Мраморец

село во Општина Дебрца From Wikipedia, the free encyclopedia

Мраморецmap
Remove ads

Мраморец — село во Општина Дебрца, оддалечено околу 9 км од патот Кичево - Охрид.

Кратки факти
Remove ads
Remove ads

Географија и местоположба

Thumb
Реката Турјанка низ Мраморец

Мраморец се наоѓа во областа Горна Дебрца, сместено на падините на Илинска Планина, на надморска височина од 1030 метри.[2] Мраморец граничи со охридските села Сливово, Турје, Арбиново и Слатино, како и со кичевското село Белица. Селото е сместено во клисурата на малата река Турјанка. До него води асфалтен пат и е оддалечено 9 километри од магистралниот пат Охрид-Скопје, 36 километри јужно од Кичево и 44 километри северно од Охрид. Атарот на селото зафаќа простор од 18,6 км2, а во него преовладуваат шумите (1.045 ха), обработливото земјиште зафаќа 589 ха, а на пасиштата отпаѓаат 50 ха.[2]

Remove ads

Историја

Thumb
Типична архитектура во Мраморец

Мраморец е старо село, со богато историско наследство: така, во неговата близина се наоѓаат остатоци од доцноантичка населба (во месноста Граишта/Кутлиње), доцноантичка топилница (во месноста Рупи), како и средновековна некропола (во месноста Мрамор). Селото за првпат се споменува во турскиот попис на населението во Охридскиот Санџак од 1582 г., и тоа под името Мраморче. Во тоа време, селото имало 11 христијански семејства и 3 самци, т.е. вкупно 58 жители.[3] Постојат повеќе (непотврдени) верзии за настанувањето на селото: според една, него го создале избегани жители од месноста Закамен, според друга, тоа настанало од избеганите жители на селото Белче (кое се наоѓало на оддалеченост од неколку километри), а според трета, создадено е од доселеници од Прилепско. Веќе во XIX. век, Мраморец било прилично големо и развиено село. Така, според француски извори, во 1873 г., селото имало 50 домаќинства, со 135 машки жители.[4] Австрискиот конзул Крал во 1898 г., во статистичкиот преглед испратен до Виена, наведува дека селото имало 444 жители.[5] Во 1900 г., во Мраморец живееле 500 жители[6], а слични се и податоците од 1905 г., според кои селото броело 536 жители.[7]

Пред и за време на Илинденското востание, селото дало активен придонес во борбите против турската војска. Така, на 25 мај 1902 г., војводите Ташко Арсов и Никола Петров Русински дејствувале во селото, каде што го убиле селскиот полјак - Шабан од Песочан.[8] Во март 1903 г., во околината на селото (во месноста Опаленик) дејствувале комитски чети, кои учествувале во познатата Издеглавска афера, при што на 17 и 18 март 1903 г., турската војска ги опседнала сите села во Горна Дебрца.[9] За време на оваа афера, 14 жители на селото биле осудени на робија во Дијар Бекир, Мала Азија и од нив само четворица се вратиле назад - Симјан, Јове, Мицко и Војдан.[10]

За време на Илинденското востание постоела мраморечка чета под команда на војводата Смиле Војданов, а во околината на селото дејствувале неколку комитски чети, кои на 2 август 1903 г. го нападнале селото Издеглавје.[11][12] Во текот на август, во околината на Мраморец се воделе големи битки меѓу комитските чети и турската војска, а во знак на одмазда, на 15 септември 1903 г., турската војска го запалила селото и изгореле сите 84 куќи во селото, при што убиле 14 жители на селото: Спасе Василев, Хр. Матев, Трајче Димитров, Голаб Максимов, Ст. Тасев, Гркинка Сотирова, Крстаница Стојчева, Кофил Павлев, Јанаќија Николова, Стојан Иванов, Здраве Христов, Настов, Стојан Матев и Серафим Крстев.

За тоа време, жителите на селото се криеле во шумите околу селото, а на 25 септември 1903 г. била објавена амнестија, по што селаните повторно се вратиле во своите домови. По објавената амнестија, на 28 септември 1903 г., комитите започнале да го собираат оружјето, кое се закопувало во тајни складишта во буките меѓу селата Мраморец и Белица, при што во селото биле собрани 52 пушки. Во април 1905 г., по наредба на Христо Узунов, војводата Ташко Арсов се вратил во Мраморец, каде со помош на селаните го откопале складот со оружјето и муницијата.[13]

Во текот на балканските војни мраморчани биле мобилизирани во редовите на бугарската војска, при што 22 жители на селото зеле учество во редовите на Македонско-одринските доброволни чети, и тоа: Ѓенко Андонов, Стојан Андреев, Спасе Божинов, Марко Велев, Мицко Велев, Костадин Гаврилов, Сиљан Ѓоргиев, Михаил Грозданов, Никола Дамјанов, Иван Дериволов, Стефан Димитров, Матеј , Миле Настев, Стојан Настов, Ѓорги Недев, Никодим, Григор Николов, Димитар Сиљанов, Божин Спасов, Крсте Стојанов, Цветко Стојанов и Трајко Јаков.[14]

Thumb
Запаленото село Мраморец од страна на балистите, 1943 година.
Thumb
Споменик на НОБ во Мраморец.

Во Втората светска војна, селото бил зафатено од борбените дејствија, при што двапати било запалено до темел од балистите. Исто така, селото дало неколку партизани, а во спомен на 13 селани кои загинале во текот на 1943 и 1944 г., на 2 август 1969 година, во близина на селската црква е подигнат споменик.

Потекло и значење на името

Мраморец своето име го добило по местото Мрамор.[15]. Зборот мрамор е синоним на мермер.

Remove ads

Стопанство

Thumb
Традиционална архитектура во Мраморец

Имајќи предвид дека Мраморец е типично планинско село, во минатото неговите жители се занимавале претежно со сточарство, одгледувајќи ситен добиток (овци и кози). Така, според некои кажувања, во златните години на селото (пред Втората светска војна), во него имало неколку илјади грла ситен добиток. Исто така, на планинските падини, селаните саделе житни култури (овес, ‘рж, леќа итн.), како и грашести растенија. За своите потреби, селаните произведувале млечни производи, волна, коноп итн. Благодарение на многуте извори и потоци, селото имало дваесет воденици.

Дури до средината на 1960-тите години, селаните живееле во автархични, натурални стопанства, задоволувајќи ги речиси сите свои потреби од сопствено производство. Најчесто, селаните оделе на пазар во Кичево, а поретко во Охрид и Струга. Помеѓу двете светски војни, голем дел од жителите оделе на печалба во Белград, во Софија, во Аргентина и во САД.

Наспроти сиромаштијата и големата заостанатост, Мраморец се одликува со тоа што е второто село во Дебрца (по Песочани) што добило струја. Имено, уште во 1956/7 г., селото имало мини-хидроцентрала, раководена од рускиот инженер Ервин Петрович, која со помош на една малечка турбина произведувала доволно струја за осветлување на домовите. Истата година, во селото била изградена и пилана, во која што биле вработени 20-25 селани, кои произведувале коцки за поплочување, паркет, бочви, штички за гајби итн. Пиланата работела до 1966 година.

Thumb
Пиланата во Мраморец

Население

Повеќе информации Година, Нас. ...

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мраморец живееле 500 жители, сите Македонци.[16] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мраморец имало 536 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[17]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Мраморец е претставен како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 65 куќи.[18]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[19]

Според пописот од 2002 година во селото Мраморец живеат само 8 жители, сите Македонци .[20]

Во денешно време во селото живеат само две жени.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Повеќе информации Година ...
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[21]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[22]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[23]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[24]

Родови

Мраморец е македонско село. Според истражувањата од 1948 година, родови во селото биле:[15]

  • Староседелци: Сите староседелци биле од старото село Белче кое денес не постои.
    • Перовци или Поповци (4 к.);
    • Милошевци (13 к.);
    • Николовци (4 к.);
    • Јанчевци (6 к.);
    • Коломановци или Костадиновци (2 к.);
    • Настовци (5 к.);
    • Пејчиновци со Банчевци и Митревци (23 к.). По пропаста на старото село Белче, Пејчин се иселил во кичевското село Туин, а потоа некој предок се вратил назад;
    • Нејковци (2 к.). Нејко избегал во Туин заедно со Пејчин, па потоа некој предок од овој род се вратил назад во селото.
  • Доселеници:
    • Севдовци или Младеновци (14 к.). Околу 1846 година, браќата Наум и Ристе се доселиле од селото Лешани. Овој род таму бил доселен од селото Белица во Кичевско, а во Белица од околината на Параќин во Србија;
    • Матевци (18 к.) и Пејовци (10 к.) потекнуваат од ист предок. Тие се доселени во Мраморец околу 1850 година од раселениот град Закамен во струшка Малесија (иако жителите на овие родови не знаат каде се наоѓа точно Закамен, па викаат „одовде или одонде Дрим“);
    • Недевци (11 к.) кои се доселени околу 1878 година од раселеното село Тројани близу Охрид.

Според истражувањата од 1979 година, родови во селото биле:[25]

  • Доселеници:
    • Милошевци (3 к.) и Пејчиновци (5 к.) потекнуваат од ист предок. Доселени се од селото Туин во Кичевско. Во Милошевци го знаат следното родословие: Вељан (жив на 62 г. во 1979 година) Деспот-Стојан-Симун-Деспот-Милош, основачот на родот кој се доселил околу 1800 година;
    • Миајлевци (2 к.). Основачот на родот бил некој свештеник. Тие имаат исто потекло како и претходните два рода, а тоа е селото Туин во Кичевско;
    • Тутунари (1 к.) се доселени од некое село во Железник. Во овој род постоел предокот Марко Тутунар кој бил селски кмет и така ја присвоил најубавата земја во селото, но подоцна родот осиромашил;
    • Матевци (8 к.) доселени се од запад, (од преку Дрим), а оттаму потекнувал и родот Србиновци кој подоцна се иселил. Најверојатно се од раселениот град Закамен во струшка Малесија;
    • Пејовци (6 к.), исто така, се доселени од запад, од истото место како и Матевци;
    • Младеновци (3 к.) се доселени од околината на Параќин во Србија. Родот потекнува од предок кој бил заробен во некое востанието во 1813 година и бил донесен од османлиската војска во селото.

Иселеништво

Со сигурност може да се каже дека иселувањето од селото започнало од XIX век. Постари иселеници од селото има во Бугарија (преку 15 семејства), во градовите Софија, Варна, Разград, Видин, и др. Потоа иселеници имало во Аргентина, САД.[15]

Помеѓу двете светски војни покрај погоре споменатите места, иселување имало и во Кичево, Струга, Демир Хисар, Битола и во Логоварди (Анаќијевци и Апостоловци).[15][25]

Сепак најсилен бран на иселување има по Втората светска војна, кога мраморчани почнале да се иселуваат во Скопје (околу 100 семејства), во Охрид (околу 40 семејства), во Битола (околу 30 семејства), во Струга (околу 25 семејства), Кичево (околу 10 семејства), Белград (околу 10 семејства), Австралија, Канада и др места.[25][26] Пресудна улога во иселувањето на жителите имало укинувањето на железничката пруга.

Remove ads

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Дебрца, создадена во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Претходно, во периодот 1996-2004 селото било дел од Општина Белчишта; од 1965 од 1996, селото било во рамките на Општина Охрид; од 1952-1955 година, селото било дел од Општина Сливово (заедно со Врбјани, Годивје, Лактиње, Арбиново, Сливово и Турје); во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во рамките на Општина Сливово, заедно со селата Арбиново, Сливово и Турје.

Инаку, една улица во скопската населба Влае 2 (дел од општината Карпош) го носи името „Мраморец“.

Избирачко место

Според Државната изборна комисија, во селото Мраморец постои избирачкото место бр. 1330, сместено во просториите на приватен објект.[27][28] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2 гласачи, додека на претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 4 гласачи.[29]

Remove ads

Општествени установи

Thumb
Училиштето во Мраморец

Во Мраморец, уште во 1905 г., постоело бугарско егзархиско основно училиште, во кое учеле 36 ученици.[7] Исто така, меѓу двете светски војни, во селото имало мало училиште, во кое учениците учеле до четврто одделение. По Втората светска војна, во 1948/9 г. е изградено ново училиште, кое работело до почетокот на 1978 г. Денес, во близина на селото, на надморска височина од 1 145 метри, има РТВ предавател.

Remove ads

Култура и спорт

За време на прославата на празникот Илинден, на 2 август 2008 г., во селото се одржала поетската манифестација Родословни извори, со учество на неколку познати македонски поети. Во рамките на поетското читање беше доделено признанието Почесна водарка.

Културни и природни знаменитости

Thumb
Црквата Св. Никола во Мраморец
Thumb
Старата црквичка во Мраморец
Thumb
Црквата Св. Никола во месноста Белче покрај Мраморец

Во источниот дел на Мраморец се наоѓа селската црква „Св. Никола“, која се градела од 1846 до 1886 г., а целосно е завршена во 1909 г. Црквата е со големи димензии, изградена е од кршен и делкан камен, со седумстрана апсида на исток (целата од бигор), со слепи аркади на местото каде што се наоѓала една мала постара црквичка чија старост не е утврдена. До летото 2011 година, црквата се одликувала со сиромашен фрескопис и иконопис, но тогаш, таа била целосно насликана со фрески. Автор на фреските е битолскиот уметник Стефан Малбашиќ, а црквата биле преосветена на 16 септември 2012 година. Според каноните на светата православна црква, храмот бил преосветен на света архијерејска литургија, на која чиноначалствувал Неговото Високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протојерејот Игор Никовски и свештеникот Душан Јорданоски.[30] Исто така, во црквата се наоѓа владички престол и амвон, изработен во резба во 1861 г., од страна на Јаким Тодоров од селото Гари, од познатиот копаничарски род Огњановци. Југоисточно од апсидниот дел на црквата, на само два метри се наоѓаат остатоци од истоимена постара црквичка, градена од камен, со полукружна апсида. Во црквичката може да се забележат неколку стари, но потполно уништени, икони.[31]

На неколку километри пред селото, во месноста Белче, постои мала црквичка (изградена во 1982 г.), која исто така се вика Св. Никола, подигната на темелите на црква од првата половина на XVII век. Веднаш до црквичката се наоѓаат остатоци од стари надгробни споменици.

Во непосредна близина на селската црква се наоѓа едноставен споменик на 13 жители кои загинале во Втората светска војна.

Во однос на природните одлики, селото се наоѓа опкружено со планини и непрегледна дабова и букова шума (во повисоките предели), со безброј благи планински ливади и многу извори и поточиња. Попознати места во околината на селото се: Белче, Волчоречиште, Гина Падина, Граишта, Друмон, Јаор, Јачмишта, Крушине, Кутлиње, Лештишта, Мрамор, Нишалка, Опаленик, Острец, Плевење, Попов Клајнец, Присој, Рамнигос, Рамништа, Сама Бука, Селиште, Скакало, Старцине, Темни Дол, Утогла, Црвени Клајнци, итн.

Археолошки наоѓалишта

Во близина на селото се познати три археолошки наоѓалишта:[32]

Remove ads

Редовни настани

Традиционална селска слава во Мраморец е празникот Св. Никола летен, кој се празнува на 2 јуни, на денот на Св. Маченик Талалеј. Исто така, во селото се славеле и големите христијански празници - Св. Никола и Водици. Најпосле, секоја година, селото го слави и националниот празник Илинден.

Личности

Remove ads

Мраморец како мотив во уметноста

  • „Последното момче од Мраморец“ - песна на македонскиот поет Наум Целакоски.[39]

Поврзано

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads