Кочани
град во Општина Кочани From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Кочани — град во источниот дел на Република Македонија со 24.632 жители, седиште на истоимената општина. Градот лежи во Кочанското Поле и е познат по кочанскиот ориз и геотермалната вода.
Remove ads
Географија
Местоположба


Кочани е сместен на северната страна од Кочанска Котлина, на местото каде што Кочанска Река ја напушта Осоговијата и ја проширува својата долина. Сместен е на двата брега на реката, од исток заграден со Доклевски Рид (450 м.) и од запад со Локобија и Алењак (524 м.). Спрема југ е отворен и нема граница, бидејќи на таа страна е Кочанско Поле, додека на север е долгата и тесна клисура која постепено се затвора. Градот има јужна поставеност во однос на 2252 метри високите Осоговски Планини, а 8 км јужно од Кочани плодното Кочанско Поле завршува и почнува планината Плачковица. Кочани лежи на 350 до 450 метри надморска височина. Во близина на Кочани е познатото зимско туристичко средиште Пониква до кој води асфалтиран пат во одлична состојба, долг околу 20 км. Градот Кочани се наоѓа на 120 км оддалеченост од главниот град Скопје.
Кочани лежи на географска широчина од 41 степен и 55 минути (што значи дека е понајуг од Скопје), а на географска должина од 22 степени и 25 минути источно од Гринич.
Сообраќајна поврзаност

Низ градот поминува магистралната сообраќајница M-5 која тргнува од Охрид, и преку Битола, Прилеп и Велес (70 км) се поврзува со Штип (30 км), а преку неа излегува на автопатот Е-75 (Скопје-Гевгелија), односно со оваа сообраќајница Кочани е поврзан со Централна и Западна Македонија. На исток овој патен правец продолжува кон Македонска Каменица (30 км), Делчево (55 км) и граничниот премин со Република Бугарија (65 км), односно Благоевград. На југоисток, кон Виница (10 км) води квалитетен пат чија траса продолжува кон Берово (60 км) На север, кон Осогово, од Кочани водат три патни правци; едниот по долината на Кочанска Река, до вештачкото езеро Гратче (6 км), а потоа по планински пат преку Јастребник до месноста Лопен; вториот преку селото Бели води до Пониква и понатаму по земјен пат до истата месност, од каде двата патни правца продолжуваат до Крива Паланка; третиот правец води преку Припор и Речани до подножјето на Царев Врв. На северозапад Кочани е поврзан со Пробиштип (36 км) и Кратово (48 км).
Исто така, во 1926 година, до Кочани е изградена железничка пруга која го поврзува со Штип, Велес и Скопје.
Во близина на врвот Пониква на Осогово, како проширување на самиот асфалтен пат, во средината на 70-те години е изградена и полетно-слетна патека во должина од околу 1.200 метри, чија првична намена била планирана за воени цели.
Населби и маала


Градот Кочани е поделено на повеќе населби и маала, кои освен по името, меѓусебно се разликуваат по својата местоположба, старост и урбанизиран развој. Меѓу населението познати се со следниве имиња:
- 14. Бригада
- Доклевец[1]
- Бавчалук
- Бејрут
- Белско Маало
- Филтер
- Калиманова Глава
- Крушарско Маало[2]
- Недопирливите
- Сиви Дом
- Стришани
- Текешински Лозја
- Турско Маало
- Усова Чешма
- Циганско Маало
- Драчевик
- Трајаново Трло
Клима
Климата во Кочани во голема мера зависи од положбата на градот, како и од конфигурацијата на теренот. Таа се одликува со релативно високи температури и малку врнежи. Просечната годишна температура изнесува околу 13,5о С, што значи дека е иста со онаа во Струмица, а повисока од онаа во Скопје или Прилеп. Годишната температурна разлика во Кочани е доста голема и таа изнесува 22,4о С. Се јавуваат крајно високи и ниски температури. Така на 22 август 1952 година, е забележана температура од 56,5 Целзиусови степени, а на 26 јануари 1963 година, живата во топломерот се спуштила на - 35,6 оС.[3]
Природни ресурси
Кочанската Котлина е најголем термален басен на води со високи температури на Балканскиот Полуостров. Во него досега се направени 18 дупнатини од кои 14 се самоизливни, а водоносните хоризонти се јавуваат на длабочина од 86 до 1096 метри, со штедрост од 2,2 до 350 л/сек и температура од 50 до 80о С.
Термални изворишта се јавуваат кај селата Долни Подлог и Бања, при што кај Долни Подлог се користат две дупнатини длабоки 35 и 460 метри, со штедрост од 300 л/сек и просечна температура од 78о С. Во селото Бања има самоизливни термални води со штедрост од 30 л/сек и температура од 63о С.[4]
Remove ads
Легенда за потеклото на името
Многу одамна, на печалба во Кина бил еден човек по име Кочо. Работел што работел, по долги години решил да се врати во родниот крај. Бидејќи во Кина оризот бил основна храна, на заминување решил со себе да понесе и ориз со надеж дека оваа земјоделска култура ќе успее во неговиот крај. Со себе понел мала количина од ова бело злато со цел лесно и без проблеми да го пренесе од царство во царство. При влегувањето во царството во кое се наоѓало и неговото родно место наишол на проблеми: оризот бил забранет за внесување во каков било облик. Сепак, Кочо не сакал да се откаже од намерата да го внесе оризот. Се мислел и на крајот се сетил. Дознал дека гуските како трговска стока не биле забранети за внесување. Купил гуски, им го дал оризот да го изедат, а потоа ги заклал. По влегувањето ги очистил и од нив го извадил оризот. Така Кочо го пренел оризот од Кина, започнал да го произведува, со што му дал нов белег и култура на овој крај, а според неговото име, местото каде што започнал да се одгледува оризот – го добило името Кочани.[5]
Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ издадена во 1896 година, запишал едно друго предание и легенда за настанокот и потеклото на името на градот Кочани. Имено, градот Кочани некогаш бил погоре по реката на местото на село Гратче, а местото на сегашното Кочани било блато и по него паселе цели стада свињи.[6] Тука биле „кочините“ (места во кои ги затвораат свињите) на граѓаните од кое што и новооснованиот град бил наречен Кочани.[6] Во некој бој, жителите на градот биле исклани и се пролеала толку крв што од неа се образувала бразда во која се удавил еден јунец.[6] После битката, градот бил преместен кај кочините и бил наречен Кочани.[6]
Remove ads
Историја
Антика
Како и за други населби во Македонија, и за Кочани со сигурност не може да се тврди кога е основано. Според преданијата, раширени меѓу населението, Кочани настанало од населбата што се наоѓала северно од денешната местоположба, во долината на Кочанска Река. Траги од таа населба (остатоци од висок бедем, античка и средновековна римска керамика, питоси и сл.) се пронајдени на наоѓалиштето Долно Градиште во реонот на селото Долно Гратче. Во извесен период жителите на населбата се повлекле кон рамнината и го населиле просторот на денешното Кочани. Во градот и неговата околина се откриени повеќе наоѓалишта од железното време, меѓу кои извесни истражувања се вршени на наоѓалиштата Текешински Лозја, Барутница и Алењак. Исто така, направени се сондажните истражувања на наоѓалиштето Лукобија каде е откриена некропола од римскиот период, односно II-III век, во која се пронајдени предмети од керамика и друг движен материјал, како и остатоци од бедем што упатува на постоење на тврдина или заштитен бедем на некој град или пак населено место.
Археолошкиот материјал, откриен на левиот брег на Кочанска Река во реонот на денешниот град, укажува дека овој простор бил населен уште во најстари времиња. Тоа води кон заклучок дека ова населено место израснало од некогашната станица Транупара, која според Појтингерова табла (Tabula Peutingeriana - карта на Римската Империја и пошироко од IV век) се наоѓала на околу 30 милји од градот Астибо.
Среден век


За првпат во пишан документ, Кочани (изворно: Кочъни) e спомеnato во 1377 година во една грамота, во која деспотот Јован Оливер му ја доделил црквата „Св. Димитрија“ на градот. Ако се искористат податоците што ги нуди грамотата на Јован Оливер, може да се утврди дека Кочани, како населба под тоа име, постоело многу порано од 1337 година бидејќи тој не ја подигнал црквата. Таа постоела и имала поголем неподвижен имот во кој спаѓало и селото Јастребница (денешно Јастребник). По Јован Оливер, овде завладеал феудалецот Константин Дејанов, а потоа градот потпаднал под бласта на Османлиите.
Според пишувањата на османлискиот патописец Евлија Челебија, на пописот од 1519 година, Кочани било село со едно муслиманско и 54 христијански семејства и 12 неженети христијани.[7] Состојбата воглавно не се изменила ни во наредните децении. Во пописот од 1573 година е забележано дека сè уште преовладувало христијанското население (50 семејства и 50 неженети), бидејќи и во таа година само едно семејство било муслиманско.[8] Како населено место, Кочани плаќало пазарна такса која во истата година изнесувала 2.201 акчиња (османлиска валута од тоа време).[9] Интересно е дека едно од двете кочански маала во тој период го носело името Самоков, веројатно по самоковот кој тука работел и на феудалецот му носел годишна рента од 60 акчиња. Според Челебија, во 1660 година, Кочани брои 600 куќи, покриени со трска и ќерамиди и мала чаршија, составена од 15 дуќани. Имало една џамија, месџит, мала управна зграда (уќумат)...Во касабата повеќе живеело христијанско население, а муслимански куќи, имало само десет. Куќите на познатите браќа Ќазим-бег и Мехмед-бег биле вистински дворци кои служеле како конаци за патниците.[10] Во тој период во Кочани живееле околу 3.000 жители, исто колку и Куманово, на пример. Од овој период потекнуваат и двете, постојни, средновековни кули во градот, од кои едната е обновена и во неа се наоѓа мала музејска збирка. Според едно предание од 1870 година, Кочани и неговата околина се зафатени од чума. По оваа епидемија, населението во градот двојно се намалил, па во градот останале само 300 куќи. Во тоа време, од страна на османлиските власти биле колонизирани поголем број муслимански семејства од Мала Азија. Новодојдените жители од Ориентот главно го населиле средниот дел од градот, во којшто претходно имало изградено џамија, додека македонското христијанско население живеело во јужниот дел од населбата. Во почетокот на 19 век во градот се забележува извесен напредок во поглед на просветата и културата. Затоа, многу рано, уште во 1816 година во Кочани се споменува училиште во кое учителствувал јеромонахот Антоние.[10]
Кон крајот на XIX век, поточно во 1878 година, во градот се доселиле маџири (доселеници) од Русија и Бугарија и Власи од Крушево. Овие доселеници образувале свои маала, Маџир Маало кое се простирало североисточно од месноста наречена „Лукобија“, како и Влашко Маало, кое во тоа време имало 35 куќи.[10]
XX век

Во областа на политиката активно учествувале и жителите на тогашната Општина Кочани, која се наоѓала во состав на Кралството СХС. Така, на изборите за тогашното Уставотворно собрание што биле одржани на 28 ноември 1920 година, е регистрирано дека во Кочани имало вкупно 930 избирачи, а во целата Кочанска Околија нивниот број изнесувал 5.678. На изборите во 1927 година, бројот на избирачите се зголемил на 1.173, а во 1935 година на 1.387 лица.
Во однос на занаетчиството, забележано е дека во 1918 година во Кочани имало вкупно 140 занаетчии, во 1934 година нивниот број изнесувал 215, а до почетокот на Втората светска војна имало 369 занаетчиски дуќани.[3]
Статистичките податоци од 1965 година, говорат за зголемување на бројот на жителите на околу 13.000, а денеска Кочани е општинско и регионално средиште со околу 30.000 жители.
XXI век
Најмалку 59 луѓе загинале, а над 196 биле повредени откако избувнал пожар во ноќниот клуб „Пулс“ за време на концерт на 16 март 2025 година.
Remove ads
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кочани живееле 5.950 жители, од кои 2.800 Македонци, 2.600 Турци и 360 Роми, 150 Власи и 40 Албанци.[11]
Во првиот организиран попис на ФНР Југославија од 1948 година, во Кочанскиот Срез имало 41.298 жители, од кои 6.657 во градот Кочани, 2.568 во Виница, а 32.073 во селата (Кочанско Поле, Осоговија). Од етнички аспект, населението го сочинувале 33.171 (80,3 %) Македонци, 6.053 (14,6 %) Турци, 680 (1.64 %) Роми, 117 Срби и 1.277 останати.[12]
Според Пописот на населението од 2002 година, во градот имало 28.330 жители и спаѓал во групата на средни градови.[13]
Според пописот на населението од 2021 година регистрирано е опаѓање за околу 13 отсто на бројот во однос на претходните официјални податоци, односно Кочани има 24.632 жители.[14]
Приградската населба Оризари, која во службените пописи се води како посебно населено место, веќе е споена со градот и заедно со неа, Кочани има 27.369 жители.[15]
Следува табела на народносната структура на населението (без Оризари)[16]
Народност | Вкупно |
Македонци | 20 229 |
Турци | 138 |
Роми | 1 892 |
Албанци | 12 |
Власи | 169 |
Срби | 36 |
Бошњаци | 11 |
Други | 116 |
Не се изјасниле или непознато | 2 |
Податоци преземени од административни извори | 2 027 |
- Јазик
Во градот се зборуваат следниве јазици[14]:
- Вероисповед
Во Кочани се застапени следните религиски групи[14]:
Низ годините, ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Кочани:
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од службените пописи во соодветните години
![]() |
|
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Населението во Кочани зборува на штипско-кочанскиот дијалект, како дел од источната група на источното и јужното наречје на македонските дијалекти.
Remove ads
Стопанство

Според податоците од Државниот завод за статистика во 2007 година во Кочани имало вкупно 4.859 поединечни земјоделски стопанства со вкупна расположлива површина на земјиштето од 6.137 ха. Од оваа површина под жито засеани биле 3.086 ха, под зеленчук 451 ха, под фуражни култури 177 и под индустриски култури 29 ха.[17]. Уште од дамнешни времиња, Кочани и Кочанско се надалеку познати во Македонија и на Балканот како област - најголем производител на ориз.
Во 2008 година пак, имало 558 трговски објекти на мало и 77 угостителски објекти.[18][19]. Познати индустриски капацитети во Кочани се: фабриката за делови во автоиндустријата „Руен“, печатницата „Европа-92“ и од поново време странските инвестиции „Амфенол“, „Антура“ и „Геерлофс“.
Remove ads
Образование

Основното образование во Кочани е изведувано во четири основни училишта: „Никола Карев“, „Св. Кирил и Методиј“, „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“) и едно во населбата Оризари („Крсте Петков Мисирков“). Средното образование е застапено во двете средни училишта: гимназијата „Љупчо Сантов“ (каде има и економски паралелки), електро-машинското училиште „Ѓошо Викентиев“. Од 1956 година, работи и основното музичко училиште „Ристо Јуруков“.
Од јуни 1941 година во Кочани работи и библиотеката “Искра“, што ги опслужува граѓаните од општината и регионот.
Remove ads
Култура

Кочани е домаќин на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), културна манифестација од национален карактер што е одржувана еднаш годишно, во последната седмица на мај, и на која настапуваат најдобрите аматерски драмски ансамбли од Македонија. Исто така, значајна е културната манифестација „Денови на оризот“, посветени на кочанското „бело злато“, исполнета со низа свечености и празнувања на почетокот на жетвата на оризот во кочанскиот регион, како и манифестацијата „Петровденски конаци“,[20] поврзана со одбележувањето на празникот на градот - Петровден.
Книжевниот клуб „Копнеж“, што работи во рамките на Библиотеката „Искра“, е носител на две културни манифестации: Детскиот поетски фестивал „Мајски цвет“ (од национален карактер) и Месец на книгата.
Remove ads
Спорт
Во Кочани постојат, или постоеле, следните спортски екипи:
|
|
Remove ads
Природни и културни знаменитости
Верски градби
Во Кочани има повеќе верски градби:[24]
- Црква „Св. вмч. Георгиј“ - изградена во 1917 година;
- Црква „Покров на Пресвета Богородица“ - камен-темелникот е поставен на 9 декември 1994 година, а осветена е на 24 октомври 1998 година. Се користи како крстилница;
- Црква „Св. Благовештение“ - камен-темелникот е поставен на 11 октомври 2009 година. Се наоѓа во населбата Драчевиќ;
- Црква „Св. Преображение“ - камен-темелник поставен во 2006 година. Се наоѓа во населбата Усова Чешма;
- Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ - се наоѓа во кругот на фабриката „Ледер“;[25]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ - манастирска црква во Кочански Дол;
- Црква „Св. Петка“ - манастирска црква во Кочански Дол;
- Црква „Св. Јован Богослов“ - манастирска црква во Кочански Дол;[26]
- Црква „Св. Петка“ - црква-параклис пред фабриката Амфенол;
- Параклис „Св. Димитриј“ - параклис во Трајаново Трло;
- Црква „Св. Јован Крстител“ - црква-параклис во близина на главната Пошта - осветен на 19 јануари 2025 г.;
- Евангелско-методистичка црква;
- Џамија Дуди Ханум
Археолошки наоѓалишта
Ова е табела на археолошките наоѓалишта во Кочани, подредени по азбучен ред:[27]
Збратимени градови
Во изминатите години Кочани, поточно Општина Кочани, е збратимен со следните градови:
Личности
Remove ads
Фотогалерија
- Кочани навечер
- Средиштето на Кочани
- Средиштето на Кочани
- Средиштето на Кочани
- Средиштето во Кочани
- Кочани ноќе
- Источниот дел на Кочани
- Југозападниот дел на Кочани
- Средишниот дел на Кочани
- Средишниот дел на Кочани
- Средишниот и југозападниот дел на Кочани
- Северниот дел на Кочани
- Северниот дел на Кочани
- Северниот дел на Кочани
- Признание за квалитет на ориз - Брисел
- Ориз - клас
- Оризови полиња
- Разгледница од Кочани од 1930-те години
- Домот на култура „Бели Мугри“ во Кочани
- Споменик на Никола Карев во градскиот парк
- Кочанско оро
- Полициска станица Кочани
- Полициска станица Кочани
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads