Ливада.
Во гратчето има природонаучен музеј чии поставки вбројуваат меѓу најдобрите во цела Грција.[16][17]
Remove ads
Население
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Знаменитости
- „Св. Димитриј“ — македонска црква од 1859 г.
- „Пресв. Богородица Достојно ест“ — изградена од грчки доселеници во 2000 г.
- Природонаучен музеј
Личности
- Апостол Петков — ајдутин и војвода на Македонската револуционерна организација.
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads