From Wikipedia, the free encyclopedia
Оскар Фингал О’Флаерти Вилс Вајлд (англиски: Oscar Fingal O'Flahertie Wills Wilde, Даблин, 16 октомври 1854 - Париз, 30 ноември 1900) — ирски драмски писател, поет, раскажувач и автор на еден роман. Познат по неговата зајадлива досетливост, станал еден од најуспешните драмски писатели на доцната викторијанска епоха во Лондон, како и една од најпознатите личности на неговото време. Негови најпознати дела се комедијата „Ладалото на Леди Виндермир“, „Важноста да се биде искрен“, „Идеален маж“ и романот „Сликата на Доријан Греј“. Неколку од неговите драми и понатаму често се изведуваат, особено „Важно е да се викаш Ернест“ (англиски: The Importance of Being Earnest).
Оскар Вајлд Oscar Wilde | |
---|---|
Оскар Вајлд во 1882 г. | |
Занимање | писател, поет |
Националност | Ирец |
Период | викторијанска ера |
Оскар Вајлд е роден на 16 октомври 1854 година како Оскар Фингал О'Флаерти Вилс Вајлд (Oscar Fingall O'Flahertie Wills Wilde), иако тој самиот често го наведувал податокот дека се родил во 1856 година. Тоа не е точно, но тој успеал во многу биографии да ја вметне оваа година како година на неговото раѓање, а причините за тоа не се познати.[1] Тој бил помладиот син во англоирското семејство на сер Вилијам Вајлд и неговата сопруга Џејн Франческа Елги (Jane Francesca Elgee)[1] чиј псевдоним бил Сперанца. Семејството Вајлд живеело на 21 Вестланд Роу во Даблин. Џејн била успешна писателка и поетеса за револуционерното движење на Млада Ирска во 1848 година и доживотна ирска националистка.[2] Сер Вилијам бил главен ото-офталмички хирург (хирург за уво и око) во Ирска, а во 1864 година бил прогласен за витез за неговите заслуги во медицината.[2] Вилијам напишал и книги за археологијата и фолклорот. Тој бил прочуен филантроп, а неговиот диспанзер за грижа на сиромашните во градот, кој се наоѓал во Линколн Плејс, зад колеџот „Тринити“, Даблин, бил претходникот на даблинската болница за око и уво, која сега се наоѓа на Аделејд Роуд (англиски: Adelaide Road).
Во јуни 1855 година, семејството се преселило во 1 Мерион Сквеар (1 Merrion Square) во отмена станбена област, каде во 1856 година се родила Изола, сестрата на Вајлд. Таму, госпоѓа Вајлд одржувала редовен саботен попладневен прием, а меѓу нејзините гости биле и Шеридан ле Фану, Чарлс Левер, Џорџ Петрие, Исак Бат и Семјуел Фергусон. Вајлд се образувал дома до своите девет години. Потоа, до шеснаесеттата година се школувал во училиштето Портора Роајал (англиски: Portora Royal School) во Енискилен, Ферманаг,[3] а летните месеци ги минувал со своето семејство во руралниот Вотерфорд, Вексфорд и во домот на семејството на Сер Вилијам во Мејо. Тука браќата Вајлд си играле со постариот Џорџ Мур.
По заминувањето од Портора, од 1871 година до 1874 година, Вајлд ги изучувал класичните науки во колеџот „Тринити“ во Даблин, каде две години делел соба со својот постар брат Вили Вајлд. Неговиот тутор, Џон Пентланд Магафи, главниот научник за древна Грција на Тринити, го пробудил неговиот интерес за грчката литература. Вајлд бил извонреден студент и го освоил златниот медал на Беркли, највисоката награда што можат да ја добијат студентите на класичните науки во Тринити. исто така, тој добил стипендија за колеџот „Магдален“ во Оксфорд, каде ги продолжил своите студии од 1874 година до 1878 година и каде станал дел од естетското движење чие начело било да се направи уметност од животот. Во 1875 година, Вајлд ја посетил Италија и ја објавил својата прва песна (превод од грчки јазик), а следната година умрел татко му. Во 1877 година, повторно ја посетил Италија, овојпат заедно со професорот Махафи (Mahaffy).[1]
Вајлд имал несреќен однос со престижната Оксфордска унија (англиски: Oxford Union). При запишувањето на високата школа во есента 1874 година, Вајлд поднесол барање за да се приклучи на Унијата, но не бил избран. Кога библиотекарот на Унијата побарал бесплатен примерок од „Поеми“ (1881), Вајлд се согласил. По расправа свикана од Оливер Елтон, подарокот бил осуден за наводен плагијат и бил вратен.[4] [5]
Додека бил во „Магдален“ во 1878 година, ја освоил година наградата Њјудигејт (англиски: Newdigate Prize) за неговата поема „Равена“, која ја прочитал гласно на Енсинија; меѓутоа, не успеал да ја освои Ректорската награда за англиски есеј (Chancellor's English Essay Prize) за есејот што ќе биде посмртно објавен како „Подемот на историската критика“ (англиски: The Rise of Historical Criticism, 1909). Во ноември 1878 година, дипломирал на двопредметна група по дипломски испити за класични науки и класични студии и студии по филозофија.
Во 1882 година, Вајлд заминал во Њујорк, каде поминал речиси една година. Следната година, тој предавал во Англија, а истата година заминал во Париз, заедно со Роберт Шерард, а потоа повторно заминал во САД. На 29 мај 1884 година, во Лондон, се оженил со Констанс Лојд (Constance Lloyd), а медениот месец го поминале во Париз. Во 1887 година станал уредник на списанието Woman's World. На почетокот на април 1895 година, Вајлд бил уапсен под обвинение дека направил „тешко бесрамно дело со друго машко лице“. По двете судења одржани во текот на мај, тој бил осуден на затворска казна во траење од две години со присилна работа. Казната ја служел најпрвин во затворот во Вондсворт (Wandsworth), а потоа бил префрлен во Рединг (Reading). Во 1896 година умрела неговата мајка. Во 1897 година, при крајот на издржувањето на казната, му било дозволено да пишува во затворот. Вајлд бил ослободен на 19 мај 1897 година и веднаш заминал во Франција, а следната година умрела неговата сопруга. Во 1899 година ја посетил Англија и патувал низ Швајцарија, Италија и Франција. Во август 1900 година се вратил во Париз, а во октомври бил опериран. Еден ден пред смртта преминал во католицизам, а умрел на 30 ноември 1900 година. Вајлд бил закопан на париските гробишта.[6]
Откако дипломирал во Оксфорд, Вајлд се вратил во Даблин, каде ја запознал и ù се додворувал на Флоренс Балкомб. Меѓутоа, таа била свршена со писателот Брам Стокер.[7] Кога чул за нејзината веридба, Вајлд ù пишал дека намерава засекогаш да ја напушти Ирска. Заминал во 1878 година, а во својата родна земја се вратил само двапати за кратки посети. Следните шест години ги поминал во Лондон и Париз, како и во САД каде патувал за да одржи предавања.
Во Лондон ја запознал Констанца Лојд, ќерка на богатиот Хорациј Лојд, адвокат на кралскиот двор. Во 1884 година, таа го посетила Даблин истовремено кога Вајлд бил во градот за да одржи предавања во театарот Гејети (анг. Gaiety Theatre). Ја побарал за жена и се земале на 29 мај 1884 година во Падингтон, Лондон. Надоместокот на Констанца од 250 фунти му овозможил на семејството Вајлд да живее луксузно. Двојката имала два сина, Сирил (1885) и Вивијан (1886).
По падот на Вајлд, Констанца и неговите синови си го смениле презимето во Холанд. Таа умрела во 1898 година, по операција на грбот, а погребана е во Монументалната гробница во Џенова, Италија. Сирил бил убиен во Франција во Првата светска војна. Вивијан исто така служел војска во војната, а подоцна станал автор и преведувач. Во 1954 година ги објавил своите мемоари. Синот на Вивијан, Мерлин Холанд, издал и објавил повеќе дела на својот дедо. Внуката на Вајлд, Доли Вајлд, имала подолга лезбиска врска со писателката Натали Клифорд Барни.
Иако сексуалната склоност на Вајлд од некои била определена како бисексуална, а од други како хомосексуална, Вајлд чувствувал дека припаѓал на култура на машка љубов поттикната од грчката педерастична традиција.[8] При опишувањето на својот сексуален идентитет, Вајлд го употребил терминот Сократски. Можно е да имал сексуални односи со (во хронолошки редослед) Френк Мајлс, Констанца Лојд (неговата жена), Роберт Болдвин Рос и лорд Алфред Даглас („Боси“). Вајлд имал и бројни интимни средби со млади момчиња од работничката класа, кои често биле и платени љубовници.
Биографите општо веруваат дека во 1885 година (годината по неговата женидба) Вајлд станал потполно свесен за својата хомосексуалност и онаа на другите благодарение на седумнаесетгодишниот Роберт Болдвин Рос. Биографијата на Нил Мекена „Тајниот живот на Оскар Вајлд“ (2003) претпоставува дека Вајлд бил свесен за својата хомосексуалност многу порано, уште од моментот на неговиот прв бакнеж со друго момче кога имал 16 години. Според Мекена, откако пристигнал во Оксфорд во 1874 година, Вајлд колебливо ја истражувал својата сексуалност и открил дека може да почувствува страсна романтична љубов кон „убави, нежни“ хористи, но повеќе го привлекувале младите црномурни грубијани. До доцните 1870-ти, Вајлд веќе бил преокупиран со филозофијата на сексуална привлечност кон лица од истиот пол и се спријателил со група поети на Уранизмот (анг. Uranian (pederastic) poets) и реформатори на хомосексуалните закони, со што се запознал со работата на пионерот за правата на хомосексуалците Карл-Хенрих Улрикс.
Во 1882 година во Америка, Вајлд се запознал и со Волт Витман, а на еден пријател му напишал дека „не се сомнева“ во сексуалната склоност на големиот американски поет — „Сè уште го имам бакнежот од Волт Витман на усниве“, се пофалил. Дури живеел и со сликарот Френк Мајлс, кој неколку години бил негов претпоставен, а се верува дека биле љубовници. Меѓутоа, пишува Мекена, Вајлд некогаш бил несреќен од насоката на неговите сексуални и романтични желби и во надеж дека бракот ќе го „излечи“, во 1884 година се оженил со Констанца Лојд. Некои критичари го критикувале објаснувањето на како премногу спекулативно, иако не е неверојатно.[9]
Без разлика дали Вајлд бил наивен или не пред да го запознае Рос, вториот одиграл значајна улога во развитокот на сфаќањето на Вајлд за неговата сопствена сексуалност. Рос ги знаел песните на Вајлд уште пред да се запознаат и всушност бил претепан затоа што ги читал. Исто така, не бил рамнодушен кон викторијанската забрана на хомосексуалноста. Според образложението на Ричард Елман, Рос, „...толку млад, а сепак толку интелигентен, бил решен да го заведе Вајлд.“ Подоцна, Рос му се пофалил на лорд Алфред Даглас дека тој бил „првото момче на Оскар“ и се чини имало многу љубомора меѓу нив. Наскоро, Вајлд навлегол во свет на редовен секс со млади момчиња, како на пример слуги и улични продавачи на весници, кои биле во своите средни или доцни тинејџерски години, а кои ги запознавал во хомосексуални барови или бордели. Со негови зборови, односите биле сродни на „пирување со пантери“, а се насладувал во ризикот: „Половина од возбуда се должеше на опасноста.“[10] Во неговите објавени уметнички дела, првото славење на романтична љубов помеѓу мажи и момчиња од страна на Вајлд се наоѓа во „Портретот на г-дин В.Х.“ (1889), каде предлага теорија дека сонетите на Шекспир биле напишани за елизабетанското момче глумец „Вили Хјуџс“ во кој поетот бил вљубен.
На почетокот на летото 1891 година, поетот Лајонел Џонсон го запознал со дваесет и двегодишниот лорд Алфред Даглас, кој во тоа време бил студент на Оксфорд. Помеѓу двајцата веднаш се родило блиско пријателство, но во почетокот тоа не било сексуално, а кога најпосле биле интимни сексуалната активност не отишла предалеку. Според Даглас, кој говори во своите поодминати години, во првите шест месеци нивните односи биле на чисто интелектуално и емоционално ниво. И покрај тоа што „уште од нашата втора средба, кога ми даде примерок од Доријан Греј што го понесов со себе во Оксфорд, се обиде да ми пријде. Му се предадов дури откако се знаевме повеќе од шест месеци, откако постојано се гледавме и двапати остана со мене во Оксфорд. Му дозволив да го имаме она што се случуваше меѓу момчињата во Винчестер и Оксфорд... Помеѓу нас никогаш немаше содомија, ниту пак имало обиди или желби за тоа. Вајлд со мене се однесуваше како постар со помлад во училиште.“ Кога Вајлд сфатил дека Даглас се согласил на тоа единствено за да му угоди, затоа што неговите нагони го воделе кон помлади момчиња, а не кон мажи, Вајлд засекогаш прекинал со своето физичко додворување.[11]
Неколку години живееле заедно помалку или повеќе отворено во повеќе места. Вајлд и неколкумина од неговата аристократска општествена група исто така започнале да зборуваат за реформа на законот за хомосексуалноста, а нивната посветеност на „каузата“ се формализирала со основањето на една многу тајна организација наречена Редот на Херонеја, во која Вајлд членувал. Хомосексуалниот роман, „Телени, или задната страна на медалот“ (анг. Teleny or The Reverse of the Medal), напишан речиси истовремено и тајно објавен во 1893 година, му се припишувал на Оскар Вајлд, но всушност, веројатно претставува здружен труд од неколку пријатели на Вајлд, кој тој го издал. Вајлд повремено придонесувал и кон литературниот весник на Уранизмот „Камелеон“ (анг. The Chameleon).
Првиот ментор на лорд Алфред бил неговиот космополитски дедо Алфред Монтгомери. Неговиот постар брат Францис Даглас, Висконт Драмланриг веројатно имал интимна врска со премиерот Арчибалд Филип Примроуз, 5-ти гроф од Розбери, која завршила со смртта на Францис во неразјаснета несреќа при лов. Таткото на лорд Алфред Џон Шолто Даглас, 9-ти маркиз на Квинзбери започнал да верува дека неговите синови биле расипани од постари хомосексуалци, или како што се изразил во едно писмо, „од снобовски педери како Розбери“.[12] Како што се обидел да се справи со Розбери, Квинзбери се соочил со Вајлд и лорд Алфред во неколку прилики, но секојпат Вајлд успевал да го смири.
Разведен и трошејќи прекумерно, Квинзбери бил познат по своите искрени гледишта и бокс тепачки кои често го придружувале. Се гнасел од својот помлад син и го измачувал со закани дека ќе го исклучел од наследството ако не престане залудно да си го троши животот. Квинзбери решил да му стави крај на пријателството со Вајлд. Вајлд бил потполно внесен во пробата кога Боси се вратил од дипломатско назначување во Каиро. Наскоро потоа Квинзбери го посетил Вајлд во неговиот дом. Бесно го турнал слугата на Вајлд, влегол во работната соба на приземјето, се нафрлил со безобразни зборови кон Вајлд и го прашувал за неговиот развод. Вајлд се разлутил, но се вели дека смирено му објаснил на слугата како Квинзбери бил најпознатиот грубијан во Лондон и дека никогаш повеќе не смее да го пушти во куќата. Се вели дека и покрај присуството на телохранителот, Вајлд го натерал Квинзбери мирно да си замине.
На премиерата на „Важно е да се биде Ернест“ Квинзбери повторно имал намера да го навреди и јавно да го посрамоти Вајлд со фрлање на букет репки. Вајлд го предупредиле за тоа, па на Квинзбери му бил забранет влез во театарот. Вајлд побарал правна помош против него и сакал да го тужи. Меѓутоа, неговите пријатели одбиле да сведочат против маркизот, па тужбата била повлечена. Вајлд и Боси заминале од Лондон на одмор во Монте Карло. Додека престојувале таму, на 18 февруари 1895 година, маркизот ја оставил својата визит-карта во клубот на Вајлд, на која во неколку неразбирливи чкртаници го обвинувал Вајлд дека е „педер и содомист“.[13]
Вајлд поднесол тужба за кривична клевета против маркизот Квизбери врз основа на инцидентот со визит-картата, по што маркизот бил уапсен, но подоцна го ослободиле со кауција. Судењето за клеветата станало контроверзно прашање кога пикантните подробности на приватниот живот на Вајлд со Алфред Тејлор и лорд Алфред Даглас почнале да излегуваат во весниците. Тим од детективи, потпомогнати од глумецот Чарлс Брукфилд, ги упатил адвокатите на Квинзбери (предводени од Едвард Карсон, адвокат на кралскиот двор) во светот на викторијанското „подземје“. Таму се забележала поврзаноста на Вајлд со уценувачи, машки проститутки, травестити и хомосексуални бордели. Повеќе личности вмешани во овие случувања биле испрашувани, а некои биле принудени да сведочат.[14]
Судењето започнало на 3 април 1895 година, во амбиент кој се граничел со хистерија, како во печатот така и во галериите за јавноста. По еден разнишан почеток, Вајлд повторно се созел во одбраната на својата уметност од нападите кои го обвинувале за перверзија. Делото „Сликата на Доријан Греј“ жестоко се критикувало, но Вајлд се одбранил со својот вообичаен шарм и доверба за уметничките прашања. Се разгледувале некои од неговите лични писма до лорд Алфред, а нивното изразување се оспорувало како несоодветно и било посочено како доказ за неморални односи. Правниот тим на Квинзбери предложил клеветата да се објави за општото добро, но Вајлд се исплашил дури кога обвинителството преминало на сексуалните прашања. Бил повикан да ја каже причината поради која не бакнал еден млад слуга; на што Вајлд одговорил: „Тој беше сосема просто момче, за несреќа грдо, го сожалував поради тоа.“[15]
Советот за одбраната насетил крв и се нафрлил врз него. Вајлд се двоумел и се жалел за навредите на Карсон и неговите обиди да го вознемири. Обвинителството го повлекло случајот откако одбраната се заканила дека ќе донесе момчиња проститутки да сведочат за корумпираноста на Вајлд и за неговото влијание врз синот на Квинзбери, со што го онеспособила случајот. Кога Вајлд го напуштил судот, бил поднесен налог за негово апсење (по задоцнување што требало да му овозможи на Вајлд, доколку сакал, да избега од земјата). Подоцна, налогот му бил доставен во хотелот „Кадоган“, во Најтсбриџ. Сер Џон Бетјеман го овековечил тој момент во една своја песна. Вајлд бил уапсен за „непристојно однесување“ според дел 11 од Актот за изменување на кривичниот закон од 1885 година. Во британското законодавство од тоа време, под овој поим се подразбирале хомосексуални односи што не претставуваат содомија, а кои се сметале за прекршок според еден посебен статут.[16][17]
По неговото апсење, Вајлд го испратил Робет Рос во својот дом и му наредил да отстрани одредени предмети. Рос провалил во спалната соба со цел да спаси дел од личната сопственост на Вајлд. Потоа Вајлд бил затворен во притвор во Холовеј каде секојдневно го посетувал лорд Алфред Даглас.
Настаните брзо се одвивале и на 26 април 1895 година започнало неговото судско гонење. Вајлд уште претходно го молел Даглас да го напушти Лондон и да замине во Париз, но тој жестоко се противел, дури сакал да сведочи; меѓутоа, бил принуден да замине и набрзоo избегал во Отел ду Монд. За време на овие случувања, Рос и многу други исто така ја напуштиле Велика Британија. При сослушувањето, Вајлд дал елоквентна одбрана на педерастијата:
„ | Љубовта чие име не смее да се изговори“ во овој век е толку силна наклоност на постар кон помлад маж како што била онаа меѓу Давид и Џонатан; како онаа врз која Платон ја засновал својата филозофија; љубов каква што наоѓате во сонетите на Микеланџело и на Шекспир. Тоа е онаа длабока духовна приврзаност што е колку чиста толку и совршена. Приврзаност која заповеда со големите уметнички дела и се вткајува во нив, како во оние мои две писма, такви какви што се. Во овој век таа е погрешно сфатена, толку погрешно сфатена што може да се опише како „љубовта чие име не смее да се изговори“ и од таа причина јас се наоѓам тука. Оваа љубов е убава, чиста, тоа е најблагородниот облик на наклоност. Во неа нема ништо неприродно. Таа е разумна и постојано се јавува помеѓу постар и помлад маж, кога постариот поседува интелект, а помладиот го краси сета радост, надеж и илузии за животот што го очекува. Светот не разбира дека тоа така треба да биде. Светот ја исмева оваа љубов, а понекогаш заради неа ве става на срамен столб. | “ |
Судењето завршило со тоа што поротата не можела да донесе пресуда и адвокатот на Вајлд на крајот успеал да договори кауција. Вајлд бил ослободен од Холовеј и побарал прибежиште во куќата на Ернест и Ада Леверсон, двајца негови добри пријатели. Пречесниот Стјуард Хедлем дал најголем дел од кауцијата чија вредност изнесувала 5000 фунти,[18] бидејќи не се согласувал со гнасното постапување со Вајлд од страна на печатот и судовите. Се вели дека Едвард Карсон побарал службата да му попушти на Вајлд. Неговото барање било одбиено. Доколку се увидело дека Круната отстапува тука, би се добил впечаток дека не постоеле исти правила за сите и би дошло до насилство.
Со последното судење претседавал судијата Сер Алфред Вилс. На 25 мај 1895 година, Вајлд бил прогласен за виновен за непристојно однесување и бил осуден на две години тешка принудна работа. Самиот судија ја опишал казната како „сосема несоодветна за ваков случај“, иако тоа била максималната казна за обвинението од Актот за изменување на кривичниот закон од 1885 година.[19] Неговата пресуда разлутила некои набљудувачи и еден од нив во едно објавено писмо прашал: „Зошто Круната не ги гони по судски пат сите момчиња во приватните и државните училишта или половината мажи во универзитетите?“[20]
Најпрво, Вајлд бил затворен во Пентовил, а потоа во затворот Вансворт во Лондон, за на крај во ноември да биде префрлен во затворот Рединг, околу 30 милји западно од Лондон. Во почетокот не му било дозволено да има дури ни хартија и пенкало, но подоцна управителот станал попријатен. Пратеникот на либералната партија и реформаторот, Ричард Б. Хелдејн, го штител Вајлд и помогнал да го префрлат и да му ја дозволат книжевната катарза што му била потребна. За време на неговиот престој во затвор, Вајлд му напишал писмо од 50.000 зборови на Даглас, што не било дозволено да му го испрати додека сè уште бил затвореник, но кое можел да го понесе со себе по отслужувањето на казната. При неговото ослободување, Вајлд му го дал ракописот на Рос, за кој не се знае со сигурност дали ги спровел упатствата на Вајлд да му испрати примерок на Даглас (кој подоцна негирал дека го добил). Во 1905 година (четири години по смртта на Вајлд), Рос објавил многу пречистена верзија од писмото (околу третина од него) со наслов „Де профундис“ (De Profundis). Во 1908 година малку ја проширил верзијата за изданието на собраните дела на Вајлд, а потоа му ја подарил на Британскиот музеј под услов да не биде објавена до 1960 година. Во 1949 година синот на Вајлд, Вивијан Холанд, повторно го објавил писмото заедно со деловите кои претходно биле испуштени, но потпирајќи се на погрешен ракопис кој Рос му го оставил во наследство. Првото целосно и точно издание на писмото се случило во 1962 година во „Писмата на Оскар Вајлд“ (The Letters of Oscar Wilde).
Затворот лошо делувал врз здравјето на Вајлд и по неговото ослободување на 19 мај 1897 година, своите три последни години ги поминал без скршена пара во доброволно прогонство од општеството и уметничките кругови. Се претставувал под псевдонимот Себастијан Мелмот, по познатиот „избоден“ Свети Себастијан и ѓаволскиот централен лик од готскиот роман „Мелмот скитникот“ од прадедото на Вајлд, Чарлс Роберт Матурин.
Меѓутоа, Вајлд не губел време и веднаш им се вратил на своите стари задоволства. Според Даглас, Рос „го одвлечкал [Вајлд] назад во хомосексуалните навики“, за време на летото од 1897 година, кое го поминале заедно во Берневал. По неговото ослободување, Вајлд ја напишал и познатата песна „Балада за затворот Ридинг“ (анг. The Ballad of Reading Gaol). Своите последни години Вајлд ги поминал во хотелот Алзас, сега познат како Хотелот (француски L'Hôtel), во Париз, каде се вели дека бил озлогласен и отворен за уживањето во задоволствата што му биле одречени во Британија. Повторно, според Даглас, „повторно беше близок со сите млади момчиња на булеварот. Никогаш не се обиде тоа да го скрие.“ Во едно писмо до Рос, Вајлд се жали: „Денес се збогував, со солзи и еден бакнеж, од убавото грчко момче... тоа најмилото момче со кое си ме запознал.“[21]
Само еден месец пред смртта, цитиран е како вели: „Со мојот тапет излеговме на двобој до смрт. Еден од нас мора да падне.“ Неговото расположение се менувало; Макс Бирбом раскажува како, неколку дена пред смртта на Вајлд, нивниот заеднички пријател Реџиналд „Реџи“ Тарнер го нашол Вајлд депресивен по еден кошмар. „Сонував како сум умрел и сум вечерал со смртта!“. Реџи Тарнер бил еден од ретките од неговиот стар круг на пријатели кој останал со Вајлд до самиот крај и бил крај неговата постела кога умрел.
Вајлд умрел од менингитис на 30 ноември 1900 година. Околу причината за менингитисот постојат различни мислења; Ричард Елман тврдел дека тој се должел на сифилис; Мерлим Холанд, внукот на Вајлд, верувал дека ова било недоразбирање и забележал дека менингитисот кај Вајлд бил предизвикан веројатно мастоидит; лекарите на Вајлд, д-р Пол Клејс и А'Корт Такер, известиле дека состојбата произлегла од старо гноење на десното уво и не алудирале на сифилис. Мнозинството од современите научници и доктори се согласни дека сифилисот не е причината за неговата смрт.[22]
На својата претсмртна постела, Вајлд бил примен во Римокатоличка црква и Роберт Рос, во неговото писмо до Мор Еди (од 14 декември 1900 година), наведува: „Тој беше свесен дека имаше луѓе во собата и ја крена раката кога го прашав дали разбра. Ни ги стисна рацете. Тогаш пратив да повикаат свештеник и по долго барање дојде отец Катбер Дин... кој веднаш појде со мене и изврши крштевање и миропомазание. – Оскар не можеше да се причести“.[23]
Вајлд бил закопан во гробницата на Бањо надвор од Париз, но подоцна бил преместен во гробницата Пер Лашез во Париз. Неговиот гроб во Пер Лашез бил изграден од вајарот Сер Јакоб Епстеин (Jacob Epstein), на молба на Робер Рос, кој побарал и мала преграда за своите посмртни останки. Во 1950 година, пепелта на Рос била пренесена во гробот. Епитафот е стих од „Баладата за затворот Ридинг“:
„ | А солзи на туѓинци ќе ја наполнат за него
Одамна скршената урна на сожалувањето, |
“ |
На надгробната плоча на Вајлд има бројни траги од кармин, направени од обожавателите. Модернистичкиот ангел издлабен како релјеф на гробот, првобитно имал и машки гениталии кои подоцна биле откршени и чувани како притискач за хартија од страна на чуварите на гробницата кои им ги оставале во наследство на своите наследници; денес не се знае каде се наоѓаат.[24] Летото, 2000 година, интередисциплинарниот уметник Леон Џонсон извршил четириесетминутна церемонија насловена Сеќавање на Вајлд.
Додека бил во колеџот „Магдален“, Вајлд станал особено познат по неговата улога во естетското и декадентското движење. Почнал да носи долга коса и отворено да ги исмева таканаречените „машки“ спортови, а започнал и да си ја украсува собата со пауни пердуви, кринови, сончогледи, син порцелан и со други декоративни предмети.
Легендите тврдат дека неговото однесување го чинело едно натопување во реката Шервел, а му била уништена и собата (која сè уште постои како студентско сместување во неговиот стар колеџ), но култот се раширил меѓу извесни делови на општеството до тој степен што безволното однесување, „пре-пренакитените“ костими и естетизмот станале препознатлив став. Весници како „Спрингфилд репабликан“ го коментирале однесувањето на Вајлд за време на неговата посета на Бостон за да одржи предавање за естетизмот, напомнувајќи дека неговото однесување било повеќе обид за озлогласеност отколку посветеност на убавината и естетизмот. Критичарите го нападнале и вајлдовиот начин на облекување, меѓу кои и Хигинсон кој во својот напис „Немажествена машкост“ (анг. Unmanly Manhood) пишувал за неговата општа загриженост дека вајлдовата женственост ќе влијае врз однесувањето на мажите и жените, а тврдел и дека неговата поезија „ги помрачува машките идеали [..така што..] под такво влијание мажите би станале женствени контиња.“ Хигинсон ги проучувал и врските помеѓу делата на Оскар Вајлд, неговата личност и хомосексуалност, а неговите дела и стил на живеење ги нарекол „неморални“.
Врз Вајлд значително влијаеле англиските писатели Џон Раскин и Волтер Патер, кои расправале за централното значење на уметноста во животот, аргумент украсен со силна филхеленска и хомоеротска конотација. Подоцна Вајлд иронично коментирал за потиснатите чувства на Патер: кога го известиле за смртта на човекот, одговорил, „Дали воопшто живеел“? Во „Сликата на Доријан Греј“, размислувајќи за гледиштето на Патер за уметноста, Вајлд напишал: „Сета уметност е сосем бескорисна“. Изјавата била наменета да се чита буквално, бидејќи била во духот на доктрината уметност заради уметност, создадена од филозофот Виктор Кузен, развиена од Теофил Готје и доведена до еминентност од страна на Џејмс Абот Мекнил Вислер. Во 1879 година, Вајлд започнал да предава естетски вредности во Лондон.
Естетското движење, претставено од правецот на Вилијам Морис и Данте Габриел Росети, имало трајно влијание врз англиската декоративна уметност. Како врвен естет во Британија, Вајлд станал една од највидните личности на своето време. Иако некогаш го исмевале поради нив, неговите парадокси и остроумни изреки се цитирале насекаде.
Естетизмот општо бил карикиран во оперетата „Трпение“ (анг. Patience) (1881) од Гилберт и Саливан. Оперетата „Трпение“ постигнала огромен успех во Њујорк, но не се знаело колку естетското движење навлегло во останатиот дел од Америка. Затоа Ричард Д’Ојли Карт го поканил Вајлд да одржи предавања на турнеја во Северна Америка. Д’Ојли Карт чувствувал дека оваа турнеја би го „трасирала успехот“ за турнејата на „Трпение“, осигурувајќи се дека публиката што купува влезници ќе биде свесна за една од шармантните личности на движењето. Ова било благовремено договорено, Вајлд пристигнал на 3 јануари со бродот SS Arizona. Се прочуло дека Вајлд му рекол на еден цариник „Немам што да пријавам, освен мојата генијалност“, иако не постои современ доказ за овој коментар.
За време на неговата турнеја во САД и Канада, Вајлд го растргнале бројни критичари — Восп, весник од Сан Франциско, објавил карикатура во која се исмејувал Вајлд и естетизмот — но, истовремено бил изненадувачки добро пречекан во едно збркано опкружување како рударското гратче Лидвил (анг. Leadville), Колорадо.[25] Кога се вратил во Обединетото Кралство, работел како критичар за весникот Пол Мол (анг. Pall Mall Gazette) во периодот меѓу 1887-1889 година. Потоа станал уредник на Воманс ворлд (анг. The Woman's World).
Во голем дел од својот живот Вајлд го бранел социјализмот, за кој тврдел дека „ќе биде корисен зашто доведува до индивидуализам“.[26] Исто така имал и силна слободоумна жичка како што се забележува во неговата песна „Сонет за слободата“, а подоцна кога ги прочитал делата на Петар Кропоткин — кого го опишал како „човек со душа на тој убав бел Христос што изгледа се појавува од Русија“[10] — се прогласил себеси за анархист.[27] Од политичка гледна точка, врз Вајлд влијаеле и Вилијам Морис и Џон Раскин.[28] Вајлд бил и пацифист и духовито одговарал дека „Кога слободата доаѓа со раце покриени во крв, тешко е да се ракувате со неа.“ Покрај неговиот првобитен политички текст, есејот „Душата на човекот под социјализам“ (анг. "The Soul of Man under Socialism"), Вајлд напишал неколку писма до Дејли кроникл, застапувајќи се за реформа во затворите и бил единствениот потписник на барањето на Џорџ Бернард Шо за помилување на уапсените анархисти (кои подоцна биле погубени) по Хајмаркетските немири во Чикаго во 1886 година.[29]
Во романот на Лејди Флоренс Дикси од 1890 година „Глоријана, или Револуцијата од 1900 година“, жените го добиваат правото на глас откако главниот лик, Глоријана, се претставува како маж за да биде избрана во Долниот дом. Машкиот лик кој таа го олицетворува јасно се заснова врз оној на Вајлд. Дикси била тетка на лорд Алфред Даглас.[30]
Својата прва песна, Вајлд ја објавил во 1875 година, а се работи за превод од грчки јазик. Во 1881 година ја објавил првата поетска збирка, со наслов „Песни“ (Poems), до која била продадени неколку изданија, но ниедно не било со поголем тираж од 200 примероци. Притоа, во Бостон било објавено и американското издание на оваа збирка. Во 1888 година била објавена збирката „Среќниот принц и други раскази“, а една година подоцна се појавиле „Сликата на Доријан Греј“ (во американското списание „Lippincott's Magazine) и „Критичарот како уметник“ во Nineteenth century. Во 1891 година, на Бродвеј била прикажана неговата драма „Војвотката од Падова“ (анонимно и под друг наслов), а истата година ги објавил „Душата на човекот и социјализмот“, „Сликата на Доријан Греј“ (како посебна книга) и една збирка раскази. Во 1892 година почнале подготовките за прикажување на драмите „Лепезата на Лејди Виндермер“ и „Саломе“ (која била забранета по пробата, а била објавена во 1893 година, во Париз). Во 1895 година, во Лондон и во Њујорк била прикажана драмата „Идеален сопруг“, а следната година, во Париз била прикажана „Саломе“ и се појавило ново издание на „Сликата на Доријан Греј“. Во 1897 година, во затворот, го напишал делото „Де профундис“, а по ослободувањето ја напишал и својата најпозната поема „Балада за самицата во Рединг“ која ја објавил една година подоцна. Во 1899 година била објавена драмата „Важно е да се биде Ернест“, а истата година се појавиле дури седум изданија на „Баладата за самицата во Рединг“.[6]
Поголемиот дел од писмата, ракописите и другите материјали на Вајлд што се однесуваат на неговиот литературен кружок се сместени во библиотеката „Вилијам Ендрјус Кларк Меморијал“.[31][32] Еден дел од писмата и ракописите на Вајлд можат да се најдат и во Британската библиотека, како и во јавни и приватни збирки низ Британија, САД и Франција.
(Датумите се датуми на премиерата, кои поблиску нè приближуваат до можниот датум на нивното создавање отколку датумите на издавање.)
Оскар Вајлд не бил многу плоден писател, но тој има големо значење за развојот на англиската книжевност, зашто неговиот опус претставува најцелосен одраз на англиската декадентна книжевност. Артизмот и естетското испитување на односите меѓу доброто и злото, без претерано морализирање, претставува појдовна точка во сите дела на Вајлд, а овие гледишта најдоследно се применети во „Сликата на Доријан Греј“.[33]
Многу композитори биле инспирирани од делата на Оскар Вајлд. Меѓу нив се вбројуваат: Сер Гренвил Банток, Марио Кастелнуово-Тедеско, Сер Питер Максвел Дејвис, Александар Глазунов, Жак Ибер, Антоан Мариот, Франц Шрекер, Рихард Штраус, Александар фон Землински – како и, посредно, Сергеј Прокофјев.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.