Општина Валандово

општина во Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia

Remove ads

Општина Валандовоопштина во југоисточна Македонија. Седиште на општината е градот Валандово.

Кратки факти Општина Валандово, Држава ...
Remove ads

Географија

Местоположба

Thumb
Карта на Општина Валандово со селските атари.

Општина Валандово се наоѓа на југоисточниот дел на Република Македонија, распространет на југ од Демиркаписката Клисура, источно од реката Вардар и на запад и север од планинските огранки на Плавуш и Беласица. На север, Општина Валандово се граничи со Општина Конче, на исток со Општина Струмица, на југоисток со Општина Дојран и Општина Богданци, а на запад со Општина Гевгелија. Оттука, Општина Валандово се наоѓа на патиштата кои водат кон Струмица и Дојран, а низ територијата на општината минува Автопатот Е-75. Општината е оддалечена 26 километри од граничниот премин „Дојран“, и 30 километри од граничниот премин „Богородица“, како и 48 километри од граничниот премин „Ново Село“. Територијата на општината Валандово се протега на 331 квадратни километри.

Релјеф

Според релјефот, Општина Валандово се дели на два дела: ридско-планински и рамничарски. Првиот зафаќа 208 квадратни километри (63% од територијата), и тоа: целата северна страна оградена со планината Плавуш, источната страна кон планината Беласица и јужната страна кон Погана. Рамничарскиот дел зафаќа 123 квадратни километри (37 %) и се протега од изворот на Анска Река, на подножјето на Беласица, по целиот нејзин тек, сè до нејзиното влевање во Вардар. Просечната надморска височина на општината изнесува 226 метри, а на валандовското поле 82 метри, со што Општина Валандово е една од најниските општини во Македонија.[2]

Хидрографија

По средишниот дел на Валандовската котлина се протега Анска Река, која претставува продолжение на Башибоска Река. Во јужната страна на општината тече реката Студена Вода, а на северната страна тече реката Мичковица, при што двете реки ги прифаќаат подземните води од јужниот и северниот масив. Студена Вода се влева во Анска Река кај месноста Страиште, а Мичковица се влева во Вардар, близу селото Марвинци.[3]

Клима

Општина Валандово се одликува со средоземна клима, со многу топли денови, со блага зима, при што просечните температури се движат од -5 до 35 °C. Годишното количеството врнежи изнесува од 400 до 600 литри на квадратен метар, од кои најголем дел се во зимските и пролетните месеци. Во општината има 290 сончеви денови во текот на годината, просечната годишна температура изнесува 14,5 °C, а примената топлинска енергија надминува 4 000 степени годишно.[4]

Минерални богатства

Валандовската котлина се наоѓа на седименти од геолошки и органски талози. Самата котлина претставува моќен расед со длабочина меѓу 300 и 500 метри. Тоа се потврдува со палеонтолошкиот наод на заби од лофодон (еден вид мамути), најдени покрај селото Прстен, што покажува дека во раните геолошки периоди, во котлината имало бујна растителна вегетација. Раседот на кој се простира Валандовската Котлина е причина за честите тектонски активности (земјотреси) кои го погаѓаат ова трусно подрачје, од кои најсилен бил земјотресот од 1931 година.

Во однос на минералните богатства, кај селото Раброво, до 1960 година, бил ископуван рудникот за хром, кај селото Казандол, биле пронајдени минерали богати со бакар, а над селото Бајрамбос биле вршени испитувања за присуство на минерали богати со благородни елементи.[5]

Remove ads

Историја

Историја на административната единица

Општина Валандово за прв пат била основана во 1913 година, за време на Кралството Србија. Населени места во општината биле Балинци, Брајковци, Валандово, Горно Собри, Дедели, Долно Собри, Казандол, Кајали, Марвинци, Мемешли, Орманли, Пирава, Прстен, Раброво, Татарли, Чалакли и Честево. Општината била дел од Дојранскиот Срез, Тиквешки Округ.[6]

За време на новата држава Кралство СХС (подоцна под името Кралство Југославија), Општина Валандово продолжила да постои во рамки на Дојранскиот Срез, и почнувајќи од 1929 година, во Вардарската Бановина. Таа се состоела од населените места: Балинци, Брајковци, Валандово, Дедели, Долно Собри, Казандол, Кајали, Марвинци, Мемешли, Орманли, Пирава, Прстен, Раброво, Татарли, Чалакли и Честово.[7][8][9]

Thumb
Границите на Општина Валандово (во црвено) во периодот 1952-1955 година.

Во 1945 година, административната единица продолжила да постои под називот Месен народен одбор Валандово. Тој бил дел од Валандовска Околија, првично во Штипскиот Округ, а истата 1945 година, околијата со општината биле преместени во Велешкиот Округ, и негови составни населени места биле Валандово и Раброво.[10] Во 1947 година, според новата административна поделба, месниот одбор останал територијално непроменет и бил префрлен во Гевгелиската Околија.[11] Во 1950 година, според новата административна поделба, Месниот народен одбор Валандово бил проширен на сметка на соседниот и укинат Месен народен одбор Дедели со селата Дедели и Честево.[12] Согласно административната поделба од 1952 година, сега со називот, Општина Валандово била проширена на сметка на соседниот и укинат Месен народен одбор Марвинци со неговите села Балинци, Брајковци, Грчиште и Марвинци, но го загубил селото Дедели на сметка на обновената Општина Дедели.[13] Согласно административната поделба од 1955 година, Општина Валандово била проширена на сметка на укинатата Општина Дедели со нејзините села Дедели, Казандол, Прстен, Собри, Татарли и Чалакли, укинатата Општина Удово со нејзините села Ајранли, Аразли, Баракли, Башали, Вејсели, Градец, Ѓулели, Јосифово, Плавуш, Терзели и Удово, и укинатата Општина Башибос со нејзините села Бајрамбос, Башибос, Булунтули и Кочули. Тогаш, општината била префрлена во Титоввелешката Околија.[14] Општината не претрпела територијални промени според управната поделба од 1957 година.[15] Според Законот за подрачјата на општините од 1965 година, Општина Валандово не била територијално променета, односно останала со нејзините 29 населени места. Општината престанала да припаѓа во Титоввелешката Околија поради општото укинување на околиите.[16] Согласно општинската поделба од 1996 година, Општина Валандово не претрпела промени.[17] Општина Валандово немала промени и според поделбата од 2004 година.[18]

Општа историја на територијата на денешната општина

Во тоа што е денес Општина Валандово, постојат повеќе археолошки наоѓалишта, кои сведочат за богатата историја на овој крај. Така, во минатото, територијата на денешната Општина Валандово била дел од областа Пајонија, за што постојат бројни докази. На пример, во близина на селото Дедели, се наоѓа голема некропола со површина од околу 1,000 квадратни метри, во која се пронајдени т.н. рамни скелетни гробови од пајонско време, оградени со камени плочи во облик на ковчези (цисти).

На просторот каде што денес се наоѓа градот Валандово, биле пронајдени остатоци од римската антика, кои се присутни во трите зони на археолошкиот комплекс „Валандово“. Исто така, во овој комплекс биле пронајдени остатоци од пајонската цивилизација, како и од старомакедонскиот, античко и средовековноримскиот период. Врз основа на овие откритија, проценувано е дека во антиката, Валандовско достигнало висок цивилизациски развој, за што сведочат мозаичната површина од околу 200 м2 во северозападниот дел на градот, како и мозаиците откриени во месностите Расадник и Стакина Чешма.

На оддалеченост од 7 километри југозападно од Валандово, од левата страна на Вардар, во близината на селото Марвинци, се наоѓа археолошкото наоѓалиште Исар-Марвинци (Исар-Кале), во кое се откриени траги од праисториска населба врз чии остатоци подоцна била развиена античка населба од старомакедонскиот период. Оваа населба прераснала во значајно економско, сообраќајно и културно средиште на областа која била нарекувана Амфакситида.

Според некои претпоставки, во Валандовската Котлина се наоѓал градот Добер, кој за првпат е спомнат кон крајот на 5 век п.н.е. од страна на грчкиот историчар Тукидид.

Remove ads

Стопанство

Главна стопанска гранка е земјоделството. Повеќето луѓе во валандовскиот регион се занимаваат со лозарство и сточарство. Од земјоделските култури најмногу се произведуваат: зелка, кромид, пиперка, жито, јапонско јаболко, калинка итн.

Иако се наоѓа во близина на коридорот 10 и магистралниот пат Е-75, Општина Валандово се одликува со слабо развиена туристичка дејност. Така, според Пописот на капацитетите во угостителството од 2008 година, во општината имало 26 угостителски објекти (ресторани, кафе-барови итн.) и само еден хотел „Анска Река“, со сместивост од 26 легла.[19]

Население

Според пописот од 1921 година, Општина Валандово имала 4,113 жители. Според верската припадност, 2,452 биле православни, додека 1,661 биле муслимани. Според јазичната припадност, 2,410 биле Срби/Хрвати, 1,661 биле Турци, и 42 биле останати.[20][б 1]

Според пописот од 1931 година, Општина Валандово имала 5,146 жители, од кои 2,569 биле мажи, а 2,577 биле жени. Општината се состоела од 974 куќи и 997 домаќинства.[21]

Според пописот од 1948 година, Месен народен одбор Валандово имал 2,167 жители, односно вкупното население на Валандово и Раброво.

Следува табела според народностите во пописот од 1948 година:[22]

Народност Вкупно
Македонци 1,862
Албанци 11
Турци 137
Роми 8
Власи 1
Срби 79
Хрвати 12
Црногорци 32
Словенци 15
Неопределени муслимани 1
Унгарци 1
Бугари 1
Германци 6
Чеси 1
Руси 9
Останати и непознато 11

Според пописот од 1953 година, Општина Валандово имала 5,179 жители, односно вкупното население на Балинци, Брајковци, Валандово, Грчиште, Марвинци, Пирава, Раброво и Честево.

Следува табела според народностите во пописот од 1953 година:[23][24]

Народност Вкупно
Македонци 4,823
Албанци 2
Турци 255
Роми 29
Власи 4
Срби 29
Хрвати 6
Црногорци 13
Словенци 4
Неопределени Југословени 2
Останати Словени 3
Останати несловени 9

Според пописот од 1961 година, Општина Валандово имала 8,784 жители, односно вкупното население на Ајранли, Аразли, Бајрамбос, Балинци, Баракли, Башали, Башибос, Брајковци, Булунтули, Валандово, Вејсели, Градец, Грчиште, Дедели, Ѓулели, Јосифово, Калково, Казандол, Кочули, Марвинци, Пирава, Плавуш, Прстен, Раброво, Собри, Татарли, Терзели, Удово, Чалакли и Честево.

Следува табела според народностите во пописот од 1961 година:[25]

Народност Вкупно
Македонци 6,800
Албанци 17
Срби 436
Хрвати 21
Црногорци 70
Словенци 2
Југословени 6
Останати 1,432

Според пописот од 1971 година, Општина Валандово имала 9,200 жители, односно вкупното население на Ајранли, Аразли, Бајрамбос, Балинци, Баракли, Башали, Башибос, Брајковци, Булунтули, Валандово, Вејсели, Градец, Грчиште, Дедели, Ѓулели, Јосифово, Калково, Казандол, Кочули, Марвинци, Пирава, Плавуш, Прстен, Раброво, Собри, Татарли, Терзели, Удово, Чалакли и Честево.

Следува табела според народностите во пописот од 1971 година:[26]

Народност Вкупно
Македонци 7,664
Албанци 39
Роми 17
Срби 498
Хрвати 17
Црногорци 69
Словенци 1
Муслимани 1
Југословени 3
Останати 891

Според пописот од 1981 година, Општина Валандово имала 11,176 жители, односно вкупното население на Ајранли, Аразли, Бајрамбос, Балинци, Баракли, Башали, Башибос, Брајковци, Булунтули, Валандово, Вејсели, Градец, Грчиште, Дедели, Ѓулели, Јосифово, Калково, Казандол, Кочули, Марвинци, Пирава, Плавуш, Прстен, Раброво, Собри, Татарли, Терзели, Удово, Чалакли и Честево.

Следува табела според народностите во пописот од 1981 година:[27]

Народност Вкупно
Македонци 9,001
Албанци 58
Роми 13
Срби 642
Хрвати 11
Црногорци 58
Муслимани 5
Југословени 73
Останати 1,315

Според пописот од 1994 година, Општина Валандово имала 12,092 жители, односно вкупното население на Ајранли, Аразли, Бајрамбос, Балинци, Баракли, Башали, Башибос, Брајковци, Булунтули, Валандово, Вејсели, Градец, Грчиште, Дедели, Ѓулели, Јосифово, Калково, Казандол, Кочули, Марвинци, Пирава, Плавуш, Прстен, Раброво, Собри, Татарли, Терзели, Удово, Чалакли и Честево.

Следува табела според народностите во пописот од 1994 година:[28]

Народност Вкупно
Македонци 9,908
Албанци 13
Турци 1,465
Роми 26
Срби 626
Останати 54
Thumb
Демографска карта на Општина Валандово со селските атари, согласно пописот од 2002 година.

Според пописот од 2002 година, Општина Валандово имала 11,890 жители, односно вкупното население на Ајранли, Аразли, Бајрамбос, Балинци, Баракли, Башали, Башибос, Брајковци, Булунтули, Валандово, Вејсели, Градец, Грчиште, Дедели, Ѓулели, Јосифово, Калково, Казандол, Кочули, Марвинци, Пирава, Плавуш, Прстен, Раброво, Собри, Татарли, Терзели, Удово, Чалакли и Честево. Општината имала 6,139 мажи и 5,751 жени кои живееле во 3,545 домажинства и 4,050 станови.

Следува табела според народностите во пописот од 2002 година:[29]

Народност Вкупно
Македонци 9,830
(5,032 мажи, 4,798 жени)
Турци 1,333
(724 мажи, 609 жени)
Роми 32
(15 мажи, 17 жени)
Власи 1
(1 маж)
Срби 639
(337 мажи, 302 жени)
Бошњаци 1
(1 жена)
Останати 54
(30 мажи, 24 жени)
Јазик Вкупно
македонски 9.892
албански 0
турски 1.324
ромски 24
влашки 1
српски 621
бошњачки 0
останати 28
Вероисповед Вкупно
православни 10.135
муслимани 1.355
католици 10
протестанти 0
останати 390

Во однос на образовната структура на населението постаро од 15 години, 313 жители (3,2 %) се без образование, 2 495 жители (25,9 %) се со нецелосно основно образование, 2 859 жители (29,7 %) имаат завршено основно училиште, 3 416 жители (35,4 %) се со средно образование, 235 жители (2,4 %) имаат виша школа, 314 жители (3,2 %) имаат високо образование, а во општината има и еден магистер и тројца доктори на науки. Според економската активност, работната сила ја сочинуваат 9 590 жители, од кои 5 434 се економски активни, додека 4 156 се економски неактивни. Во рамките на економски активното население, 3 236 жители се вработени, а 2 198 се невработени. Во структурата на вработените преовладуваат оние кои се вработени во земјоделството (41,5 %), 35,5% работат во услугите и 22,3% се вработени во индустријата.[30]

Според пописот од 2021 година, Општина Валандово имала 10,508 жители, односно вкупното население на Ајранли, Аразли, Бајрамбос, Балинци, Баракли, Башали, Башибос, Брајковци, Булунтули, Валандово, Вејсели, Горна Маала, Градец, Грчиште, Дедели, Ѓулели, Јосифово, Калково, Казандол, Кочули, Марвинци, Пирава, Плавуш, Прстен, Раброво, Собри, Татарли, Терзели, Удово, Чалакли и Честево. Општината имала 5,399 мажи и 5,109 жени кои живееле во 3,453 домаќинства и 4,273 станови.

Следува табела според народностите во пописот од 2021 година:[31]

Народност Вкупно
Македонци 8,166
(4,128 мажи, 4,038 жени)
Албанци 10
(1 маж, 9 жени)
Турци 1,412
(750 мажи, 662 жени)
Роми 24
(17 мажи, 7 жени)
Срби 4
(2 мажи, 2 жени)
Други неспомнати 99
(50 мажи, 49 жени)
Лица кои податоците
се превземени од
административни извори
1,337
(674 мажи, 663 жени)
Населени места по население (2021)
Повеќе информации Вкупно, Македонци ...

Извор:[32]

Remove ads

Самоуправа и политика

Градоначалник на Општина Валандово е Перо Костадинов од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[33] Советот на општина Валандово е составен од 15 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:

Thumb
  СДСМ: 9 места
  ВМРО-ДПМНЕ: 6 места

Општествени установи

Во 1983 година, со здружување на киното „Хром“, пионерскиот дом и локалната радио-станица, бил основан Домот на култура „25 Мај„, кој претставува најважна културна установа во општината. Во просториите на културниот дом се сместени седиштата на повеќе културни организации и установи, како што се: Фолк-фест Валандово, КУД „Гоце Делчев“, Распеани Валандовчани и Радио Валандово. Исто така, во составот на домот работи матичната библиотека „Гоце Делчев“, како и постојаната музејска збирка.[34]

Remove ads

Културни и природни знаменитости

Во Општина Валандово постојат повеќе археолошки наоѓалишта, од кои најпознати се:[35]

  • Археолошкото наоѓалиште Исар-Марвинци (Исар-Кале), кој се наоѓа во близина на селото Марвинци, на оддалеченост од 7 километри југозападно од Валандово. Тука се најдени остатоци од праисториска населба и развиена населба од хеленистичко време.
  • Археолошкиот комплекс Валандово, кој се наоѓа на просторот на денешниот град Валандово, богат со остатоци од пајонската цивилизација, хелинистичкиот период, римската антика и раниот среден век.
  • Подземниот споменик на културата Идомена, кој потекнува од пред римскиот период, т.е. крајот на 4 век и почетокот на 5 век пред нашата ера.
  • Некрополата кај селото Дедели, во која се најдени гробови од пајонското време.

Општината Валандово е богата и со фосилни пронајдоци. На пример, во месноста Јолбурун, крај Прстенска Река, биле пронајдени фосили на праисториски животни од семејството на слоновите - мастодони, познати под името „Фосилите од башибос“.

Почнувајќи од 1985 година, во Валандово е одржуван најпознатиот македонски фестивал на новосоздадени народни песни Фолк Фест Валандово. Од 1992 година, во селото Чалакли е одржуван фестивалот на пролетни веселби ХИД-БАХ ШЕН ФЕСТ, кој е посветен на празнувањето на пролетнот празник Хидрелез и на негувањето на традициите на месното турско население.[36]

Remove ads

Личности

Ѓорге Иванов - Универзитетски професор и претседател на Република Македонија (2009-2019).

Петар Гошев - Поранешен претседател на ЦК на СКМ-ПДП, основач и прв претседател на Демократската партија, пратеник во Собранието на Република Македонија, министер за финансии и гувернер на Народната банка на Република Македонија.

Нано Ружин - Универзитетски професор, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО.

Remove ads

Култура и спорт

Во општината, делуваат следниве спортски клубови:

  • ФК Победа (Валандово)
  • ФК Валандово-Вардар
  • КК Александрија (Валандово)
  • OK Валандово (Валандово)

Во Валандово била изградена првата спортска сала под името „Филип II Македонски“, како дел од проектот на Владата за изградба на нови 35 сали низ Република Македонија.

Забелешки

  1. Македонскиот јазик и македонскиот народ биле третирани за српски, согласно според српскиот/кралскојугословенскиот државен апарат.

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads