Степанци (Велешко)
село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Степанци — село во областа Клепа, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
За други истоимени места, погледајте Степанци.
Remove ads
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Клепа, во југозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна, од десната страна на планираниот регионален пат Велес-Прилеп.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 460 метри.[2]
До селото води земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 1312, кој е асфалтиран само до некогашното село Јасеново, иако е означен за главен регионален пат помеѓу Велес и Прилеп во многу карти.
Куќите на ова мало село се наоѓаат во една долина десно од некогашниот пат Велес-Прилеп. Со долината селото е отворено кон североисток, додека од останатите страни се издигнува стрмна планинска падина. Околни села се Поменово и Смиловци. Мештаните со вода за пиење се служеле од три извори, кои биле соѕидани во чешми. Една чешма се нарекувала Витаноска. На атарот од селото избиваат познатите извори: Бела Вода, Евла, Горно Село, Зрпопе, Тополчиња и други.[3]
Поединечни краеви на атарот вдолж неговата граница ги носат следните називи: Вал, Бела Вода, Парамида, Мукос, Белутарци, Рудина, Самарот, Илев Гроб, Зрпопе, Црници, Дренови Долци, Врба, Смиловска Тумба, Камчиња, Долни Гутин, Рамниште, Адумица, Куќиште, Горно Село, Црквишта, Плевење, Царо Падалиште, Ќерамидница, Перчинковец, Лозја, Долна Вода, Студено Кладенче, Зензер, Ѓореска Куќа, Ковачевец, Лесковец, Шатор, Оревче, Дупени Камења, Нија Чука, Селиште, Манастир, Ѓоргов Дол, Љиљаковец, Средочно Водиче, Ѓорево Нивче, Девет Дабици, Драки, Пијало, Свињарник и Ставци.[3]
Селото е исклучително мало и не се делело на маала.[3]
За Степанци може да се каже дека е поблиску до градот Прилеп и Прилепското Езеро, од каде што е оддалечено 29 километри, отколку до градот Велес, кој е оддалечен 34 километри во северен правец. Во самото село и во негова близина има многу каменоломи, кои порано се користеле за изградба на селските куќи.
Remove ads
Историја


Степанци се смета за старо села во областа на Бабуна. Најстарите пишани податоци за селото Степанци потекнуваат од 1460 година, кога тоа било запишано во турските документи како дервенџиско село со 36 словенско-христијански домаќинства, чии жители имале задолжение да го чуваат превојот („дервентот“) „Присад“ (денес познат само како Дервен) на патот Велес-Прилеп.[3]
Раширено е мислењето дека порано селото било од разбиен тип, при што поедини делови на селото се наоѓале во денешните месности наречени Горно Село, Куќиште и Плевење, од каде што жителите на овие делови подоцна преминале во денешното поголемо маало и на тој начин селото станало збиено. Ова збивање на селото настанало во времето кога на патот Велес-Прилеп поминувале ограбувачките банди на Албанци-Дебрани (веројатно на крајот на XVIII и почетокот на XIX век), заради кои настанала голема несигурност заради што луѓето се прибирале во поголеми села. Во ова време Степанци примило доселеници и од прилепските села Присад, Крстец и од Скопско.[3]
Степанци најмногу нараснало на 80 домаќинства во периодот помеѓу 1912 и 1918 година, по што настапил бран на иселување на преку 30 куќи во прилепското село Браилово, Прилеп и Битола, поради што во време на ослободувањето по Втората светска војна селото било затечено со 50 македонски куќи.[3]
Селото Степанци било значајно во народноослободителната борба во Македонија во текот на Втората светска војна, кога во неговата близина бил основан првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, каде настанала и позната македонска народна борбена партизанска песна А бре, Македонче. На 23 октомври 1941 година, при создавањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ во месноста кај Степанскиот манастир, тројцата борци Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски - Оцка добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која требало да се изидигнува борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење.[4][5]
Од 1950 година, во селото настапил нов бран на иселување, кој придонел до тоа селото целосно да се расели. Во овој период се иселиле околу 20 домаќинства во Велес, 20 во Прилеп и 15 во Скопје, при што во 1963 година било затворено и селското основно училиште.[3]
Remove ads
Стопанство
Атарот е голем и зафаќа простор од 30,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.160 хектари, на пасиштата отпаѓаат 353 хектари, а на обработливото земјиште 245 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
Денес, селото не е населено, но сепак преку летото е доста посетено од неговите некогашни жители, кои поради плодната почва таму на своите ниви одгледуваат многу градинарски и овошни култури, но ја искористуваат и природата, односно берат многу билки, како и диви овошки кои ќе ги најдат во природата. На бројните пасишта во околината на селото се напасува добиток: овци и крави на сточари од велешкиот регион.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Степанци имало 290 жители.[6]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Степанци имало 480 жители.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Степанци се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[9]
Селото е мало, населено со македонско население и е во фаза на целосно раселување. Така, тоа во 1961 година броело 138 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на четири жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Степанци немало жители.[10] Истото било потврдено и на последниот попис од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
Степанци било македонско село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1967 година, родови во селото биле: Јаневци (1 к.), Марковци (1 к.), Витановци (1 к.), Ничовци (1 к.), Божиновци (1 к.), Перовци (1 к.), Андовци (1 к.), Давчевци (1 к.), Илевци (1 к.) и Ангелевци (1 к.), при што сите потекнуваат од постари староседелски родови (нечии предци се доселени од прилепските села Присад и Крстец при нападите на Албанците-Дебрани во XVIII век), додека доселени родови биле Новевци (2 к.) од кичевското село Душегубица и Кирановци од Скопско.
До шеесеттите години на XX век во селото повремено престојувале и влашки (Калчовци, 1 к. и Костовци, 1 к.) и албански (од Гургурница и од Косово) сточари со овци.
Иселеништво
Од селото се случиле големи иселувања по Првата, а особено по Втората светска војна, кои се случиле под влијание на општествените промени. Во 1960-тите години кога престојувале бројни сточарски стада (влашки, албански и од Лазарополе) допринеле како уште една причина за иселување на мештаните.[3]
Се знае за следниве иселени родови: Степановци (1 к.) живеат во Извор, Топузовци (1 к.), живеат во соседното Смиловци, во Смиловци уште заминале и Ридевци и Џунџевци, кои сега веќе не постојат. Во прилепското село Браилово од 1912 до 1924 година заминале родовите Здравевци (4 к.), Јаневци (3 к.), Аврамовци (3 к.), Јанкуловци (3 к.), Чудевци (2 к.), Богоевци (2 к.) и Перовци (1 к.).[3]
Remove ads
Самоуправа и политика
Во XIX век, Степанци било село во рамките на Велешката каза, на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Извор.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Извор.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Извор, во која покрај селото Степанци, се наоѓале и селата Владиловци, Долно Врановци, Извор, Крњино, Мартолци, Поменово, Попадија, Смиловци и Стари Град. Во периодот 1950-1952 година, селото Степанци било повторно дел од некогашната Општина Извор, во која влегувале селата Долно Врановци, Извор, Мартолци, Поменово, Смиловци, Стари Град и Степанци.
Избирачко место
Селото влегува во рамките на избирачкото место бр. 2244 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект во селото Владиловци, во кое влегуваат и населените места Крнино, Поменово, Попадија, Смиловци и Степанци.[15]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 49 гласачи.[16] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 46 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 45 гласачи.[18]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Цркви[19]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Димитриј“ — манастирска црква надвор од селото.
- Манастири
- Степански манастир — манастир на патот кон Прилеп.
- Главната селска црква „Св. Никола“
- Манастирската црква „Св. Димитриј“
- Воздушен поглед на манастирот
Редовни настани

- Слави
- Свети Талалеј (крај на мај) — главна селска и црковна слава, при што сите иселеници се собираат во главната селска црква. Секоја година се одбира кум чија должност е да ја организира прославата. Се верува дека ако си кум тогаш цела година ќе имаш среќа. Исто така на празникот се организира и лицитација на која сите работи што се оставени за здравје во црквата се лицитираат. Се верува дека колку повеќе ќе купиш работи толку поубава годината ќе ти биде. Собраните пари од литицатијата одат за црквата. Откога ќе заврши веселбата на иселените жители некои одат во своите викендици, а некои со пријатели одат по ливади и прават скара.
- Голема Богородица (28 август) — манастирска прослава. Тогаш сите иселеници се собираат во манастирот „Св. Димитриј“ кој се наоѓа над селото. Прославата започнува на 27 август со преспивање надвор пред манастирот (за среќа, за здравје и др.). И за оваа прослава се бира кум. Во овој манастир има и конаци во кои преноќуваат гостите. Точно на полноќ се врти круг околу манастирот. Се верува дека тоа ќе им донесе среаќа на луѓето.
Во манастирот во минатото се одбележувале и Митровден и Ѓурѓовден.[3]
Remove ads
Личности
- Родени во или по потекло од Степанци
- Темелко Наумов (1870-?) — револуционер
- Стојан Аврамовски (р. 1957) - македонски архивист, доајен на македонската архивистика
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads